Пошироката јавност ќе ја запознае кога ќе ја понесе титулата прва Мис на Македонија за Мис на Светот во 1996 година, но малкумина ќе знаат дека тогаш зад убавите 17 ќе стои богато портфолио. Вера Мештеровиќ многу рано ќе сфати дека е девојка родена за пред рефлектори

М Магазин: Што значеше изборот за Мис на Македонија за една девојка со малку години, а многу медиумско искуство, но и семејниот багаж на тетка втора придружничка на Мис на Светот? Животна пресвртница или логичен след?

Па некако како след можам да кажам, бидејќи веќе се имав појавувано на сцена, тв, списанија, сето тоа не ми беше туѓо, иако бев доста млада, доста добро се носев и се носам со таа круна. Круната е одговорност и станувате, како да кажам… некаков си центар на внимание од околината која ви го мери секое движење, поглед, збор, но тоа е составен дел како за личност од јавниот живот, човек се навикнува и се трудите да имате додатен поттик , да станете подобра верзија од самиот себе и одвнатре и однадвор.

М Магазин: Од првите балетски чекори и фолклорни танци, преку модел и Мис, па до мајка и деловна жена, колку трансформација има во таа еволуција?

Секој период си има своја убавина која ја носи со себе и Ве прави исполнет, па така и се трансформираме сите ние во текот на животот, еволуција мора да постои и тоа е природно. Периодот додека бев балерина ми донесе убави познанства кои и ден денес ги негувам, даде печат на мојата личност во однос на уметноста, се здобив со одлично држење на телото иако израснав висока, грациозни движења, нежност, женственост која ми се приметуваше и како ороводец во фолклорот, модел, манекен, Мис, а и како жена во секојдневието. Секоја активност во одреден момент дава некоја си трансформација на личноста во зависност со што е ангажирана.

Ете кај мене почна со балетот, малку спорт (кошарка), па фолклорот и модниот свет, малку пливање и тенис и сето тоа, сите тие активности сами по себе Ве трансформираат во позитивен контекст без нешто особено да правите. Сметам дека сум комплетно реализирана жена во секој поглед и понатаму се стремам кон нови проекти, работа, реализација, надоградба, секако напоредно и со децата и нивните потреби соодветни на возраста заедно да се надополниваме и трансформираме во убави и позитивни личности.

М Магазин: Што ја прави жената убава?

Жената е убава сама по себе, самиот збор кога го слушате асоцира на убавина, грациозност, префинетост, нежност, плодност, живот,.. дава топлина на душата. Жената е убава на милион и еден начин, одвнатре со својата душа, срце, трпеливост, истрајност, посветеност, грижа,.. од начин на говор, од начинот на кој се сме, движења, мимики, дури и кога е лута, зошто ние жените знаеме да сме многу слатки, самиот пол го предодредува тоа.

Вера Мештеровиќ

М Магазин: Колку според Вас мажите (особено балканците) се подготвени да се „справат“ со атрактивните жени?

Секако дека има и на Балканот мажи, кои се мажи во права смисла на зборот и исконското што е маж. Ретки се мажите кои знаат да се гордеат со својата понежна поубава половина и заеднички да се поттикнуваат, сакаат, подржуваат и растат, чекорат заеднички со предизвиците во животот.

Мислам дека кај нас поимите се измешани, иако не за сите се разбира, имам впечаток дека тука кога си културен со луѓето во комуникација – што е нормално однесување, мажите го перцепираат како да испраќаш порака како „готово-твоја сум“, а ако си дрска, арогантна тогаш е: „Еј па што се замислува која е“.

Можеби брутално звучи ова, но тоа е мојот впечаток иако не излегувам многу, секоја чест на исклучоците. Од друга страна пак и жените некако како да се во трка, сакаат да станат мажи, па се губи тој баланс. Природата направила совршена хармонија и природен тек на работите за сè и мислам дека нема потреба да се пркоси, сè си има свое.

М Магазин: На кои животни навики сте им верни и кои интереси ве преокупираат или сеуште ги носите како желба?

Навика која ја носам со мене од рано детство е постењето, а неостварена желба ми е клавирот – која планирам да ја остварам.

М Магазин: Колкава е одговорноста, грижата и посветеноста на она „од Бога дадено“( нега, исхрана, одржување во форма, секојдневни навики)?

Круната е одговорност и навистина сум благодарна на генетиката и мајка природа која ми помага во сето тоа одржување на изгледот. Едноставно тоа се очекува од Вас и треба да се негува и чува, но тоа впрочем и секоја жена го прави .

М Магазин: Какво е искуството, колку убавината може да биде привилегија, а колку хедикеп низ лавиринтот на животот?

Секако дека убавината е секогаш посакуван атрибут. Сите ние пред сè визуелно ја перцепираме околината, но и кога одвнатре има капацитет тогаш е исклучително целосна личност. Низ лавиринтот на животот можам да кажам дека убавината повеќе ми помогнала отколку одмогнала. Но мислам дека генерално без разлика на физикусот или било што низ животот се случуваат секакви случки и негативни и позитивни искуства.

М Магазин: Што те мотивира, испирира, движи и крепи во животот?

Во слободно време сум со децата, на игралиште, паркови, зоолошка, прошетки, кино, разни активности. Сакам да одам во театар, на концерт, дружење со пријатели. Но исто така се вклучувам и во разни проекти кој ги организираме со родителите од нашето училиште како разни ивенти, па до издавање на книга со песни напишани од децата. Сега сме во организација на детска недела по повод патронатот, па доаѓаат денови на книгата и разни други додатни едукациски и мотиватиски случувања.

М Магазин: За многу кус период, професионален рестарт ви донесе богата медиумска активност што се чини дека е само почеток на новата приказна. Кои се најавите за нови ангажмани ?

Повторно сум дел од сцената, но бев и предходно тука, само стихијно од време на време со некоја насловна и едиторијал. Сега преку работата пак некако спонтано се наметна да сум повеќе присутна во медиумите преку разни проекти на фејсбук, инстаграм, интервјуа, реклами за странски пазар и еве сега излегува спотот на групата Галија од Србија во кој сум јас, а истиот е сниман во Лос Ангелес.