Најновото од германската автомобилска тјунинг компанија е Brabus 900 Rocket Edition. И како што кажува името, поседува две особини кои се припишуваат на суперавтомобилите а не на SUV возилата, а тоа се количество моќ и забрзување. Затоа е наречен најектремен.

На местото на оригиналниот 4.0-литарски погонски агрегат е поставен 4.5-литарски твин-турбо V8 мотор, повторно прилагоден за да даде 900 КС и 1.250Nm вртежен момент, што го прави значителен скок од 577 КС и 850Nm. Оваа моќ се испраќа до сите четири тркала преку деветстепен автоматски менувач кој прави чуда, односно го забрзува ова „чудовиште“ од 2.560 kg од 0 до 100 километри за 3,7 секунди.

Тука е и новоразвиениот издувен систем од не’рѓосувачки челик, развиен од Brabus со активно контролирани вентили и интегрирано Rocket Launch Ambient Light за да се додаде на драматичната изведба. Кога е време за релаксирано возење тука е копчето „Coming Home“. Brabus 900 Rocket Edition е предодреден за нешто поинакво, особено со надворешната надоградба која вклучува нови агресивни браници, заден спојлер и друго. Неговите 24 инчни тркала, кожната внатрешност, со алуминиумски детали му даваат спортски допир. Внатрешноста ја краси и 12,5 инчен инфозабавен систем. Ова „чудовиште“ ќе биде произведено во само 25 примероци.