Movember фондацијата организира годишен настан кој ги поттикнува мажите да пуштат мустаќи во текот на месецот ноември, со цел подигнување свеста за здравствените проблеми на мажите и продолжување на нивниот животен век.
Македонската верзија на кованицата „Моември“, која очигледно претставува модификација со посебно значење на месецот ноември, претставува своевидна адаптација на англискиот термин – Movember. А тој модерен термин е изведен од австралиско-англискиот деминутив за мустаќи – „mo“ во комбинација со зборот „november“(ноември).
Фондацијата „Movember” организира хуманитарни настани и преку интернет-сајтот Movember.com. Целта на Моември е да се „промени претставата за здравјето на мажите”.
Покрај годишните прегледи, движењето Моември ги охрабрува мажите да бидат свесни за семејна историја на рак и да усвојат поздрав начин на живот.
Од 2004 година хуманитарната организација, Фондацијата Movember започна да организира настани под слоганот „Моември“ за подигнување на свеста за здравствените проблеми на мажите, како што е ракот на простата и депресија, на почетокот во Австралија и Нов Зеланд.
Во 2007 година слични настани почнаа да се организираат во: Ирска, Канада, Чешка, Данска, Ел Салвадор, Шпанија, Обединетото Кралство, Израел, Јужна Африка, Тајван и САД.
Веќе во 2012 година, Global Journal ја прогласи „ Movember “ како една од првите 100 невладини организации во светот. М магазин како единствено списание за мажи во Македонија се придружува кон ова интернационално движење и дава свој придонес во борбата за подобро машко здравје.