…А ниту една од нив не е кариес. 

Забоболката ќе ви ги уништи слатките задоволства во животот – топлото кафе, сладоледот после ручек. Во некои случаи, ќе ви го уништи и секојдневието и животот, особено ако не преземете нешто сериозно. Вообичаено, болката е показател дека ви е потребно полнење, односно дека забот има оштетување благодарение на кариес. Но, има случаи и кога болката покажува нешто друго…

Фрактури

Болка кога џвакате може да биде резултат на скршен или пукнат заб. Експертите велат дека фрактурите на забите често може да се невидливи за голото око, но знаат да предизвикуваат болка. Грицкањето лед, шкрипењето на забите или навиката на грицкање пенкала и отворање нешта со помош на забите, може да доведе до нивно пукање или кршење. 

Чувствителност

Ако чувствувате непријатност или болка кога пиете топол чај или јадете сладолед, тоа може да е показател на чувствителност на забите која пак се јавува како резултат на изложеност на коренот, разлабавена пломба или повлекување на непцето. Заменете ја обичната паста со специјално наменета за чувствителни заби и четка со помеки влакна. 

Орална инфекција

Понекогаш забоболката се јавува како резултат на нетретиран кариес која предизвикал акутна инфекција навлегувајќи во коренот на забот. Ќе го забележите по отокот и исцедокот. 

Инфекција на синусите

Редовно ги четкате забите и ги чистите со конец, никогаш немате кариес и редовно посетувате заболекар, а сепак чувствувате болка па логично е да се запрашате за што станува збор. Во некои случаи, болката ја предизвикуваат синусите, односно некое воспаление или инфекција на синусите. Коренот на забите е жива материја испреплетена со нерви и се наоѓа многу близу до синусот. 

Автоимуни заболувања

Иако ретко, некои заболувања може да предизвикаат и проблеми со оралното здравје. Кожените автоимуни заболувања како лишај и пемфигус, кои се манифестираат со меури и осипи на кожата, може да предизвикаат забоболки. 

Сепак, понекогаш станува збор само за заглавено парче храна, кое бара поагресивен третман на четкање или чистење со конец. Во секој случај, доколку чувствувате болка, навремено посетете го својот стоматолог. Дури и да не станува збор за кариес, па болката ја предизвикува некоја од горенаведените причини, мислењето на професионалец ќе го реши или барем ублажи проблемот.