Alpine и MV Agusta ги здружија силите за да креираат уникатен мотоцикл кој ќе се произведе во ограничена серија и е инспириран од моделот A110. MV Agusta Superveloce Alpine е соработка меѓу MV Agusta и францускиот бренд Alpine со што се добива уникатен мотоцикл со истата препознатлива сина боја која го краси моделот A110.

Оваа ограничена серија на мотоцикл исто така се одликува со беџови и лога на францускиот бренд Alpine, како и тркала со црн финиш изработени со CNC. Меѓу останатите карактеристики тука е и црното Алкантара седиште со контрастни сини конци. Моделот исто така има и мотиви од италијанското и француското знаме на двете страни од браникот од предното тркало.

Моќноста се извлекува од трицилиндарскиот мотор со работна зафатнина од 798 кубни сантиметри кој испорачува 147 КС и 88 Nm максимален вртежен момент. Ако тоа не е доволно, тука е тркачкиот кит кој додава ревидиран ECU и Arrow издувен систем со цел да се зголеми моќноста на 153 КС. Без оглед на моќноста, моторот е споен со шестстепен менувач кој му овозможува на мотоциклот да достигне максимална брзина од 240 километри на час.

Во согласност со перформансната тематика, Superveloce Alpine има алуминиумска swingarm, Brembo предни сопирачки и Pirelli Diablo Rosso Corsa II пневматици. Моделот исто така има и карбонски и титаниумски компоненти како и 5-инчен дигитален екран. Производството ќе биде ограничено на само 110 единици, а во Италија цените стартуваат од 36.300 евра со вклучен тркачки кит.

Превземено од avtoplus.mk