Единствено нешто поздодевно од тоа да имате акни е да не знаете зошто постојано ви се појавуват акни. Секако, појавата на акни е и генетска, но одговорот на прашањето се крие и во дневните навики и рутини – исхрана, сон, стрес.
Не ја одбегнувајте средбата со дерматолог каде сигурно ќе добиете третман и совети за тоа како да се грижите за кожата. Но, постојат неколку навики на кои треба да поработите.
Не спиете доволно
Едно од најдобрите нешта кои можете да му ги подарите на целиот организам, вклучувајќи ја и кожата како најголем орган е добриот сон во текот на ноќта. Оптимално, истиот треба да трае 7 до 8 часа и претставува еден вид копче за ресетирање и период во кој сите клетки и системи во организмот се регенерираат.
Квалитетниот сон влијае врз намалување на стресот и прекумерното лачење на хормоните. Го намалува стресот така што го инхибира прекумерното лачење на хормонот кортизол кој пак иницира лачење на екстра себум. Освен тоа, одморајќи се, порите се чистат,а умот се смирува.
Валкана навлака за перницата
Кога сме веќе кај спиењето, замислете дека една третина од времето минато во спиење го минувате со лицето на перницата. Сите нечистотии од кожата и косата се втриени на самата перница во текот на ноќта. Бидете претпазливи и менувајте ја навлаката на перницата барем еднаш во неделата, а легнувајте секогаш со чисто лице и коса.
Многу сте под стрес
Стресот е еден од најголемите причинители на акни. Кога сме под стрес, нивото на хормонот кортизол неконтролирано расте што предизвикува излачување на себум кој ги затнува порите и предизвикува големи, болни, здодевни акни.
Себумот во одредени количини и пожелен бидејќи за одржува влажноста на кожата, но прекумерното лачење е она што ви прави огромен проблем. Иронијата во целата приказна е што самите акни и нивната појава прават дополнителен стрес и нервоза, па тоа не му помага на овој магичен циклус воопшто, зар не?
Потребни ви се промени во исхраната
Ако сакате да го пронајдете коренот на проблемот, најдобро е да почнете од исхраната. Можеби вашата кожа лошо реагира на одредени типови храна како млечни производи и јаглени хидрати, што често е и генетски проблем.
Шеќерите и преработените јаглени хидрати ги зголемуваат нивоата на глукоза во крвта, со што се зголемува тестостеронот и останатите хормони, а веќе знаете што тогаш се случува.
Од таа причина, обидете се да намалите на шеќер и слатки производи, преработена храна, леб, житарки полни шеќери, тестенини од бело брашно и слично.
Дехитрирани сте
Можеби не до степен на онесвестување, но не консумирате доволно вода за организмот да може да си ги врши оптимално сите процеси. Што значи дека организмот треба да излачува повеќе себум за да ја одржува влажноста на кожата и на тој начин ги затвора порите. Намалете го внесот на кафе и алкохол и заменете го со уште некоја чаша вода. Освен тоа, задолжително нанесувајте заштитен фактор 30.