„Сите сме ние обични смртници, кои што лутаат низ животниот лавиринт. Во еден момент можете да бидете на врвот на планината, а во следниот момент да талкате изгубени низ мрачната шума. Прифаќам сè што носи животот, и добро и лошо, и пробувам за сè да си најдам објаснување кое што ќе биде прифатено од мојот разум и срце”

Со својот професионален авторитет ќе се наметне уште од самите професионални почетоци благодарение на иманентната љубов кон струката , желбата за постојано усовршување и дословно следење на Хипократовата заклетва. Но Д-р Виктор Камнар не само што со својата работа во своето професионално миље суверено ќе се издвои како врвен стручњак, туку преку својата спонтаност, непосредност, ведрина и харизматичност ќе се издигне на ниво на врвен професионалец. Елоквентен доказ дека големината на човекот(докторот) лежи во непретенциозноста , неоптовареноста и едноставноста. Пациентите ќе му веруваат, колегите ќе го почитуваат, а оние кои имаат прилика приватно да го запознаат ќе бидат привилегирани со неговата дружба.

М МАГАЗИН: Кога решеноста да се студира медицина стана стопроцентна одлука?

Решеноста да се посветам на медицината откога паметам ја носам во себе. Мојата љубов и приврзаност кон оваа струка низ годините само се зголемуваше. Така, што и одлуката да студирам медицина беше една од најприродно донесените одлуки за мене. Иако во глава ми се вртеа уште два избори за мојата идна професија, а тоа беа режија и право.

М МАГАЗИН: Постоеше ли некаква дилема, двоумење помеѓу нешто друго и покрај драгоцениот семеен багаж?

Двоумење не постоше ниту во еден миг, само сè поголема решителност да се тргне по тој пат и да се успее. Семејниот багаж како што велите вие, всушност за мене беше благодет, која што ја направи мојата решителност поцврста, не оставајќи место за било какви сомнежи или размислувања во друг правец. Иако морам да признаам немав некоја голема подршка од дома посебно од татко ми, кој се обидуваше добронамерно секако да ми ја представи сериозноста и тежината на таа професија.

М МАГАЗИН: Колку беше предизвик, а колку привилегија да се докажувате на терен суверено освоен од професионалниот авторитет на Вашиот татко?

Можам да кажам дека истовремено беше и предизвик и привилегија да се работи во поле во кое што татко ми беше докажан професионалец, голем авторитет и пионер во многу новини во ортопедската хирургија. Во такви услови, товарот е уште потежок, а стравот од било каков неуспех уште поголем. Истовремено е и огромен стимул да давате што е можно повеќе од себе, да се надоградувате и постојано, постојано да учите. Многу често човечките судбини стануваат дел од секој момент во вашиот живот, затоа е потребно со сите сили да се поставите на правилната страна, односно, право на грешка немате.

М МАГАЗИН: Колку изборот да се биде доктор треба да е суштински базиран на емпатија?

Колку и да сте професионалец, пред сè сте човек. Јас искрено сум убеден дека добар доктор може да биде само добар човек. Невозможно е да останете имуни на човечките судбини, поготово што секој од нас може да се најде во некоја тешка ситуација. Но, сепак, како доктор, мора секојдневно да ја повлекувате линијата помеѓу емоциите и разумот. Бидејќи свесноста и разумноста се дел од одлуките коишто ги донесувате додека се наоѓате во собата исполнета со лелеци, болки, трајни инвалидитети и за жал и летални исходи.

Многу често човечките судбини стануваат дел од секој момент во вашиот живот затоа е потребно со сите сили да се поставите на правилната страна, односно право на грешка немате.

Д-р Виктор КамнарМ МАГАЗИН: Можно ли е воопшто да се работи вистински успешно ваква професија каде постојано се соочувате со болката, без искрена вљубеност во неа? За оние надвор од медицинската фела оваа љубов напросто збунува. Каде започнува среќата и каде завршува тагата и обратно, задоволството наспроти немоќта?

