Оригиналниот Aston Martin DB5, кој стекна светска слава благодарение на Џејмс Бонд и филмот Goldfinger, се произведуваше само две години, од 1963 до 1965 година, а британската компанија произведе помалку од 900 примероци од овој модел.

Aston Martin по цели 55 години одлучи да го обнови производството на овој модел, па на купувачите ќе им биде понудена ексклузивна ограничена серија од само 25 примероци кои ќе ја носат ознаката Aston Martin DB5 Goldfinger Continuation, по познатиот филм за Џејмс Бонд од 1964 година со легендарниот Шон Конери во улогата на најпознатиот таен агент.

Бонд

Автомобилот се произведува во соработка со продуцентската куќа на филмови за познатиот британски шпиун. Исто така, секој од овие автомобили се изработува рачно во погонот во англискиот град Њупорт Пагнел, каде што е произведен и оригиналниот модел. За да се произведе еден Aston Martin DB5 Goldfinger Continuation потребни се околу 4.500 работни часови, истакнуваат од Aston Martin.

Гаџетите од филмот ќе се најдат и во автомобилот

Освен по својот ретро дизајн, овој автомобил е карактеристичен и по „гаџетите“ кои ќе се најдат во него, исто како што беше случајот со моделот кој се најде во филмот Goldfinger. Имено, со цел новоизработените примероци на овој класичен Aston Martin да бидат што е можно поавтентични и верни на оригиналот, производителот одлучи во автомобилот да вгради и голем број на додатоци кои ги имаше во филмот, како што е ротирачката таблица на која, по потреба, со притискање на копче во кабината се менуваат регистарските таблички.

Бонд

Сите 25 автомобили ќе бидат офарбани во оригиналната Silver Birch сребрена нијанса. Инаку, овој Aston Martin DB5 Golfinger Continuation ќе се напојува благодарение на 4,0-литарски атмосферски шестцилиндричен мотор кој испорачува 290 КС.

Кога сето ова ќе се земе предвид, не треба воопшто да изненадува што цената на овој ексклузивен автомобил ќе биде астрономска. Идните сопственици за овој уникатен модел ќе мораат да издвојат најмалку 2,75 милиони фунти и тоа без пресметан данок. Првите примероци ќе бидат испорачани до купувачите до крајот на годината.