„Главно е да знаеме што сакаме, но уште поглавно е да умееме тоа што го знаме практично да го спроведеме, за да стигнеме да го живееме сонот.”

Тој е од оние кои во ризикот гледаат предизвик. Павле Камилоски македонскиот автодидактички баритон, во својот постојан обид за себепронаоѓање иманентно ќе тежнее кон нови знаења, искуства и промени разоткривајќи го така својот сон кој потполно ќе му го пренасочи животот кон она што душата од секогаш го посакувала.

ММАГАЗИН: 33 години се мала бројка за животен багаж преполн со пресврти и отсечни одлуки. Кога станавте свесен за ”знаците на патот” и важноста на нивното препознавање ?

Кога имаме јасна слика за себе многу поуспешно би ги искористиле сопствените потенцијали и би се справиле со ограничувањата наметнати од надворешната средина. Сите ние управуваме со својата животна визија, првиот чекор е секогаш наш. Кога со сето срце ги посакуваме нештата, тогаш и шансите за истото да се освари се многу големи.

Човекот е предодреден да расте, да стекнува нови искуства и да се менува како личност. Од друга страна чуствувам дека моето време допрва доаѓа и дека пред мене се уште многу животни предизвици. Во изминатава декада од мојот живот ми се случуваа разни патешествија, авантури, креирање на карактерот, пронаоѓање на себеси, растење и созревање на персоналитетот.

 

Павле Камилоски

Господ на секој од нас, во даден период од животот ни дава некаков знак кој треба да го следиме, но мислам дека е потребна будност, свесност, приземност и верба за препознавање на иститие тие знаци, затоа уште како многу млад ризикот го гледав како предизвик.

Тежнеев за нови знаења, искуства и промени, едноставно не престанував да се обидувам и пронаоѓам себе си. Без сето ова ќе беше барање на недостижна цел. Покрај угостителството и хотелиерствотото, имав кратки обиди за пеење и самоспознаније, но тогаш вербата не ми била доволно цврста за тоа што го поседувам.

Токму пред седум години го препознав знакот, ја отворив портата на мојот нов пат, активно работејќи за она што сакам да го живеам, за утре ден кога на мои 60 години ќе се свртам наназад, да не речам дека не сум пробал и дека животот не бил праведен кон мене.

Наше е дали ќе го избереме патот на жртва која ќе живее според туѓите концепции на самосожалување и очајување или пак ќе избереме пат на себеафирмирање, храброст и оптимизам

ММАГАЗИН: Ако љубовта е избор, а изборот е слобода, значи љубовта е слобода. Ве ослободи ли љубовта кон музиката кога се одлучивте за неа како избор?

Секогаш имаме избор во живот. Наше е дали ќе го избереме патот на жртва која ќе живее според туѓите концепции на самосожалување и очајување или пак ќе избереме пат на себеафирмирање, храброст и оптимизам.

Од насоката која ќе ја избереме зависи и квалитетот на нашиот живот. Кога се симнав од главата кон срцето, со одредена доза на ризик, навлегов во срцето на своето битие. И реков дека нема повеќе да чекам среќата да ми затропа на врата или пак некој да ми го даде тоа што го сакам.

И такав почнав да ја создавам мојата приказна и мојот сон. Мислам дека тоа е основата на нашиот живот. Просто кажано душата ми се радуваше, се чуствував слободен, отворен и препуштен на моментот и потајно си ветив, ова чуство го посакувам уште многу пати. Едноставно душата се радува кога и умот и срцето ја чувствуваат моќта на љубовта.

Павле КамилоскиММАГАЗИН: Каков однос имавте кон својот ”дар од Бога” до пресвртниот момент на разоткривање?

Не бев свесен за својот потенцијал и затоа не случајно почнав подоцна со остварување на својот сон. Стравував од неуспех, се плашев да не “паднам” постојано го потиснував фактот дека мојот глас може да стане инструмент.

Но од овој аспект гледајќи на стравот кој сум го имал бил сосема нормален и природен, бидејќи од таму произлегуваат многу работи за кои подоцна стануваме свесни и похрабри.

Колку и да го потиснував фактот низ годините, стравот ми создаваше чуство на вина и постојано ме држеше буден за она што треба да го превземам. И покрај моето игнорирање наидував на многу знаци, постојано имав некој глас во мене кој не ме оставаше на мира сè до пред оној момент на самоспознавање.

ММАГАЗИН: Факт е дека животот секому му дава шанси, а од нас зависи како ќе ги искористиме. Колку храброст, мудрост, самодоверба, но и инвестиција беа потребни за давање шанса на шансата ?

