Како никогаш досега, доделувањето на FIFPro наградите остави простор за дилеми, дали наградите завршуваат кај навистина најдобрите фудбалери?!

Лука Модриќ и официјално е најдобриот фудбалер на планетата за 2018 година! За првпат откако се доделува оваа награда, заминува на балканските простори. Низ текот на годините, несомнено е дека земјите од балканот дадоа многу од највпечатливите фудбалери на светската сцена.

Иако многумина го оспоруваат изборот на Модриќ, оваа награда може да се почувствува и како еден вид конечно признание за сите успеси на фудбалерите од можеби најпотценетите фудбалски школи на планетава кои се наоѓаат на просторите на поранешна Југославија.

Дури и самиот Модриќ не пропушти да се заблагодари на Ѕвонимир Бобан и неговата генерација фудбалери на Хрватска кои во 1998 година го постигнаа дотогаш најголемиот успех со пласманот меѓу најдобрите 4 на Светското првенство во Франција.

Во краткиот говор, Лука Модриќ го кажа сето она кое требаше да го каже: инспирација за него биле токму „коцкестите“ херои од 98-ма, а тој самиот се надева дека ќе биде инспирација за сите млади фудбалери кои допрва ќе ги следиме на светската сцена.

Не би сакале да спориме дали Модриќ заслужено ја освои наградата. Факт е дека тој беше еден од клучните фудбалери на Реал Мадрид на патот кон 3-тата по ред титула во Лигата на шампионите и на свој грб ја однесе Хрватска до финалето на Светското првенство. Доколку некој тврди дека можеби Мо Салах кој се „истури“ од давање голови или Гризман кој го освои Светското првенство ја заслужуваат наградата, тешко е да се спори. Јасно е дека решаваат нијанси и дека не постои математичка формула која егзактно би утврдила кој е најдобриот фудбалер.

Она што го правеше изборот на FIFA најверодостоен е комбинацијата на гласови од фановите, еминентните фудбалски новинари, како и самите фудбалери (капитени на репрезентации) и селектори. Сепак, ако погледнеме поблиску во нелогичностите кои произлегуваат од изборот, јасно е дека и овој „рецепт“ е далеку од совршен.

Модриќ

Мо Салах меѓу тројцата најдобри, но без место во најдобрите 11?!

Наградата за најдобар фудбалер имаше три потенцијални добитници: Кристијано Роналдо, Мо Салах и Лука Модриќ. Она кое е несфатливо е фактот што Салах и покрај ова, не се најде во изборот на најдобрите 11-мина фудбалери во изминатава сезона.

Не е логично фудбалерот кој ја освои наградата за најдобар стрелец во својата прва сезона во Премиер лигата и го одведе Ливерпул во финалето од Лигата на шампионите, да не се најде меѓу најдобрите единаесет.

Веројатно FIFA калкулираше сакајќи да ги држи сите задоволни, па од друга страна Салах „украде“ награда која веројатно требаше да му припадне на Кристијано Роналдо или Герет Бејл – ја доби Пушкаш наградата за најдобар гол во изминатата година и покрај неверојатните „ножички“ на тандемот на Реал Мадрид на патот кон освојување на трофејот во Лигата на шампионите.

Куртоа е најдобар голман, но не е меѓу најдобрите 11?!

Уште една, во најмала рака, перверзна одлука на FIFA. Тибо Куртоа ја однесе наградата за најдобар голман, иако во дресот на Челзи скоро цела година прими убава бројка на голови. Ако за репер, пак, се земе Светското првенство, веројатно ќе се согласите дека Лорис или Субашиќ имаа повпечатлив настап. За комедијата да биде уште поголема, за најдобриот голман немаше место во идеалните 11-мина, каде се најде Давид Де Геа?!

До кога со Дани Алвес?!

Ако досега не сте убедени дека има нешто труло во начинот на кој се доделуваат наградите, крунски доказ е вклучувањето на Дани Алвес во тимот од 11 најдобри фудбалери за сезоната која измина. Бразилскиот ветеран не само што имаше просечна сезона, туку и се мачеше со повреди и комплетно го пропушти Светското првенство во Русија!

Кога се доделуваат награди, секогаш има победници и поразени, задоволни и незадоволни. Наше е да се надеваме дека во годините кои следат, во FIFA ќе поработат на тоа да немаат гафови како годинава. Многумина не гледаат логика во тоа меѓу тројцата најдобри да нема фудбалери од Светскиот шампион Франција, но наградата за Модриќ ќе ни остане како вкусно сеќавање за романтичното фудбалско лето кое го приредија репрезентативците на Хрватска за сите нас кои имаме балкански корени и за оживување на надежта дека фудбалските чуда се можни и реални. Браво Лука!