Од 18 до 23 мај 2019 година – по трагите на успехот на претходните изданија – во “Кинотеката на Република Северна Македонија” во Скопје ќе се одржи 19-то издание на “Недела на италијанската кинематографија”, фестивал на италијански филм.

Настанот е организиран од Италијанската Амбасада во Скопје и е во склоп на иницијативата на италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка “Создаваме филм – Fare cinema”, сега веќе во своето второ светско издание, со цел промоција на италијанската филмска индустрија во светот и на односите на соработка со другите национални индустрии, вклучувајќи ја и македонската.

Недела на Италијанската Кинематографија

 

Отворањето на Фестивалот е на 18 мај со проекција на филмот “Секој проклет Божиќ”, забавна комедија на „италијански начин” во режија на Лука Вендрусколо (2015), на која ќе и претходи видео-поздрав на режисерот и на глумците специјално сниман за македонската публика.

Неделата ќе продолжи со проекција на низа филмови, меѓу кои големите класици на италијанската кинематографија со глумци од меѓународна слава како Марчело Мастројани и Софија Лорен („Брак на италијански начин„; „Необичен ден“). Филмовите се со превод на македонски јазик.

Вечерта на 23 мај ќе има посебен настан: ќе се одржи проекцијата на филмот “Исцелител”, пријатна македонска комедија снимена на улиците на Скопје (2017). Филмот доби големи признанија од страна на меѓународните, а особено и од италијанските критичари, така што се здоби со признанието најдобар филм на 36-то издание на филмскиот фестивал „Bergamo Film Meeting ” и во последниве неколку месеци се прикажа во многу италијански кино сали, секогаш со одличен успех.

Важноста на настанот ќе биде потенцирана со присуството на режисерот Ѓорче Ставрески и на италијанскиот дистрибутер Џулија Еспозито („Лаб 80″), позитивен пример за итало-македонска соработка од областа на кинематографијата.

Заедничката нишка која ги поврзува филмовите избрани за “Неделата на италијанската кинематографија” е важноста на семејството во општеството и промените со кои истото се соочило во текот на годините.

Преку филмови од различни временски периоди, ќе може да се прикаже описот на семејните односи од различни аспекти, толкувани во комичен стил, понекогаш ироничен и саркастичен, но секогаш на забавен начин.