Кои се најсилните борци на планетата и што е она кое ги одвојува од останатите
Боречките спортови се меѓу најстарите на земјината топка и датираат уште од античко време. Ако во дамнешните времиња се сведувале на сурова борба помеѓу двајца противници, модерното време донесе и нови, модерни правила во боречките спортови кои ги регулираат, а со тоа и бараат од шампионите да ги имаат сите престижни карактеристики за еден борец.
Освен сила, за да се најдете во самиот врв се потребни и беспрекрона вештина, талент, висока интелигенција како и врвни атлетски способности. Ви ги претставуваме најдобрите борци на денешницата!
Ентони Џошуа (Anthony Joshua)
На врвот на светскиот бокс се наоѓа Ентони Џошуа – скромниот 29-годишен британец со нигериско и ирско потекло. Џошуа е вистински пример за тоа како треба да изгледа еден професионален атлета, а посебен го прави и фактот што доаѓа од сиромашно семејство и своите први спортски чекори ги прави уште во родната Нигерија.
За разлика од „извиканите“ и премногу искомерцијализирани мејнстрим ликови, Џошуа го воодушевува светот на спортот со својата скромност и посветеност. Афинитетите за спорт ги покажува уште во средно школо, каде освен за бокс е заинтересиран и за фудбал и атлетика, а за неговиот талент доволно говори и фактот што во 9-тата година го соборува училишниот рекорд во спринт на 100 метри (11,6 секунди!).
Кариерата на Џошуа е како од учебник. Она кое го прави повеќе почитуван во професионалните боксерски кругови е фактот што стапува на професионалната сцена дури по своето докажување во аматерските води и освојувањето на златен олимписки медал на Олимпијадата во Лондон во 2012 година.
По влегувањето во професионалниот ринг, Џошуа не знае за пораз. Скорот од 22 победи зачинет со фактот дека 21 од нив се со нокаут, доволно говори за моќта на овој боксер, кој според искусните аналитичари, ќе владее со рингот уште неколку години.
Во февруари 2016 доаѓа до IBF појасот во тешка категорија со победата против Чарлс Мартин, а подоцна (во април 2017) станува апсолутен светски шампион во супер-тешка категорија со победата над Владимир Кличко. Тоа што го „испрати“ во пензија моќниот Кличко беше совршена најава за новата ера на Џошуа на светската сцена, која веруваме дека ќе трае и во годините кои се пред нас.
Она кое најмногу плени е спортскиот дух на Џошуа, кој го воодушеви светот со својата реакција по последната одбрана на шампионскиот појас против Александар Поветкин, посетувајќи го во соблекувалната да му честита за одличната борба и да признае дека се работело за најтешката борба во неговата досегашна кариера.
Сѐ уште нема најава за следниот предизвикувач на Џошуа, но едно е јасно – боксерот кој освен спортувањето во слободно време обожува да игра и шах (за кој вели дека му ги развива тактичките способности) уште долго време ќе го владее најпосакуваниот светски трон.
Деонтеј Вајлдер (Deontay Wilder)
Со беспрекорен скор од 40-0 (39 победи со нокаут), Вајлдер со своите 33 години е „печен“ да биде следниот голем предизвикувач за шампионот Џошуа. Американецот влезе во професионалниот ринг по освојување на олимписка бронза на игрите во Пекинг, а со тоа го има комплетното искуство потребно да биде успешен на највисоко ниво.
Токму Вајлдер требаше да биде во рингот против Џошуа за да се бори за апсолутната круна во супер-тешка категорија, но неговото место во последен миг го зазема Поветкин. Со тоа, пред Вајлдер е уште една тешка борба, која ќе биде и централната борба до крајот на оваа година, против Тајсон Фјури на 1 декември. Ако го задржи перфектниот скор, сосема е извесно да гледаме епска битка меѓу Вајлдер и Џошуа во текот на 2019.
