“Карактерот и подршката од најблиските се најважниот сегмент за да се успее во кариерата. Од мали нозе научив да го ценам сопствениот труд и дека само со многу работа и вложување може да се успее. Кога се држите до вистинските вредности и работите тогаш и чекорот станува сигурен и целта препознатлива“

Во 2015 год. VOGUE.com ја стави на листата на модели на кои им предвидуваат блескава кариера. И се разбира не погреши. Последниве пет години нашата Елена Трајановска Реи блескаво ги искачува вертикалите во модниот свет потврдувајќи го своето место помеѓу врвните интернационални модели. Од ексклузива кај Келвин Клајн, преку Армани до Валентино, во исклучителната десетгодишна кариера ќе го преполни своето портфолио со ревии, кампањи и насловни страни од најпознатите светски модни имиња.

Природна, спонтана, непосредна и мила, убава и грациозна, но беспрекорно професионална, посветена и одговорна, се нештата кои ќе ја доведат до врвот, па сепак се чини дека пресудна точка ќе е фамозниот X фактор, толку необјаснив, а толку видлив со кој ве плени од прва.

ММАГАЗИН: Модата е место каде можноста да се зграпчи хазардерскиот момент да се биде на вистинско место во вистинско време (суштинскиот модус на регрутирање модели) е единечна шанса. Колку (не) случајно се случи твојот влез во модниот свет?

Мојата мајка била модел во Југославија и од мала пораснав со идејата дека треба да ја наследам. Не сум сигурна дали некогаш изборот беше мој, но од кога можам да се сетам, знам дека мојата фамилија и блиските пријатели го очекуваа тоа од мене, па така на свои 13 години за прв пат отидов во модната агенција Моделс Ин со која што до ден денес соработувам.

ММАГАЗИН: На интернационалната модна сцена нагази со прекарот Елена Реи веројатно поради потребата од уметничко име кое лесно се памети. Како го одбра токму ова?

Елена Реи потекна случајно. Долго време не бев дел од социјалната мрежа Фејсбук, но со мојот упис на факултет и постојаните патувања единствен начин да бидам во тек со сè беше да сум вклучена во сите групи на самата платформа каде што се моите соученици. Седев дома креирајки лажен профил кој ќе служи токму за групите на мојот факултет,.. почнав со своето име Елена и размислував кое презиме да го употребам, а во позадина на радио одеше песна од Слаткар, па делот кај што пее “Панта Реи не е ништо како порано” ми беше инспирацијата за креирање на тој профил Елена Реи. Година дена подоцна заедно со мојот менаџер Алек Наумовски и мојата поранешна менаџерка Јелена Ивановиќ дојдовме до заеднички заклучок дека одлично звучи и пред моето заминување во Њујорк официјално го употребивме.

ММАГАЗИН: Во светот на модата каде што времето тече во забрзан временски ритам, не постои друг начин освен „фрлање во оган“… каде многу поизвесно е пеплосувањето одколку челичењето. Твојот солиден стаж својствен само за најиздржливите говори дека мошне успешно минуваш низ процесот. Како успеа во најделикатната животна возраст да го сочуваш тлото под нозете тогаш кога лесно можеше да се одлета во облаци?

Карактерот и подршката од најблиските се најважниот сегмент за да се успее во кариерата. Од мали нозе научив да го ценам сопствениот труд и дека само со многу работа и вложување може да се успее. Кога се држите до вистинските вредности и работите тогаш и чекорот станува сигурен, а целта препознатлива.

ММАГАЗИН: Поупатените во светот на модата знаат дека успешноста и текот на кариерата на моделот пресудно зависи од агенцијата (букерите) кои ја застапуваат. Како изгледа тоа?

Токму така, текот на кариерата на еден модел е во рацете на агенцијата која го застапува поточно, на букерот кој е задолжен за тој модел. Доколку букерот се вложува и дава максимум за својот модел, успесите се неизбежни.

Секоја девојка е индивидуа сама по себе и одлучува како работи во модниот свет. Одговорен модел ги слуша добронамерните совети од својата агенцијата и високо се држи до моралниот кодекс.

ММАГАЗИН: Каква е комуникацијата меѓу вас девојките, директната конкуренција, различниот сензибилитет произлезен од различното потекло, различни карактери и се разбира, различните мотиви и цели?

Секоја девојка е индивидуа сама по себе и одлучува како работи во модниот свет. Одговорен модел ги слуша добронамерните совети од својата агенцијата и високо се држи до моралниот кодекс. Сите сме различни и за секоја има место во модата, но само напорната работа и истрајност ни го гарантираат местото во светот на модата. Комуникацијата меѓу нас моделите првенствено не поврзува заедничкиот интерес во модата.

Моделите со кои контактирам ги бирам според истиот критериум за пријател, доколку нашите карактери и заеднички интереси се совпаѓаат тогаш тоа прераснува во едно вистинско и трајно пријателство, но доколку не сме доволно контактибилни во тој случај нашиот однос се сведува на строго професионален како и на работа така и доколку сме во заеднички престој. Долгогодишното искуство се сведува на тоа да после одреден период сте во можност да сами го направите изборот со кого ќе престојувате па така и јас во последните неколку години живеам со својте најдобри пријателки.

