Животот е составен од плејада непријатности кои е неминовно да ги поминете – одење на забар, проверување СПБ, запознавање на мајката на вашата девојка… Пред панично да ги запалите патиките и да избегате најбргу што можете, сипете дупла доза виски и прочитајте што имам да ви кажам. Ќе го преживеете и ова, ветувам! И не, нема да бидете како Бен Стилер во Meet the parents!

Да се спријателите со мајката на вашата девојка може да биде огромен предизвик, имајќи го предвид фактот што секоја, ама апсолутно секоја мајка има високо (односно превисоко, неретко нереално) мислење за својата „малечка принцеза“. Ако во целото запознавање го вклучиме и таткото тогаш едноставноста дијаметрално спротивно расте и достигнува некоја форма на нуклеарна физика и квантна механика. Ако на ова ги додадете и сите можни негативни исходи (кои веројатно нема да се случат, но на кои дефинитивно ќе помислите), добивате совршена формула за hit and run. Но, како секој добар освојувач, тактиката е да се освојуваат териториите една по една, ако се освои „големата мајка,“ теренот е подготвен за следниот чекор. Како и да е, да се пробие кодот и да се влезе во „кругот на обожуваните“ на семејниот матријарх е од суштинско значење, на долг рок, па затоа потребно е да бидете подготвени и наоружани со аура на добар и достоен маж.

Како што тајните агенти се инфилтрираат во опасните објекти на своите мети, така некако ќе треба и вие да го разбудите вашиот внатрешен таен агент. Три работи се многу важи – добри манири, трпеливост и учтивост. Со помош на овие полека ќе се впушите во акција – не сакате да направите погрешни чекори уште на самиот почеток, сепак имате само една шанса за оставање прв впечаток. Плус, и вашата девојка чувствува притисок да оставите добар впечаток на најважната жена во нејзиниот живот. Но, пред да се впуштите во мисија, имајте го на ум следново – запознавање на членовите на семејството на вашата девојка е значаен чекор во врската.

Во тој момент излегувате од лагодноста на т.н „гледање“ и се впуштате во нешто посериозно, влегувате во социјалните и семејни кругови и оденаш вашето име добива лик и дело. По овој чекор, нема да можете да се извечете како тотален анонимус. Доколку сте подготвени за ова, не грижете се, после текстов ќе бидете мажот за кој мајката на вашата девоја ќе им раскажува на нејзините пријателки!

1. Задолжително донесете подарок

Како и секој добар гостин, ако сте поканети во домот на родителите на вашата девојка, задолжително и неопходно е да донесете подарок за нејзината мајка. Но, без претерување – квалитетно вино (прашајте ја вашата девојка кое вино го преферира), бонбониера, букет цвеќе – ова се опциите. Започнете скромно, но отмено. Трикот е следен, првиот впечаток се брои и истиот мора да е постигнат преку претставување на вашата личност, а не преку вашиот паричник.

2. Облеката е важна

Да бидеме искрени, колку и да се правиме дека живееме во општество каде книгата не се суди според нејзините корици, сепак природата на човекот е таква, што истиот е визуелно суштество. Исто како што би се потрудиле да се облечете прикладно на важно интервју за работа, така е потребно да се облечете прикладно и за оваа прилика. Стојте подалеку од тесни фармерки, дуксери или не дај боже тренерки! Она што од вас го бара оваа пригода е културна поло маица (или џемпер), евентуално кошула (не заборавајте да ја испеглате!) и културни фармерки или ‘casual’ кежуал пантолани. Обратете внимание на чевлите – златното правило е дека колку и прикладно да сте облечени, доколку чевлите не ви се светнати, сè ви паѓа во вода.

3. Однесувајте се со почит

Ова секако се подразбира. Шансите дека на оваа прва средба, мајката на вашата девојка ќе ве набљудува буквално во секој потег, се неспорни. Секој детал е важен. Затоа не заборавајте на следново – отварање на вратата од автомобилот доколку треба да одите некаде, доколку сте во нејзиниот дом, по вечерата понудете се да и помогнете во раскревањето, заборавете на вашиот телефон и доколку останете на преспивање задолжително наместете го креветот откако ќе станете (и не се обидувајте да провалите во собата на вашата девојка!) и никако не се шетајте наутро во пижами. Овие ситни, но многу значајни работи ќе ве направат да изгледате небаре сте родени со манири, но овие нешта не треба да ги правите само за да оставите добар впечаток некому. Ако ви прераснат во навика, ќе бидете џентлмен дури и без да се трудите.

4. Не дозволувајте разговорот да замре

Еден од најдобрите начини да шармирате некого е доколу покажете вистински интерес за личноста со која зборувате. Луѓето сакаат да зборуваат за себе и сакаат кога некој покажува интерес за нивиот живот. Токму затоа поставувајте прашања и внимателно слушајте. Кога ќе добиете повратна информација, поставете под прашање поврзано со темата, така ќе дадете до знаење дека сте внимателен слушател, а воедно така покажувате емпатија. Емпатијата, верувајте е светиот грал кај мајките! Исто така следете ги основните правила на учтив разговор – избегнувајте контроверзни теми (политика особено!), не прекинувајте додека другите зборуваат, не користете пцовки и не настапувајте многу агресивно. Уметноста на водење квалитетен разговор е нешто што мора да го совлада секој вистински џентлмен. Треба точно да процените што да кажете, а што не и секогаш во ракав да имате пријатна шега како би воодушевиле со вашата духовитост, дури и доколку некаде „прочкрипи“ во разговорот.

5. Давајте комплименти

Во контекст на претходното, особено значајно е повремено да дадете некој учтив комплимет „Имате прекрасен дом“ или „Ви благодарам за вечерата, беше навистина прекрасна“. Исто така кажете два три убави збора за вашата девојка, сепак на секоја мајка ќе и годи да слушне како воспитала прекрасна дама. Секако не претерувајте, бидејќи линијата е тенка помеѓу учитвоста и полтронството.

6. Крајот го краси делото

Пишувањето на картичка во која ќе ја изразите вашата благодарност за гостопримството и прекрасно поминатата вечер, можеби е уметност која замира, но верувајте, нема ништо подобро од тоа некому да пратите рачно напишано писмо во кое се заблагодарувате. Не само што со овој гест покажувате дека сте одвоиле од своето време за да се заблагодарите онака како што доликува, туку оставате впечеток на маж со џентлменски „oldschool“ манири, нешто кое дефинитивно остава позитивен впечаток. Или барем во модерна интерпретација, пишете една порака на телефон, наредното утро или попладне (ако бил ручек).

И тоа е тоа, колку и навидум да изгледа страшно доколку претходно се подготвите нема да имате никаков проблем. Сепак, внимавајте да не изгледате стегнато или неприродно, правете ги нештата небаре се најприродното нешто за вас. И запаметете – сите добри нешта следат откако ќе оставите добар впечаток кај „големата мајка!“

Пишува Лилит

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.