Верувам дека успехот е загарантиран, доколку кон работата пристапувате со љубов и посветеност. Јас отсекогаш сум бил, едноставно кажано, вљубен во медицината. И токму таа моја љубов кон оваа струка ми помага да се соочам со сите искушенија, потешкотии и тегоби коишто ги носи оваа работа. Пасионираноста кон оваа работа ве одвојува од многу други убави и позитивни страни на животот и затоа убеден сум доколу некој нема желба да се посвети 100 проценти на неа, мој совет е да не ја избира за свој животен пат.

Знам дека ведриот дух и природната насмевка е најдобриот почеток за решавање и на најтешките проблеми кое мора да е следено со врвна експертиза, оптимизам и безрезервно давање на сè од себе.

М МАГАЗИН: Дека насмевката и ведриот лик на докторот е битен дел од процесот на лекување ќе потврди секој пациент, особено оние кои минале низ хируршка интервенција. Претпоставувам и Вашата практика го потврдува тоа. Но се чини како да е тоа е вроден талент, дополнителна вредност која го издвојува врвниот професионалец од стручњакот?

Ниту на еден човек не му е пријатно кога ќе дојде во болница, па макар тоа било и рутински преглед. Ние сме свесни за тоа и поради тоа тој контакт, таа средба со пациентот треба да биде што е можно попријатна и помалку стресна. Насмевката нема да ги реши проблемите, но на пациентот ќе му понудите мала релаксираност, па макар таа траела и еден миг. Од друга страна знам дека ведриот дух и природната насмевка е најдобриот почеток за решавање и на најтешките проблеми кое мора да е пратено со врвна експертиза,оптимизам и безрезервно давање на сè од себе.

М МАГАЗИН: За докторите се вели дека се богови на земјата, колку пак тие/Вие соочени со факторот живот ја доживувате духовноста( врвниот принцип)?

Сите сме ние обични смртници, кои што лутаат низ животниот лавиринт. Во еден момент можете да бидете на врвот на планината, а во следниот момент да талкате изгубени низ мрачната шума. Прифаќам сè што носи животот, и добро и лошо, и пробувам за сè да си најдам објаснување кое што ќе биде прифатено од мојот разум и срце. Никогаш, и тоа одговорно тврдам не сум го имал тој комплекс како што вие го нарекувате Бог на земјата, туку само еден обичен човек кој секојдневно се труди користејќи го своето знаење, талент, мотивираност и макотрпна работа да му помогне на човек кој е на мака. И на крај од денот, таа духовност што ја спомнувате, ја наоѓам во спокојот на моите најблиски, особено моето семејство.

М МАГАЗИН: Патувањата како професионално усовршување се неизбежно пожелно искуство, но колку се и интимна желба и потреба? Постои ли животна агенда на посакувана листа на дестинации?

Сум бил на бројни професионални усовршувања и секое од нив, било посебно за мене, како од аспект на стручно дополнување на моето знаење, така и кон остварување на нови познанства. Преку професијата сум посетил огромен број на дестинации, секоја од нив се вградила во мене и оставила свој уникатен белег.

Нема подобро чувство кога знаете дека сте придонеле кон зачувување на најголемиот дар на човекот, а тоа е доброто здравје

М МАГАЗИН: Во време, услови и атмосфера кога пред сè врвните професионални кадри(особено во најчуствителната категорија- здравството) се чувствуваат недоволно верификувани, Вие со сите перформанси на врвен професионелец и покрај сè останувате да се борите со сите сили за вашите пациенти. Од каде таквата цврста решеност за индивидуална борба?

Не би рекол дека тоа е индивидуална борба. Ние работиме како тим кој што секојдневно се бори за нашите пациенти. Решителноста и силата ја наоѓаме токму во нашите пациенти, во нивната задоволна насмевка. Нема подобро чувство кога знаете дека сте придонеле кон зачувување на најголемиот дар на човекот, а тоа е доброто здравје. Од друга страна и покрај тоа што сум имал искуство и со приватното и државното јавно здравство сепак имам голем личен мотив кој не го кријам, а тоа е да направам сè што можам да ја унапредам и развивам со моите колеги институцијата во која сум се оформил како кадар.

 

Д-р Виктор Камнар

М МАГАЗИН: Од не така одамна се нафативте на менаџерска улога во вашата матична установа, една од поважните во јавното здравство. Улога која претпоставува поинакви способности и вештини покрај нужното изворно познавање на нештата. Првичните резултати веќе говорат за сериозно сфатена позиција. Кои беа мотивите да се зафатите со предизвикот кој е многу повеќе одговорност од колку привилегија?