ММАГАЗИН: Несомнено ова е кариера за почит, веројатно најуспешна на македонски модел до сега, со обем и во континуиран временски период кој е ретко одржлив, па сепак се чини дека го немаш “комплексот“ на звезда. Колку таа ментална матрица ти помага во кариерата?

Никогаш не треба да заборавиш од каде си почнал и која ти е целта… и најважно од сè е да не се заборави кои биле луѓето кои ти подале рака. Ова се должи на мојот карактер и секако на визијата која ја имам за самата себе.

На работното место во студио не постојат звезди, сите сме дојдени да ја завршиме работата најпрофесионално што можеме па затоа и сите се придржуваме до целта, а тоа е успешно завршен проект.

ММАГАЗИН: Твоите врвни дострели се работата со најголемите модни имиња на денешницава. Како изгледа комуникацијата со нив и тој езотеричен свет одвнатре?

Во секој моден проект има модна хиерархија и секој го знае своето место па така и моделот е на врвот на таа така наречена пирамида. Моето лично искуство кажува дека моделот е најважниот сегмент од секој проект па така и самиот тим вложува максимум за да моделот биде исполнет, среќен и добро се чувствува за време на работата, зошто само така се доаѓа до посакуваниот резултат. Едно од многуте лични искуства беа и соработките со тимот на Калвин Клајн, Шисеидо, Ла Мер, кои секогаш се грижеа за мене онолку колку што можеа, за да атмосферата на работа ја прилагодат најдобро на моите потреби.

ММАГАЗИН: И најуспешната кариера на модел трае само до следниот кастинг. Како комуницираш со ова сознание и каков план имаш сето ова скапоцено и раритетно искуство да го ставиш во функција на својата иднина, особено сега кога се чини дека светот на модата ќе се видоизменува?

Светот на модата се менува постојано но сепак станува збор за мода, а сите сме свесни дека таа е различна секоја година, секоја сезона. Модата се менува уште од појавата на првите модели во светот па сè до денес и никој од нас не може да знае што не очекува, но во едно нешто сум сигурна, а тоа е дека светот на модата секогаш ќе постои па така и ние ќе се прилагодиме на тие промени.

ММАГАЗИН: Динамично и возбудливо, но веројатно се чини дека напорно и осаменички изгледа нужното постојано рашетување низ светските дестинации. Како приватниот живот се справува со тоа?

За сè во животот е потребно да се има баланс па така и во оваа професија, професионалниот и приватниот живот за да функционираат успешно потребен е баланс, и доколку нешто се сака може да се постигне, но нормално, се бара внимание и љубов.

Ми се случило за краток временски период да се најдам на три различни континенти и самото тоа допринесува да бидам под голем стрес и да се чувствувам осамено бидејки моите најблиски не се до мене и се во различна временска зона па и не секогаш од премногу работа сум успевала да комуницирам кога ми било најпотребно. Тоа што секогаш ми помагало да се изборам со моменталните чувства било дека ја имам подршката од најблиските без разлика колку и да се далеку и благодарение на својот исклучителен карактер што секогаш ме носел до крајната цел.

Елена Трајановска Реи

ММАГАЗИН: Колку начинот на живот во овие десетина години влијаеше врз твоето растење, созревање, оформување како личност и го дефинираше твојот животен стил (навики, дисциплина, однесување..)?

Со самото тоа што ја започнав својата интернационална кариера на 15 години немав простор за тинејџерски период и бев принудена да созреам порано од своите врсници. Кога се наоѓате на другата страна на светот на свои петнаесет години единствено што ви останува е да научите да се грижите за себе и да превземате одговорност за вашите постапки. Од денешна перспектива сум благодарна на оваа професија и целото искуство што со неа го стекнав.

ММАГАЗИН: Што говори искуството за сличноста и разликите на момците од четирите страни на светот?

Немам искуство со мажите од четирите страни на светот за да дадам одговор на ова прашање бидејки сум во долгогодишна врска и според мене го имам најсветскиот и најсовршениот маж што една девојка може да го посака.

ММАГАЗИН: Твојата оценка за модните актери овде? Зошто локалните модели воопшто не ни прават обид за интернационална истапување?

Кога доаѓате од земја како нашата немате многу можност за интернационална кариера, патот на еден модел за да излезе од државата е навистина макотрпен и на почетокот треба многу вложување, па и не секој модел е спремен на тоа. Исто така голема улога во овој процес се и матичните агенции и агенти кои ја имаат задачата да го препознаат и откријат потенцијалот кај идните модели и преку нивните контакти да успеат да го пласираат самиот модел во интернационалните модни агенции. Агенцијата Моделс Ин од која што сум дел прави неколку кастинзи во текот на годината каде што доагјаат букери и скаути кој можат да го убрзаат процесот за пласирање на моделите.

 

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.