„Скромноста и умереноста се најпожелните карактеристики, секое наметнување, гордост, претенциозност, се одлики за нереализирани мажи кои се поистоветени со егото, базирано на улогите кои ги играат низ животот. ”

Како предизвик или предодреденост, сеедно, Тони Петковски „случајно” го добива прекарот Тони Зен по кој станува препознатлив на македонската Хип Хоп и Рап сцена.

Можеби поради љубопитност и интригантност, а можеби и како некаков судбински знак уметничкото име неприметно ќе стане звезда водилка низ неговата духовна, но и музичка преобразба. Вистински среќен и потполно во мир со себеси денес зрачи со позитивна енергија која ја „заразува“ околината, но воедно ја пренесува и на својата публика.

ММАГАЗИН: Ако последниот Ваш продукт како искуствено интимно искажување ќе упатува дека слобода на личноста е сознанието дека ТИ СИ, тогаш кој е Тони Зен сега?

На почетокот бев Тони Петковски, потоа Тони Зен, па ги снема и двајцата, го спознав ЈАС СУМ, го снема и ЈАС, и сега остана само СУМ, сè до моментот кога ќе исчезне 🙂 Едноставно СУМ низ секое искуство, свесно носам одлуки, правам избор, и одговорно живеам низ тоа.

Тони ЗенММАГАЗИН: Од андерграунд до севишното, какви избори требаше да се направат по патеката за потрага по вистината, за да се дојде до изворот?

Изворот отсекогаш е во нас, треба само да го приметиме, јас за да го приметам, поминав низ многу искуства од многу области низ животот, пожелни и непожелни, сите искуства, случувања, се лекција, низ духовните практики научив дека себе прифаќањето со љубов и спознавањето, е изворот всушност, односно севишното.

ММАГАЗИН: Од сегашна перспектива, прекарот ЗЕН како предодреденост или предизвикување?

Обете, на почетокот беше интересен збор кој ми предизвика чувство на интригантност, мистерија, трагање, талкање, предизвик, за понатаму да разберам дека сите сме предодредени да се спознаеме кој сме, сите сме просветлени, сите сме духовни битија, само треба да се потсетиме и вратиме кон изворот, а тоа се постигнува со ЗЕН методата, или праксата. Постојат и други методи и пракси исто така, отсекогаш постоеле, треба само да ги пронајдеме и примениме.

ММАГАЗИН: Изреката „во здраво тело, здрав дух” е стара, но се чини сеуште вистинита. Колку почит кон духот за Вас значи почит кон телото?

Истото е, сè додека има баланс, духот е здрав, телото е здраво, надворешниот изглед, е рефлексија на внатрешната состојба, затоа треба да бидеме внимателни и будни со тоа какви мисли и содржини во свеста одгледуваме. Зенот вели „Остави ги мислите да проаѓаат… набљудувај ги… не се закачувај за нив… и не им служи чај, ни кафе… бидејќи ќе останат” 🙂

ММАГАЗИН: Телото со својот говор, денес веќе како мејнстрим, знае да го користи и јазикот на тетоважите. Какви приказни раскажуваат Вашите тетоважи?

Секоја тетоважа на мене одбележува одреден период со одредени искуства од мојот живот, тетоважите се древна уметност, а оние кои тетовираат се мајстори на тој занает, сепак, на крајот тетовирањето е избор, трајно обележување по телото со кое треба да се носиме цел живот.

ММАГАЗИН: Што раѓањето на синот Јасен додаде, а што одзема во персоналитетот на родителот?

Ништо не се одзема, со раѓањето на Јасен и бидувањето родител, приметувам дека некои стари навики исчезнуваат, се додаваат повисоки цели, вредности, и љубовта ги покрива сите непожелни искуства, исто така, будноста и одговорнаста се сеприсутни.

ММАГАЗИН: Од времето кога на сцената ќе се наметнете сосема „со свој стил” со кој публиката ќе се поистовети, до денес кога преку новиот албум испраќате порака за вистината, љубовта и просветлението, колку е важна свесноста на артистот за влијанието кое го врши?

Многу е важна улогата на артистот во општеството, без разлика од која област е уметникот, бидејќи постојано сме под влијание и се поистоветуваме со оние кои имаат идентитет на влијателен: јас одлучив, и свесно избрав, да се претставам директно од изворот.

Почувствував должност, зрелост и дека сега е време да ги пренесам овие искуствата, одговорност е да стојам позади ова што го зборувам, и да го практикувам истото. Целта ми е секој да се себе спознае, и превземе одговорност за сопственото постоење, бидејќи излезот од било кој проблем, е влезот во себе, односно враќање во изворот. Затоа зборувам за вистината, љубовта, просветлението, бидејќи тоа се зборови кои одекнуваат низ целиот универзум.

Остави ги мислите да проаѓаат… набљудувај ги… не се закачувај за нив… и не им служи чај, ни кафе… бидејќи ќе останат

ММАГАЗИН: Како се живее животот на популарен јавен лик во услови на комшиска приватност?

Јас сум меѓу луѓето постојано, бидејќи едно исто сме, никогаш не сум се поистоветувал и заглавувал во идентитет на „Популарен” или „Ѕвезда”, целта ми е многу повисока од популарноста и славата.

Тони ЗенММАГАЗИН: Кои се според Вас карактеристиките на маж кој остава впечаток, допадлив е, и е олицетворение на вистински „супер-зен”?

Скромноста и умереноста се најпожелните карактеристики, секое наметнување, гордост, претенциозност, се одлики за нереализирани мажи кои се поистоветени со егото, базирано на улогите кои ги играат низ животот.

ММАГАЗИН: Што според Вас е дефиниција за Мажественост?

Не си маж ако не си заплакал во животот 🙂 Мажественост е безусловна љубов, говорење вистина, правилно дејствување, мир, мирољубие, петте човечки вредности всушност.

ММАГАЗИН: Како ја доживувате урбаноста? Што Вие застапувате?

Се застапувам себе си, моите чувства, и односот кон околината, општеството, нацијата. Урбаноста не е само стилот и начинот на облекување или избор на места за излегување и слушање музика или пратење уметност и авангардно движење, тука спаѓа и општествената одговорност, моралните и етички вредности, комуникацијата, еколошката свест, добриот однос и респект кон другите.

 

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.