Тајсон Фјури (Tyson Fury)
Оваа листа на најмоќните борци на денешницате не смее да се заокружи без Тајсон Фјури. Тоа е човекот кој во 2015 година ги обедини WBA, IBF, WBO и IBO титулите поразувајќи го долгогодишниот шампион Владимир Кличко. Со 27 победи во исто толку мечеви во својата професионална кариера (19 со нокаут), Фјури е вториот човек за кој се претпоставува дека може да го симне Џошуа од тронот.
Титулите ги загуби надвор од рингот откажувајќи два реванши со Кличко, како и одбивајќи да му овозможи борба на тогашниот предизвикувач Глазков. Фјури влезе во 2018 година по 2-годишна пауза од рингот, но и покрај тоа, најпрестижниот боксерски магазин на планетава (The Ring) сѐ уште го вбројува меѓу топ 10 активни боксери во моментов.
На крајот на оваа година, поточно на 1-ви декември, сите очи на боксерските фанови ќе бидат вперени кон Стејплс Центарот во Лос Анџелес за борбата помеѓу Фјури и Вајлдер, која според многумина ќе треба да претставува вистинско враќање на Фјури на големата сцена. Со нетрпение ја очекуваме!
Хабиб Нурмагомедов (Khabib Nurmagomedov)
Според нас, UFC борците се далеку зад боксерите според спортските и атлетските способности, но популарноста на овој спорт вртоглаво расте, а фер е да се каже дека и тие заслужуваат место помеѓу најголемите борци на денешницата.
Во центарот на вниманието е Хабиб Нурмагомедов, човекот кој конечно го „замолкна“ веќе и помалку досадниот Конор Мекгрегор. Кој е Нурмагомедов и како ги освои симпатиите на мнозинството UFC фанови ширум светот? Доаѓајќи од сиромашна фамилија од Република Дагестан (официјално – федерална единица на Русија), како што е карактеристично за младите од овој дел од светот уште од најмали нозе започнал со боречки вештини.
Негов прв тренер е токму неговиот татко (дисциплиниран, одликуван воен ветеран), па од таму и неверојатната решителност, дисциплина и напорна работа кои Хабиб ги вложи за да го достигне врвот. Од своето деби во UFC во 2012, Хабиб нема ниту еден пораз (27 победи), а борба која го сврте вниманието на целиот свет беше токму последната против валканиот Конор Мекгрегор во која победи со доминантен перформанс.
Сепак, симпатиите кон Нурмагомедов драстично се намалија по валканиот напад на комплетниот тим на Мекгрегор по завршувањето на борбата, а сцените од хаосот по мечот брзо станаа вирални и го обиколија светот. Вбројувењето на Нурмагомедов на оваа наша листа можеби во иднина ќе се покаже како неоправдано, најмногу поради фактот што целата „сага“ пред, за време и по борбата со Мекгрегор се претвори во еден патувачки циркуз, наместо во елитен спортски настан.
На Нурмагомедов му преостанува повторно да ги придобие симпатиите на пошироката публика, но во рингот и за време на мечевите, доколку сака да остане забележан во историјата како еден од најдоминантните борци во UFC, епитет за кој несомнено поседува квалитет.
Даниел Кормиер (Daniel Cormier)
Иако во центарот на вниманието изминатиов период беа Мекгрегор и Нурмагомедов, не би било фер доколку листата на најсилни борци на денешницата не ја заокружиме со Даниел Кормиер. На свои 39 години, американецот е UFC шампион во тешка категорија, а доволно за неговата сила и решителност говори фактот дека се наоѓа на тронот по втор пат.
Владееше неприкосновено од 2009 до 2013 година, а годинава повторно се врати на врвот. Освен успехот во UFC, дополнителна „тежина“ во портфолиото на Кормиер дава и бронзениот медал од Светското првенство во Баку во 2007 година во борење – слободен стил.
Кога е во прашање Кормиер, сигурно е дека ќе го задржи тронот до крајот на оваа година и ќе го чека својот следен предизвикувач во 2019.