Јас стигнав до одредено скалило, но сеуште давам сè од себе и сметам дека имам уште многу цели кои сакам да ги реализирам. Храброста е пресудна за остварување на нови успеси како и до сега така и за понатака неизбежни се напорниот труд, иницијативноста и позитивната свест.

Мислам дека е многу битно да знаеме што сакаме. Храброста, мудроста, самодовербата, вложениот труд и енергија се целовкупна инвестиција за да се подигнеме себеси во тешките мигови, да продолжиме понатаму и да и дадеме шанса на шансата.

Имав храброст да тропам од врата на врата да побарам помош од било каков аспект за реализирање на својата цел, мудроста ми покажа да не се обесхрабрувам доколку нештата нема да се остварат на посакуваниот начин.

Самодовербата е клучниот фактор за успехот, бидејќи ако самите себе не си веруваме илузорно е да очекуваме другите да ни веруваат. Истата таа не тера да размислуваме за тоа што го поседуваме, да бидеме самоиницијативни, да инвестираме и да не ја подценуваме сопствената вредност.

Со животна артикулација на музичкиот талент ама и како експерт во угостителството и докажани менаџерски потенцијали, со сопствениот проект „Мала Италија” ќе го побиете впечатокот дека менаџерскиот и уметничкиот талент се најчесто категории без заеднички именител.

ММАГАЗИН: Колку севкупните искуства ви помагаат во обликувањето на целите?

Моја животна теза е дека сè се случува со причина, ништо не е случајно. Во мојата кариера на хотелиерство и угостителство успеав да стигнам до главен менаџер на ресторани во хотел „Мериот”, директор на комплекс со 100 вработени, но секогаш нешто ми недостасуваше.

Можеби баш угостителството е главниот причинител и одскочна штица за мојата музика и моето пеење. Таа професија има направено одредена спојка и канал низ кој сум требал да испливам. Тие не се сродни професии, но музиката, храната и виното од секогаш оделе заедно ☺…

Се сеќавам, на мои 13 години за време на летниот распуст почнав да помагам во ресторанот на моите родители и кога работното време дозволуваше да се направи пауза често ја слушав музичката колекција на мојот татко. Тогаш за прв пат се запознав со музиката на славните имиња како Френк Синатра, БиБи Кинг, Том Џонс, Џејмс Браун, Лени Кравиц, а подоцна доаѓа и интересот кон италијанската музика на Лучано Павароти, Андреја Бочели…

Покрај афинитетот кој сум го покажувал за музиката очигледно ни бил доволен за да се насочам од мали нозе кон неа. На 21 година заминав да работам на брод желен за нови искуства, предизвици и запознавање на светот. Имав прилика да прошетам многу места и да запознаам многу култури.

Бев фасциниран како успешно функционира поставениот систем кој без исклучок мораше да биде почитуван, доколку сакаш да останеш и работиш на истиот. Бродот го доживеав како еден вид на модерна војска кој ме научи на ред и дисциплина и грижа за самиот себе.

Но музиката постојано беше чекор со мене, имав прилика да присуствуавм на театарски представи кои не дозволуваа да трепнеш, бродвејските шоуа кои ме оставаа со подзината уста, ултра талентираните музичари и пејачи, кои ги слушнав ширум светот.

Прекрасните џез звуци кои одекнуваа од големите театри, барови и локали. Така да сè започна токму од тие бродови. Можеби ќе се повторам со објаснување за моите почетоци, раскажувајќи ги во неколку изминати интервјуа, но сепак би напоменал дека додека работев за последната компанија имав прилика да застанам за прв пат на сцената.

Тоа беше пресудниот момент кога се пријавив на еден натпревар кој беше организиран за целиот персонал. Си ветив себеси, ако победам, кога ќе се вратам дома, ќе почнам да го школувам гласот и дека тоа ќе ми биде дефинитивно знак дека треба да направам нешто повеќе околу тоа. Така и се случи, победив. Од тој момент до ден денешен работам на својот вокал и веќе бројам пет Мали Италии.

Павле КамилоскиММАГАЗИН: Зошто назив на проектот „Мала Италија”?

Повторно ќе го споменам угостителството. Преку пловењето со бродот се запознав и со медитеранската култура, медитеранската кујна, музика, наполитанските и шпанските песни, француските шансони.

Кога размислував за прв пат како да и се представам на македонската публика, инспириран од медитеранот и италијанската култура со полн ентузијазам го организирав мојот прв концерт наречен како “Мала Италија во Скопје” каде што беше интерпретирана само италијанска музика.

Како што растеше самиот проект така се прошируваше и менуваше репертоарот, така дојде и “Мала Италија патува”. Петтата јубилејна ја заокруживме со латино и џез стандарди.

ММАГАЗИН: Дали според изборот на репертоарот би се заклучило дека сте емотивец по природа? Колку емотивноста одзема или придодава на мажественоста?

