“На сцената и на големото платно можам да бидам сè што ќе посакам. Детето во мене не порасна и нема да му дозволам да порасне. Ќе му дозволам да истражува, да креира, да достигнува, да поместува граници. Тоа мене како актер ќе ме прави сè поуспешен, а како човек, посреќен.”

Талентот не може да се сокрие. Прашање е само неговото разаоткривање. Но ако артикулацијата е придружена со харизматичност, шарм, неверојатен набој на позитивна енергија и поткрепена со љубопитност, енергичност и низа на други таленти тогаш станува јасно зошто актерот Жарко Димоски ја освојува публиката од прва и зошто во својата десетгодишна кариера ќе се стекне со професионален багаж кој ќе му ја донесе титулата „Најнаградуван актер на возраст до триесет години“!

ММАГАЗИН: Кога го детектиравте глумецот во себе, бидејќи нели, глумецот се раѓа, не се создава?

„Нема подобра работа од работата која ја има актерот – да го учиш човековото срце да се спознава себе си“ – Сер Лоренс Оливие. Неизбежно прашање за еден актер. Како што поминува времето, одговорот на ова прашање сè повеќе се шири, но основата останува иста. „Детето“ во мене отсекогаш сакало да истражува, да игра, да го открива непознатото, да си подигрува со огнот.

Од таму некако се роди целата приказна за актерството. На прашањето „што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш?“ секогаш велев: човек што поседува временска машина. Не случајно сум го давал овој одговор, затоа што сакав да бидам многу „нешта“.

Да се борам рамо до рамо со Џовани Џустиниани, да се напијам чај со Шејкспир, да излезам на двобој со Вајат Ерп, да бидам прв другар Лаки Лучиано, да анализирам со Фројд, да одам на лов со Тесла, да купуваме книги со Чехов… На сцената и на големото платно можам да бидам сè што ќе посакам.

Детето во мене не порасна и нема да му дозволам да порасне. Ќе му дозволам да истражува, да креира, да достигнува, да поместува граници. Тоа мене како актер ќе ме прави поуспешен, а како човек, посреќен.

ММАГАЗИН: Со кои други Ваши таленти сте на Ти -сојузници или конкуренти на глумата?

Човековата душа е најмистичното нешто кое постои на „овој“ свет. Непосредно поврзани со глумата, лично за мене се музиката и поезијата. Како со глумата, така и со овие две работи, можам да си ја истражувам сопствената душа, да ја лечам и продуховувам.

Да ги откривам сопствените длабочини и да ги осветлувам сопствените темнини. Колку сојузници, толку и конкуренти. Сум имал ситуации во животот каде музиката многу ми помогнала во креирањето на одреден лик, сум ја донел на сцена преку пеење и свирење, но апсолутно и приватно како Жарко, не би можел да го замислам животот без музика.

Сите оние кои ме познаваат знаат дека музиката тече низ мене непрестано. Што се однесува до поезијата пак, тоа е нешто што го правам надвор од сцената. Тоа е еден друг канал што го отварам и го преточувам на хартија. Ексклузивно за вашите читатели, мало парче душа од мојата поезија која наскоро ќе се најде на мојата прва стихозбирка.

“Се одржувам буден во заспаното едноумие,
Сонувам бурно во блудното секојдневие,
Ронам надеж по патеките на меланхолихијата,
Го обликувам времето со своите раце,
Го газам истото со боси нозе,
Покриен сум со завојот на храбрите.
Раните ги мачкам со мелемот на древните,
Стојам на скалите од детството.
Го хранам детето во мене со копнежи идни.
Ги ширам крилата,
Ги сликам мирисите,
Молчам толку гласно, што одекнува до самиот корен на органот.
Умот, срцето и еросот, ги нижам на игла,
Чувствувам допир – станувам бестелесен.
Цвет по цвет ти плетам круна.
Солза по солза ти градам трон.
Принцот на твојата утроба е моја цел.
Седиштето на твоето срце е моја сила.”
ММАГАЗИН: Покрај сензибилитетот и физикусот игра важна улога во дефинирањето на улогите. Со каков став му одите во пресрет?