Искрено колку е привилегија, многу повеќе е и одговорност и тежина. Една од првите работи со кои како раководство се зафативме беше комплетно реновирање на операциониот блок, кој е во завршна фаза и најгордо можам да констатирам дека за помалку од еден месец ќе имаме најмодерни операциони сали со кои можеме слободно да се компарираме со универзитетските клиники во централна и западна Европа. Од друга страна континуираната едукација и зголемувањето на стручната експертиза е нешто на кое секојдневно работиме.

М МАГАЗИН: Ако за сигурна рака на хирургот е потребно да ја остави својата приватна персона пред вратата на салата, што се случува на излегување од кога ќе се соблече хируршката опрема и таа се затвори зад себе?

Во принцип работното време на хиругот не постои во класична смисла на зборот. Сепак би издвоил некои работи, а тоа е дружење со пријателите, минување на квалитетно време и секој практично слободен момент со семејството.

М МАГАЗИН: Како се релаксирате односно ослободувате од неизбежниот професионален стрес и дали и колку е застапен спортот во Вашиот лајфстајл и што тоа за Вас значи?

Со спорт се занимавам од најмали нозе. Израснат сум на 100 метри од спортска сала така да најголем дел од детството и младоста го проведов со спортот. Денес во неделните активности од спорт практикувам фитнес и брзо пешачење. Важам и меѓу луѓето кои добро ме познаваат за фанатик за пешачење бидејќи автомобил во градски услови не возам или се возам само ако морам.

М МАГАЗИН: Манекенската става веројатно говори дека внимавате на исхраната, па колку и да има тука можеби генетски фактор?

Ова за манекенската става ќе го сфатам како комплимент и благодарам, а околу исхраната внимавам само во однос на количината и посебно на начинот на исхрана, нешто како животен стил.

М МАГАЗИН: Колку имате интерес во една од главните пасии на мажите- автомобилите?

Автомобилската индустрија е една од работите која редовно ја следам. Го пратам Авто Плус како медиум и уживам во следење на нови модели, трката на дизајни, надмоќ над агрегатите на гигантите во автомобилскиот свет.

М МАГАЗИН: Навидум несудената филмска режија и „судената“ ортопедска хирургија како да немаат допирни точки, па сепак и во обете нема приказна ако не постои конфликт. Настрана од мноштвото професионални фабули, кои филмски стории се ваши фаворити за сите времиња и зошто?

Јас сум филмоман, редовно одам во кино и се трудам особено за викенди да се релаксирам со најмалку два филма. Некои филмови ги гледам и по повеќе пати. Имам листа на фаворити во која се најмалку 10 на број, би издвоил еве два: Последниот танго во Париз – со Марлон Брандо и Марија Шнајдер во главните улоги и Копачи на злато – од 1933 година со Ворен Вилиам и Џоан Блондел. И двата филма имаат различна, но посебна порака.

М МАГАЗИН: Со кој лик од филмското платно би се поистоветиле и зошто?

Можеби со Том Круз во Топ Ган, а зошто незнам…?

Д-р Виктор Камнар

М МАГАЗИН: Колку денес сте задоволни со својот животен лик и кои се вашите посакувања за него во иднина?

За сè досега поминато лично, семејно и професионално јас сум задоволен, но во животот секогаш треба да се трудиме да бидеме подобри, похумани како за себе така и за заедницата. Најголемата доблест кај еден изграден човек е да дава од срце. Како до сега така и понатаму ќе се трудам со сите сили да го правам истото. Тоа е нешто што како заедница ќе мораме повеќе да работиме како би го издигнале на ниво на кое заслужува да биде. Еден настан особено ме инспирира во тој поглед, а тоа беше една наменски организирана прекрасна роденденска прослава на моја блиска другарка, каде сите средства кои беа потребни за изградба на центар за интензивно лекување на дечиња со посебни потреби беа од неа обезбедени и дадени.

М МАГАЗИН: Ако можете, кој момент од животот би го проживеале уште еднаш?