Емоцијата е широк поим, таа е порака на нашата душата. Во неколку наврати имам кажано дека обожавам да интерпетирам музика која има тежина, која е темелна и која знае да предизвика емоција, и не само во пеењето, така и во приватниот живот, од секогаш сум бил фан на длабоките и темелни пријателски односи, но и на темелна и искрена љубов.

Би додал дека маженственоста е токму во џентлменскиот однос, во искажувањето и покажувањето на емотивноста према својот партнер, своето семејство, родителите и пријателите.

ММАГАЗИН: Верувате ли во картазичната моќ на музиката, во нејзината корективна, облагородувачка, но и исцелувачка улога, наспроти деструктивноста на кичот и шундот?

Се разбира, затоа и го негувам овој тип на музика. До сега сè што интерпретирав беа песни и музика во која јас се пронаоѓав. Исто така, кога би започнал со креација на нешто свое, би било во сличен манир на досега одпеаното.

Павле КамилоскиММАГАЗИН: Ако со репертоарот ја разнежнувате публиката, а со харизмата ја освојувате, колку со изгледот ја придобивате? Колку внимавате на својот изглед и имиџ?

Надворешниот изглед не е мерило за човековата личност, неговиот квалитет и неговата големина. Но би рекол дека мојата природност е најзастапена на сцената. Се разбира дека убав костум нема да ме направи подобар пејач или подобар бизнисмен. Но сепак би додал дека внимавам.

По природа сум естета и сакам кога убаво сум стокмен. Обожавам убави костуми, чевли, часовници. Сепак музиката која ја интерпретирам бара малку по класичен аутфит кој уживам да го носам. Покрај хедонизмот, редовно спортувам и пробувам да внимавам што е можно повеќе во исхраната.

ММАГАЗИН: Чуствувате ли потреба, можност и моќ својата позиција на артист да ја искористите за општествено добро?

Верувам дека можам. Но освен што верувам во изминативе пет години се залагам на свој начин се сета моја енергија, љубов и ентузијазам преку проектот Мала Италија да пратам и порака, и да ги охрабрам сите оние кои сонуваат без разлика каков и да е сонот и колку и да е тежок патот, никогаш да не се откажуваат во остварување на истиот! Како и секој еден човек без разлика на професијата, сите ние можеме да придонесеме за подобро општеството.

ММАГАЗИН: Која е Вашата филозофија за среќата?

Љубов. Кога нештата ги правиме со љубов, со љубов и се враќа.

ММАГАЗИН: На кои мажи им верувате. Како каков маж би сакале Вие да сте урнек?

Им верувам на оние кои не зборуваат премногу, кои имаат етички и морални вредности, го почитуваат семејството, повеќе дејствуваат преку докажани дела и кои од ништо направиле нешто.

На оние кои имаат придонесено во општеството, на оние кои се издигале сами низ годините и на оние кои постигнале личен развој, успех и кои цврсто се држат до своите цели. Оние кои позитивно влијаат на околината и луѓето. Едноставно човек да почуствува дека има богатство од таков урнек на маж за пријател.

Машки Магазин-П.К.

ММАГАЗИН: Се вели – „Ако сонот не изгледа невозможен тогаш не вреди да се сонува” Колку за Вас далеку е предалеку? Кои се точките на листата на желби?

Секој од нас сонува, имам некакви желби и сите ние трба да се стремиме кон целта, каква и да е. Секој од нас е ковач на сопствената среќа и сон. Главно е да знаеме што сакаме, но уште по главно е да умееме тоа што го знаме практично да го спроведеме, за да стигнеме да го живееме сонот.

Можам да речам дека сум реализиран, се чуствувам задоволно и на приватен и на професионален план. Секако дека имам желби и планови за во иднина, времето е пред мене, но повеќе сакам да зборувам за нештата кои се завршени.

ММАГАЗИН: Каде се и каде мислите треба да стасаат македонските мажи?

Сепак не би си дал за право да расудувам, но поединечно секој сам за себе е одговорен за неговиот личен развој. Мислам дека повеќето од нас треба да се стремиме да бидеме пример во општествотото, од буквално секој вид на професија.

ММАГАЗИН: Како го исполнувате слободното време?.. имате ли скриени таленти?

Кога има слободно време и надвор од музичките обврски и ангажмани, посветен сум и на нашиот фамилијарен бизнис хотел Неда Галичник. Често знам и да се плеткам во кујната и да бидам од помош, но по природа сум хедонист и кога готвам за себе или за моите најблиски, тоа го правам со посебно внимание, уживајки во целиот процес и зачинувајки го со голема љубов. Од неодамна моето ново хоби е сликање на платно…

 

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.