Бон тонот е една од главните карактеристики на еден џентлмен. Фините манири се неодминливата круцијална состојка на секој успешен маж. Залудни се модерните облеки, скапите автомобили и излегувањата на популарни места ако немате фини манири.
Особено ако сте во друштво на девојка или жена, без оглед на тоа во кој статус е вашата релација. Лошата манифестација на домашното и животното воспитание може да го уништи целосниот впечаток. Но, исто така, може и да ве претвори во неодолив шармер.
Покрај традиционалните правила за бон тон или по нашки кажано, правилата на Бечка школа, модерното време носи и нови правила кои не можеме да ги одминеме.
Користењето на мобилни телефони, паркирањето пред влезот на ресторанот, гласното дерење додека се зборува и уште еден куп други финеси во однесувањето, несвесно оставаат добар или лош впечаток кај околината. Тие всушност го градат имиџот на секој човек.
ВОВЕД ЗА БОН ТОН ВО РЕСТОРАНИ И КАФЕ БАРОВИ
Верувам дека секој маж со аспирации да биде добар џентлмен доволно се разбира во бон тон, што знае дека на дамата треба да и ја отвори вратата пред влегување и излегување од ресторанот или кафе барот.
Се надевам дека не треба да ги повторуваме ваквите основни правила на доброто однесување. Но што треба или не смее вистинскиот џентлмен да прави во меѓувреме од отварањето до затворањето на вратата?
БОН ТОН ВО РЕСТОРАН
1. РЕЗЕРВАЦИЈА
Пожелно е да се помисли да се направи резервација, како би се избегнале непријатни ситуации, а воедно треба да се внимава и на тајмингот за резервацијата. Некултурно е доцнење или не дај боже, неоткажување на истата ако искрснало нешто во меѓувреме.
2. ПРИДРЖУВАЊЕ ПАЛТО И СТОЛЧЕ
Господин кој сака да остави впечаток, го подржува при соблекување палтото на дамата која е со него, ако тоа не го стори некој од персоналот во ресторанот. Го придржува и поднаместува столчето на кое седи дамата и потстанува кога таа ќе стане да оди во тоалет.
3. МАЦКАЊЕ ПО ЧИНИИ И ГРИЦКАЊЕ ЧЕПКАЛКИ ЗА ЗАБИ
Можеби мислите дека е симпатично или сакате да оставите впечаток на опуштен тип кој не се оптеретува со правилата на околината и имате оправдание за мацкањето по остатоците од шопската салата во заедничката чинија, затоа што „така ви било највкусно, а и дома исто така сте правеле“.
Сепак, воздржете од овие нецивилизирани испади и вистина, нека остане така, само дома продолжете да го правите тоа. Што се однесува до чепкалките за заби, иако ги има поставено масата и по таа логика би требало да биде во ред да се користат, сепак обидете се и нив да ги избегнете, исто така.
Ова исто важи и за грицкањето пластични лажичиња за кафе, а ако сакате во целост да не се срамите, не мора ни да ја врткате кутијата за цигари по масата, говорејќи за големите бизниси кои ги работите.
И колку за потсетување, апелеираме да не ви биде оправдание тоа што сте во гостилница на скара, а не во ресторан.
4. СИПАЊЕ ПИПЈАЛОК
Многу мажи во ресторан си сипуваат пијалок само на себе. Ова е исто така недопустиво. Освен што како личност се презентирате себеси како себичен човек, оставате и впечаток на некултурен и непрефинет маж.
Вистинскиот маж секогаш се грижи за тоа до каде е со пиењето друштвото околу него, прашува дали смее да досипе и го прави тоа културен начин.
5. ГЛАСНО ЗБОРУВАЊЕ И ДЕРЕЊЕ
Едно е гласно зборување кога е музиката посилна, а друго е дерење како последица на повисокото ниво на алкохол во крвта. Сите знаеме дека по втората и третата чашка луѓето се опуштаат, но и стануваат и поагресивни и понападни.
Една од последиците на тоа е и гласното зборување. Затоа апелираме да внимавате на тоналитетот на својот глас и да не се дерете неартикулирано во друштво. Не се брукајте и не оставајте простор за коментари на сметка на вашето претерано конзумирање алкохол.
6. ПУРИ
Ова е омилена алатка на секој новопечен господин на нашите простори. Секој кој имал аспирации да биде нешто повеќе од она што вистински е, барем еднаш запалил пура во друштво и значајно издувувал чад кој одел во лицата на оние кои седат спроти него.
Пурите едноставно некого го личат, а некого не. Толку е просто. Особено е смешно дури и жално, кога пурата не одговара ниту со облеката, ниту со говорот на телото, ниту со околината во која се седи. Не се обидувајте да бидете нешто што не сте.
7. СМЕТКА
Не би требало и за оваа тема да има потсетување, но изгледа дека сепак е потребно да се нагласи.
Вистинскиот џентлмен ја плаќа сметката на дамата.
Немојте да мислите дека сте многу современи и дека тоа што никој до сега не ве опоменал, ве прави да бидете опуштени во поглед на ова прашање. Ако однапред знаете дека немате доволно пари да ја платите сметката, воопшто не излегувајте од дома.