Искрено ниту еден момент не би сакал да го проживеам уште еднаш. Не верувам дека чуството на прекрасниот момент може да се доживее неколку пати. Верувам дека тоа чуство е единствено. Се доживува само еднаш, а се памети цел живот. И токму во тоа е убавината на прекрасниот момент.

М МАГАЗИН: Што му фали на Скопје?

Јас искрено сум позитивен човек и најчесто чашата ја гледам полу полна, а не полу празна, ако можам така да се искажам. Така, што не би започнал одговор со критика на градот во којшто сум роден и во кој што живеам. Јас го сакам Скопје, со сите негови убавини и недостатоци. Има работи коишто ми пречат, но верувам дека со тек на време и тие ќе се решат и Скопје ќе заличи на еден вистински регионален центар.

М МАГАЗИН: За што, онака опуштено мечтаете?

За море, за тишина и секако за некое далечно патување коешто веќе детално сум го истражил на интернет.

М МАГАЗИН: На што сте највеќе горди?

Секако на моите деца. Не постои професионален успех што би можел да се мери со чекорите што ги прават вашите деца низ животот. Горд сум кога ќе слушнам некое нивно мислење, горд сум кога ќе направат некој добар и успешен подвиг на којшто знам дека е резултат на долгогодишниот труд и соработка со мене и сопругата. Доколку ме прашувате професионално, тогаш горд сум секојдневно, на секоја успешна операција, на секој пациент којшто задоволно заминува од клиниката… Горд сум на малите работи коишто всушност ја градат големата слика на животот.

М МАГАЗИН: Која особина би сакале да ја имате, а ја немате?

Па би сакал, од време на време, да можам едноставно да бидам пасивен. Имено, да седнам на плажа и да останам на лежалката повеќе од 20-тина минути… Би сакал, да можам почесто да се опуштам и да го наоѓам моето време на тишината. Сепак со секојдневното темпо тоа тешко ми оди, но верувам дека со тек на време и тоа ќе го достигнам.

М МАГАЗИН: Што највеќе ве фасцинира во новата технологија?

Љубител сум на технологијата, така што се што е ново и интересно ме фасцинира. Моментално со син ми сме фасцинирани од PlayStation, така што вниманието ни е насочено кон изборот на игри и секако кој да биде победникот.

Д-р Виктор Камнар

М МАГАЗИН: Каква музика слушате?

Музика слушам секаква, од инструменталки, до стари македонски песни. Љубител сум на добрата музика, и таа секогаш била присутна во мојата фамилија, но за жал го немам наследено гласот на татко ми. Но, сепак уживам во неа. Инаку изборот на музика најчесто зависи од моето расположение.

М МАГАЗИН: Што во Вашата гардероба мора да има?

Мојата гардероба е претежно ориентирана кон спортскиот стил. Но, сепак гардеробата ја прилагодувам според обврските и видот на средбите коишто ги имам во текот на денот. Приврзаник сум на определени брендови, но тоа во никој случај не е клучен фактор во изборот на мојата облека. Сепак едно е сигурно, а тоа е дека најкомотно и најдобро се чувствувам во мојата зелена хируршка униформа.

М МАГАЗИН: Кој вид убавина му недостига на светот?

Не би кажал веднаш дека нешто недостига. Убавината е специфична и секое око различно ја гледа. Ако денот ви е лош, тогаш не гледате убавина и да сте на Хаваи, поред океанот. Така што каква убавина недостига на светот не би знаел да одговорам, ама какви погледи недостигаат на луѓето за да видат убавина, би можел да пробам да одговорам. Според мене, недостига мирот што секој човек би требало да го осети барем еднаш во денот, недостига духот на спокојот и безгрижноста, на смеата и блискоста. Недостига близината помеѓу луѓето и заборавот на временската димензија и трката за професионален и финансиски успех. Бидејќи верувам дека единствено кога човекот е внатрешно спокоен, само тогаш може да ја види вистинската убавина.

М МАГАЗИН: Дали би промениле нешто кај себе?

Секако, мнооогу работи… но тоа не оди така лесно. Сепак, со годините учам да ги балансирам, да ги менувам, да се критикувам… Некои успевам да ги сменам, некои работи успеваат мене да ме сменат, а некои едноставно ги прифакам дека се дел од мене и продолжувам понатаму…

 

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.