„Tabula Rasa“ – ова е мотото што јас си го поставувам со секоја нова улога. Пристапот на креирање на улоги, секогаш е ист во мојот случај. Сакам одново и со празна глава да гледам на секоја на нова улога. Секој претходно испишан материјал на таблата, го бришам за да можам одново да ја исполнам таа табула раса со нови содржини уште поопширни од претходните, со нови искуства и нормално со забава и многу игри.

Како за сензибилитетот, така и за физикусот, пристапот е ист. Имам играно улоги од најразлични возрасти и од најразлични полови. Една од последните мои креации беше Габриела Жаркез – „Dragqueen“ во претставата ,,Жени пред нервен слом” која уште еднаш ми покажа дека можам во фустан и на штикли да излезам во пресрет на физикусот и сензибилитетот на дадената улога. Сакам предизвици и колку се подалечни ликовите од Жарко, толку сум посреќен.

ММАГАЗИН: Имате ли конкретна желба за одредена улога која може да се одигра во определено животна доба?

Мислам дека дел од одговорот на ова прашање се состои во одговорот на првото прашање. Колку понеочекувана улога ме затекне, толку подобро ќе е мојата чистина, во смисла на актерската хигиена. Во различни етапи од мојата кариера доаѓале и си оделе многу ликови и уште многу ќе дојдат, но има некои кои и ден денеска ми се моткаат низ глава. Од крал Лир, преку Дон Жуан, Калигула, итн.

ММАГАЗИН: Ако се суди според перформансите на актерот( но и според реакциите на публиката), мјузиклот е најизискувачкиот жанр. Кој е за Вас најголем актерски предизвик?

Секој актерски предизвик си има своја тежина. Секој жанр е тежок на свој начин. Секоја улога апсолутно е различна на свој начин и сè зависи од околностите и жанрот во кој таа е ставена. Мјузиклот како театарски жанр бара од актерот да е спремен на повеќе полиња. Сепак ќе напоменам, дека се зависи од улогата, но актерите кои играат во мјузикли, мора совршено да се исто толку добри танчери и исто толку добри пеачи.

Кога се работи еден мјузикл, мора да имаш посебни проби за претходно наведените работи. Мјузиклот во светот, па и кај нас, се работи скоро дупло повеќе од обична претстава, заради потребите, тежината и самата организација на проект од овој тип. За жал во моментов, немаме мјузикл од светски тип, а сме имале, и се надевам дека тоа ќе се случи во најблиска иднина. Најслична претстава од овој тип е претставата ,,Боливуд” во продукција на Театар Комедија и топло ја препорачувам на сите читатели.

фотографија од архивата на актерот Жарко Димоски
ММАГАЗИН: Што е потешко, да се влезе или да се излезе од улогите?

„Да живееш вистински во измислени околности“ – ова е една од дефинициите за глума што мене ми се омилени. Нема ништо поубаво од тоа да можеш да си играш и да можеш да избегаш од себеси. Затоа често велам дека ние глумците живееме повеќе од обичните луѓе, затоа што секоја вечер нашите приватни животи ги ставаме на пауза и живееме туѓи животи.

Во мојот случај апсолутно е еднакво тешко да се влезе и да се излезе од улогата. Влезовите и излезите во улогите се како лавиринти. Колку подлабоко влегуваш, толку е поголем ризикот никогаш да не излезеш, но со добра спрема се е можно. Затоа постојат најразлични методи, учења и техники за работи од овој тип.

ММАГАЗИН: За десет години професионелен живот собравте поприлично богат багаж од улоги, проекти, награди и признанија. Тоа е резултат на лична амбиција или редоследен след?

