Вчера беше промовиран третиот по ред студиски албум на бендот Никеја
насловен како „New folder“, што на своевеиден начин е одбележување на 25-годишното опстојување на групата во нивната рокендрол-определба.

Албумот е во издание на Здружението на автори на музички дела на Македонија „Шпато“, а подржано е и од Министерство за Култура. Албумот содржи 10 композиции, на кои комплетен автор е Дејан Ќурчиев.

Цртежот за обвивката на албумот е дело на ќерката на Дејан, Мена. Инаку, бендот го сочинуваат: Дејан Ќурчиев – вокал и гитари, Александар Стојановски – бас гитара и на тапани Лазар Коцев.

– Новиот албум е збир на теми што внимателно ги селектиравме и споивме како една уникатна целина. Исто така може да се забележи моето кокетирање, како комплетен автор, со поп-призвукот што провејува речиси низ целиот албум. Инаку јубилејот го реализираме во неколку фази. Промоцијата на компакт-дискот се случи во септември, кога беше премиерно прикажан и видео записот за темата „Чаплин“. Потоа ќе одржиме концерти во Прилеп на 6 октомври и во Охрид на 12 октомври, а ќе следуваат концерти во уште неколку градови, во текот на ноември. За декември е планирана промоцијата на видео записот за песната „Љубов бараш“ во Скопје – рече фронтменот на „Никеја“.