БОН ТОН
8. РЕЧНИК
Проблемот на овие наши балкански простори е во тоа што, не само што сме навикнати на лошо изразување и слушање пцовки како дел од секојдневниот вокабулар, туку уште повеќе, некои тоа го сметаат и за добар зачин на разговорот, начин на кој ја потенцираат содржината.
Верувајте, не треба да се гордеете со ваквиот начин на изразување. Ако секој трет збор ви е непристоен, вие не делувате опуштено и неформално. Делувате сељачки.
9. МОБИЛНИ ТЕЛЕФОНИ
Иако жените предничат во користењето на мобилните телефони на маса и додека се во друштво, не е мал бројот и на мажи кои го прават истото. Ова е еден недопустив знак на огромна некултура и непочитување на присутните на масата.
Едно е кратко одговарање на телефонски повик или проверка на мејл или смс, а сосема друго е чепкање по телефонот, скролање по Инстаграм и Фејсбук во присуство на друштво. Оставате впечаток на многу неквалитетна личност и дека ви е досадно друштвото!
10. ПАРКИНГ
Вистинскиот џентлмен исто така, внимава каде се паркира. Ако мислите дека ќе оставите впечаток на голем фраер со тоа што каубојски ќе го оставите автомобилот било каде и при тоа самоуверено ќе излезете од него со ставот „Знаеш ли кој сум јас?” многу грешите.
Така прават кутрите маалски мангупи кои немаат како на друг начин да ја искажат својата мажественост, па им се силат на сообраќајните знаци и тротоарите, наместо онаму каде што вистински треба да ги покажат своите алфа карактеристики.
11. НАЧИН НА КОНВЕРЗАЦИЈА И ПОСВЕТУВАЊЕ НА ВНИМАНИЕ
Една од главните карактеристики на секој што претендира да биде господин-човек е начинот на кој разговара и посветува внимание на соговорникот. Конверзацијата секогаш треба да биде лесна и ненапорна.
Напорните и гласни аргументации оставете ги за состаноците на работа. Особено се напорни оние луѓе кои со висок тон и значајни гестикулации почнуваат да ги убедуваат своите соговорници во своите ставови.
Најстрашно е кога се разговара за темата политика. Од страна гледано, овие дискусии делуваат како кавга и често пати странците кои доаѓаат во Македонија, не разбирајќи го јазикот, а следејќи ги само гестикулациите и тонот, исплашено прашуваат за што се расправаат луѓево. Освен начинот на говорење, треба да се внимава и на естетиката, содржината и формата на кажаното.
Уште поважно е да се сослуша соговорникот. Посветеното внимание во разговорот веднаш го става културниот човек во позиција кога и неговиот збор ќе биде повеќе вреднуван и ценет. Особено е важно да се покаже и интерес и соживување со темата за која се разговара.
12. ДЕЦА
Точно е- децата се нашето најголемо богатство и претставуваат радост во секоја средина. Меѓутоа, тоа не е оправдание за тие да се однесуваат неартикулирано и да можат да прават што сакаат. Не се вадете на она: „Деца се, нека си играат“.
Нивното невоспитание го покажува вашето невоспитание/ некутура . Не дозволувајте вашите деца да трчаат, викаат и го реметат раатот на оние кои се околу вас. Приберете ги и не наоѓајте изговори за вашата мрзеливост. Толку е едноставно.
13. ПРЕТСТАВУВАЊЕ
Одлика на човек со фини манири е да се претстави соодветно. Треба јасно, а не со мумлање да си го каже името, да се поздрави и да го запамети името на другиот. Подобро прашајте и по втор пат ако не сте чуле добро, отколку да одмолчите и да не запомните со кого сте се запознале.
Исто така, ако во друштвото има некој со кој се знаете и се поздравувате, а оној кој е со вас не ја познава таа личност, ваша должност е да ги запознаете оние кои не се познаваат меѓусебно и да создадете пријатна, пријателска атмосфера помеѓу нив.
14. СЕЛФИЊА
Да, можеби сте дигитално активни и сакате секојдневно да прикачувате слики од себе од сите места кои ги посетувате. Тоа е ваше право. Правите индвидуални и групни фотографии и веднаш ги објавувате.
Но, при тоа не смеете да заборавите дека немате право да објавувате слики и чекирања на луѓето околу вас, ако претходно не сте ги прашале дали смеете да го направите тоа. Причините и последиците и сами ги знаете. Секој има барем по неколку случки кога објавил нешто, а тоа предизвикало проблем некаде.
15. ДРЕС КОД
Иако треба да биде првоспоменат критериум за промоција на бон тонот и фините манири, дрес кодот е оставен како последен совет во оваа рубрика, од причина што како тема е многу поголема и позначајна од тоа само да се спомене како потсетување.
Сепак, накратко- соодветното облекување го прави првиот впечаток за човекот. Бидете што посвесни за стилот и квалитетот на облеките и аксесоарите кои ги носите секогаш и секаде.
Внимателно читајте ги поканите за настаните каде што е прецизиран дрес кодот или распрашајте се каков дрес код бара одреден настан ако тоа не е е нагласено. Тоа од една страна кажува многу за вас како џентлмен/ господин, а од друга страна ја покажува вашата почит кон луѓето со кои сте, местото кое го посетувате и поводот за кој сте дошле на некое место.