Исклучително ретки изданија на Bowmore и Macallan се дел од највредната колeкција вискија во светот.
По 20 години активно вложување во својата колекција вискија, еден виетнамски бизнисмен влезе во Гинисовата книга на рекорди. Оваа колекција на бизнисменот Viet Nguyen Dinh Tuan, ја надминува онаа која пред некој месец на аукција достигна 10 милиони долари, а која вклучува Macallan од 1926. Viet поседува шишиња во вредност од 13.9 милиони долари, но според Forbes, доколку сака да ја продаде на аукција, неговата колекција најверојатно ќе достигне цена од 16.75 милиони долари.

Колекцијата содржи Macallan Fine & Rare трио заедно со шише Macallan од 1926, едно од 12-те исклучително ретки Bowmore изданија, како и едно од 24-те Springbank шишиња од 1919 година.
„Бев изненаден, но среќен сум и почестен што во Гинисовата книга на рекорди ќе стои моето име како сопственик на највредната колекција вискија. Ова е како признание на мојата посветеност овие 20 години“, вели сопственикот.
Што се однесува до колекцијата, Viet нема намера да ја продаде. Ниту едно шише. Напротив, вели дека ќе продолжи да лови ретки примероци и да ја збогатува.