Кога амбицијата е доволно јака, текот на настаните оди по логичен редослед. За тоа да биде така, мора да се даде многу фокус кон остварување на самите амбиции. Има една поговорка што многу ја сакам, а вели: „Внимавај што посакуваш, може да ти се оствари“. Неслучајно е кажано ова, затоа што кога кон желбата се додава труд за остварување на самата, како физички, така и психички, таа и се остварува.

Во изминативе десет години ја имав честа да работам со големи имиња, да добивам награди и признанија, како национални така и интернационални, а со тоа да бидам еден од најнаградуваните глумци до триесет години. Мојата последна премиера беше 40-та во низата и се надевам дека ова темпо нема да престане уште долго време.

ММАГАЗИН: Колку сте амбициозни во смисла на „апдејт“ и „апгрејт“? Можно ли е воопшто вистинскиот актер постојано да не се надоградува во својата професија?

Актерското тело е како земјата, а нашата професија како плодовите на таа земја. Ако ние секојдневно не ја наводнуваме таа земја, не ја изложуваме на сончева светлина и не и ги пружаме идеалните услови за живот, плодовите ќе ги снема. Како физички така и ментално актерот мора секојдневно да се надоградува. Секојдневно работам на мојата физичка спремност, секој ден ги поместувам границите, колку што можам подалеку.

Од моја гледна точка, актерот пред сè мора да е психички спремен и да се надоградува. Медитацијата, молитвата, поврзувањето со колективната свест, мора да е непрестајни. Како што човекот учи додека е жив, така и актерот мора цело време да изучува нови работи, техники за глума и нови методи и системи. Тоа е мојот рецепт за успех. Апдејтот и апгрејдот мора да се во константен раст.

ММАГАЗИН: Колку јазикот како основна алатка на актерот ви е пречка за пробивање на локалните рамки кои се чини ви се претесни?

Мене тоа не ми претставува бариера, напротив го гледам како еден вид предизвик за остварување на себеси. Да, рамките се претесни и затоа одам во потрага по нови, покомотни и пошироки. Како што и претходно говорев, мора многу да се работи на себе, а тоа го вклучува и изучувањето на нов јазик, поготово ако сакаш да градиш кариера во туѓа држава. Сепак да не заборавиме дека уметноста има универзален јазик и колку побрзо се научи тој јазик толку е полесен патот. Работа, работа и само работа.

ММАГАЗИН: „Ние актерите сме од таков материјал, од кој соништата се градени“- се зборовите на шекспировиот Просперо. Колку актерите се привилегирани во ѕидањето на соништа?

Да, така рекол Шекспир. Актерите се најпривилегирани во градење на соништа, затоа што колку посмело навлезеш во сопствената длабочина, толку поубав сон ќе изградиш и ќе можеш будно да го живееш. Сакам да го надминувам есенцијалното, да го допирам нереалното, да ја чистам сопствената душа, да ги инспирирам другите, да бидам гласот на безгласните. Не сонувај го животот, живеј го сонот.

ММАГАЗИН: Како актерот може да ја избегне замката да го глуми сопствениот живот?

Јас сум човек кој за себе кажува и тврди дека легнува со мирна глава, чиста совест и заспивам најмирно на целиот свет. Апсолутно сум искрен пред себе и тоа е главниот елемент на одговорот како да се избегне замката. За ова многу често говорам, колку луѓето глумат и пред самите себе и се странци во сопствените домови. Тешко е да си искрен, тешко е да се погледне на вистината во очи, но само таа може да не ослободи. Глума да, но само професионално.

ММАГАЗИН: Како и на каков начин се движите во својот приватен, интимен контрапукт? Што ве исполнува, весели, релаксира?

Готвењето е една од моите најголеми пасии. Во слободно време знам да заглавам во кујна и по неколку саати. Експериментирањето со храната, додавањето модерно на традицијата и на крај уживањето во истата ме ослободува од секојдневието. Спортот е исто така неизбежен дел од мене.

Не може а да не ми започне денот без тренинг. Природата е една од моите најголеми инспирации, сакам да истражувам , патувам и сакам да се конектирам со истата. Не можам а да не го спомнам уживањето што ми го причинува звукот на автомобилот над 4-5 илјади вртежи и слободата што ми ја пружа возењето на две тркала.

