Веројатно често посакувате да сте еден од оние мажи по кои е неизбежно човек да го сврти погледот на улица. Не зборуваме исклучиво за гардеробата – таа веројатно ќе ви го привлече вниманието, но шармот честопати доаѓа од насмевката, од парфемот, од уредната коса. Без многу должење, ова се некои од основните навики кои треба да ги земете предвид кога станува збор за личната хигиена и добриот изглед. Верувајте, девојките забележуваат!

Користете SPF!

Неопходно е да вметнете заштитен фактор во секојдневната нега. Оние линии кај очите можеби изгледаат привлечно кога се смеете на 25, но на 50 ќе бидат таму и без да се смеете. Кремот со заштитен фактор не само што делува како стратегија против стареење (брчки и старечки флеки), туку заштитува од УВ зраците и загадувањето на воздухот. На ова, додадете 8 часовен сон, зголемете го внесот на вода, а намалете го оној на шеќер и алкохол и ќе измамите едно десетина години од ликот.

маж

Обрнете внимание на брадата

Ако веќе сте решени брадата да биде дел од вашиот имиџ, треба соодветно да се грижите за неа. Тоа не подразбира вклучување на апаратчето за шишање и поминување на целата површина на лицето, како што прават повеќето момци. Самиот апарат има повеќе глави кои се менуваат со причина. Искористете ги! Брадата е вашето платно и имате илјада начини да бидете креативни.

Менувајте го патронот на бричот по секоја 6-та употреба

Ова е исклучително важно за одржување на хигиената. Бричот како алатка, во понудата кај повеќето компании се состои од еден патрон и повеќе жилети. Намената на жилетите е да ги менувате после секое бричење, додека за патронот на самиот брич се препорачува промена на секои 6 до 8 користења. Така се ослободувате од акумулирањето на мртви клетки, влакненца и бактерии на самиот патрон.

мажЧетката за заби менувајте ја на секои 3 месеци

Светските стандарди за хигиена препорачуваат менување на четката за заби на секои 3 месеци, бидејќи опаѓа квалитетот на влакненцата на истата – стануваат меки, превиткани и не ја вршат оптимално својата функција. Некои од онлајн брендовите кои продаваат бамбусови четки, на пример, имаат опција за закажување, па по третиот месец ви испраќаат нова четка. Но, дури и да треба да ставите опција во календарот на телефонот „Купи нова четка“, сторете го тоа! За хигиената се работи.

Најдете си дерматолог и посетувајте го редовно

Сите ја избегнуваат посетата на лекар освен кога тоа не е неопходно, но освен ако немате бебешка кожа и неверојатно густа коса, пронајдете си квалитетен дерматолог и држете се до него. Консултациите со дерматолог ќе ви го олеснат проблемот со акните, брчките и оние несовршености кои ви пречат. Посетувајте го дерматологот редовно и држете се до неговите совети. 

маж

Користете ја опцијата за ладен воздух на фенот

Го знате она копче на фенот кое испушта студен воздух? Тоа е одлично за стилизирање на косата. Откако добро ќе ја исушите и обликувате со топлиот воздух, стиснете го копчето за студен кое ќе помогне производите кои ги користите за обликување да ја завршат својата работа на најдобар можен начин. Но, внимавајте! Ако ја изгорете косата при сушење, не постои студен воздух кој ќе ја поправи штетата. 

Балсам почесто, шампон поретко

Еве како да имате добра фризура секоја ден: Секојдневно користете регенератор, балсам или маска за коса, а шампонот скратете го на секој втор или трет ден. Шампонирањето е добар начин да ја исчистите косата и да се ослободите од нечистотиите, насобраниот себум или остатоците од лак, восок и други слични производи. Но, вистината е дека и темелно плакнење на косата ќе се ослободи од горенаведените штетници. Балсамот, маската или регенераторот ја хидратираат кожата и ја чуваат нејзината природна влажност.