Статистиките се импресивни кога станува збор за космодромот Бајконур, најголемиот истражувачки центар за вселенски истражувања: единаесет лансери, два аеродроми, 6.717 квадратни километри простор затворени за јавноста, 1.281 км – асфалтирани патишта, 470 км – железничката пруга…
Годишната потрошувачка на електрична енергија од пред неколку години изнесува 600 милиони киловат-часови. Колкава е неговата вредност денес, претставува запечатена информација.
Космодромот Бајконур беше местото од каде беше лансирано вселенското летало на првиот астронаут, Јуриј Гагарин во 1961 година. Денес, овој мегаломански проект е дел од договорот за закуп помеѓу руската вселенска агенција Роскосмос и Казахстан. Космодромот се наоѓа таму како дел од наследството на Советскиот Сојуз.
Нашата посета беше обвиена со тајна, се до самото пристигнување на местото на настанот. Документот од 44 страници беше потврда на одобрението за пристапот до едно од најобезбедуваните места на земјата.
И на моменти, ни се чинеше дека напорите што беа вклучени во реализацијата на оваа посета, можеа речиси да се споредат со годините на подготовка на астронаутите пред да полетаат во вселената. Екипажот на мисијата 57 беше составен од рускиот водач на програмата, Алексеј Овцинин и космонаутот на NASA, Ник Хаг.
Две недели пред полетувањето, тие биле на подготовки за преживување во контролирано карантинско опкружување, со цел да биде изведено спојување во вселената на Меѓународната вселенска станица ISS. Подготовките и предизвиците на мисијата беа многу разновидни. Повеќе од сто задачи вклучуваа шестмесечен престој во орбитата, а уште поважно е што мисијата вклучува и прошетка низ вселената.
Пристапот до космодромот е многу тежок. Во него се наоѓаат најуспешните вселенски летала во историјата на човештвото. Системот за лансирање Сојуз е единствената врска помеѓу земјата и вселенската станица, со кој се врши смената на астронаутите.
Два дена пред лансирањето, точно во пет часот наутро, ракетата висока 51-метар беше транспортирана од хангарот до лансирната рампа и тоа со најголемата железничка композиција. Самото поставување на конструкција од 313 тони во вертикална позиција бара многу инфраструктура, но многу е импресивно кога можете да го набљудувате процесот одблизу.
Во четврток, на 11 октомври, екипата од најблиски соработници, во стаклента соба им ги предаде космонаутските костуми на двајцата астронаути, го проверија дотокот на воздух во скафандерите и двајцата се збогуваа со семејствата. Особено трогателен беше коментарот на единаесетгодишниот син на американскиот космонаут: „тато направи да се гордеам”. Уште еден чекор кон автобусот кој ќе ги одведе кон капсулата на врвот на Сојуз ФГ.
Самото лансирање го следевме на оддалеченост од 800 метри од лансирната рампа.
Моментот кога моторите се вклучуваат и целата таа гломазна конструкција се придвижува кон небото како шум, секако нема зборови кои ќе го опишат. За величественоста на доживувањето придонесува и сознанието дека повеќе од 25 илјади луѓе учествуваат во тој проект, кој ние го гледавме како претстава. Но веќе по две минути од полетувањето, констатирана е грешка при вклучувањето на другите погони на леталото, па астронаутите спроведоа балистичко враќање во земјата. Слетувањето во ненаселена област на 400 км од местото на лансирање, заврши безбедно. И двајцата астронаути преживеаја. Тоа беше прв таков инцидент по 43 години на Бајконур.