Никола Ристановски – избран за М Маж на Годината 2019

Строгиот код на облекување како и точното почнување на настанот, беа испочитувани во целост од страна М Магазин. Поголемиот број од гостите покажаа дека ги испочитувале условите на поканата, а оние кои тоа не го сторија, за жал останаа пред затворените врати на МНТ.

Машки Магазин го направи својот прв голем избор на М Маж на Годината! Никола Ристановски е првиот избор на петнаесетчленото жири на магазинот, кое одлучи дека актерот ги исполнува сите критериуми за М Маж на Годината. Ристановски оваа титула ќе ја носи во текот на 2019 година.

М Маж на годината 2019

На свеченото доделување на наградите М Маж на Годината 2019 што се одржа во петокот, на 15 март во Македонскиот народен театар, беа прогласени и победниците во уште 4 категории: бизнис, култура, спорт и урбан маж на годината.

Игор Божиновски, сопственикот на „Божиновски – часовници и накит“ е избран за М Маж на Годината 2019 во категоријата Бизнис. Кошаркарот Владо Илиевски е конечниот избор на жирито во категоријата Спорт. Музичарот Џијан Емин ја освои првата титула во категоријата за маж кој остави белег во културата во изминатата година. Архитектот Мартин Пановски стана носител на титулата – Урбан маж на Годината.

Во соработка со магазинот „Убавина и Здравје“, Машки Магазин го прогласи и Мажот по избор на жените. На онлајн-изборот што го организираше „Убавина и Здравје“, читателките го предложија и го избраа за Маж достоен за восхитот на дамите, Марјан Петров, сопственикот на лаунџ-барот „Амбрела“, односно иницијатор и реализатор на социјално одговорен проект за вработување на лица со посебни потреби и нивна инклузија во општетсвото.

Автомобилскиот модел Peugeot 508 е избран за Автомобил за вистинскиот маж на годината, во соработка со магазинот „Авто Плус“, кој е всушност дел од Машки Магазин.

Доделувањето на наградите на победниците од изборот за М Маж на Годината, беа убава причина и повод за еден гламурозен настан во стилот „black tie“ ( црно-бела елеганција), што се случи на 15 март во Македонскиот народен театар.

Познати и релевантни личности од македонскиот контекст на уметнички, интелектуален, спортски, бизнис…план, заедно со номинираните во сите категории, почитувајќи ја црно-белата елеганција, дојдоа во МНТ да ги поздрават првите победници во изборот на М Маж на Годината 2019.

За уметничката програма и пријатната атмосфера на церемонијата се потрудија водителот Игор Ангелов, како и Никола Перевски –Пере во дует со саксофонистката Александра Илиева, кои имаа ефектен заеднички настап.

М Маж на годината 2019

Интересни трибјут –изведби на сцената на МНТ дадоа и Бенд-офф, а атрактивните танчери од Танцовиот театар на Рисима Рисимкин донесоа нова доза на доживување за публиката.

Победникот Никола Ристановски, и покрај сите напори да стигне на доделувањето на наградите и лично да ја прими статуетката за титулата М Маж на Годината, не успеа да ги одложи професионалните обврски со снимање на филм во Белград, па на гостите и организаторите на изборот им се заблагоради со видео-порака.

Но, ова е само почеток! Машки Магазин има намера наградата М Маж на Годината понатаму да ја воспостави како релевантен критериум во градење на културата на современите мажи.