ММАГАЗИН: Колку далеку е за Вас предалеку?

И најдолгиот пат почнува со првиот чекор. За мене не постои предалеку, постои само желба за истражување, желба за повеќе. Ризикот е голем, но без него нема награда.

ММАГАЗИН: Која е Вашата дефиниција за среќа?

„И да имам дар за пророкување и да ги знам сите тајни и сите знаења и да ја имам сета вера, така што ќе преместам и планини, а љубов немам – ништо не сум.”

Химна за љубовта (1. Кор. 13, 1-13)

Како што може да се види од приложеното, љубовта е еден од моите најголеми двигатели. Давам љубов, добивам љубов. Без љубов нема среќа. А сега малку поконкретно. Опкружувањето на луѓе, местата кои секојдневно ги посетувам, доброто кафе, стариот џез, содржајните книги и нормално жената до која навечер заспивам и наутро се будам.

ММАГАЗИН: Во што најмногу уживате?

Уживам во животот. Себеси се декларирам како хедонист и навистина сум среќен што ја имам честа да сум дел од овој свет. Исто така многу уживам во долгите прегратки, разговорите со блиски луѓе, дружбата, уживањето во добрата храна пропратено со добра песна, прошетките со мојот миленик, миговите поминати со семејството и патувањата со мојата поубава половина.

ММАГАЗИН: Милан Кундера вели: „Ми одговара да мислам дека уметноста се појавува како ехо на Господ“. Што е за Вас уметноста, а што духовноста?

За мене тоа се две работи кои се тесно поврзани една со друга. И двете работи секој човек, а особено секој уметник, ги доживува различно. Уметноста може да му помогне на човек да се продухови. Мислам дека во моментов светот се наоѓа во духовна криза и тоа многу лошо се одразува кон човештвото и кон самата планета Земја. Потребата за продуховување, речиси и да ја нема. На светот му недостига љубов, разбирање и апсолутно му недостига конзумирање на уметност. На самиот крај би се сложил со господинот Кундера, затоа што сепак мислам дека ние сме креација на нешто многу поголемо од нас.

ММАГАЗИН: Почвата на која сме се родиле не одредува на некој начин, но почвите на кои сме стапнале во текот на животот на некој начин не дефинираат. Колку настојувате и посакувате нови нестапнати почви?

Како што спомнав претходно, кога рамките ќе станат претесни, време е да се сменат. На колку повеќе почви ќе стапнеме во животот, толку подобро за нас. Добро е да се излегува надвор од кутијата, да се мисли глобално, но сепак мислам дека се тоа зависи од сопствената амбиција и од ризикот кој што сме спремни да го дадеме. Никогаш нема да ја спознаеме својата светлина доколку не се впуштиме во најцрната темнина.

ММАГАЗИН: Како гледате на современиот македонски маж? Кои од атрибутите на џентлмен му недостасуваат?

Едноставноста е совршенство. Кога егото би било помало, многу нешта би биле полесни. Самокритичноста воопшто кај луѓето, а особено кај мажите во Македонија, е на многу ниско ниво. Мажите мора да научат да бидат умерени, да сфатат дека доколку отвориш врата некому не си негов слуга, туку едноставно помагаш или си културен.

Ако подариш цвеќе, не си папучар. Ако научат да слушаат, ќе станат само поголеми луѓе. Ако станат рамноправни со жените, тоа нема да ги направи помали. Мора да сфатат дека не е срамота да љубиш. Мора повеќе да веруваме во себе, за повеќе да ни веруваат. Вистинскиот џентлмен секогаш повеќе ќе даде за светот, отколку што ќе земе од него. И да, џентлменот привлекува внимание на многу, но има очи само за неговата дама. За крај, мој совет, кон сите мажи: Кога ќе чуете жена да каже дека сите мажи се исти, бидете џентлмен и убедете ја во спротивното.

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.