Кои се најчудните теории кои човештвото ги создало и влегуваат во сивата зона наречена „теории на заговор“? Кога ќе се спомне поимот „теорија на заговор“, теоријата секогаш се зема со доза на резерва. Со доаѓањето на дигиталната ера, се чини дека е сѐ потешко да се создаде теорија која во суштина е лажно објаснување за некаков настан, појава или личност, но во исто време, луѓето кои ги пропагираат овие теории успеваат да приложат какви-такви докази кои често не тераат да се замислиме.
Според наш слободен избор, ги одвојуваме најчудните теории на заговор на денешницата.
Paul McCartney is dead!
Можеби една од најчудните теории на заговор во музичкиот свет е тоа дека МекКартни, еден од четворицата членови на најпопуларниот бенд во историјата, умрел уште во 1966 година кога The Beatles го доживуваа врвот на својата популарност. Теоријата е дека останатите членови на бендот успеале да најдат негов „двојник“ кој ќе го заменува.
Теоријата не се базира на некој конкретен податок или информација, но поддржувачите ја поткрепуваат со скриени пораки во текстовите на песните на The Beatles во подоцнежниот албум The Sgt Pepper’s Lonely Hearts Club Band.
Доколку ја пуштите песната A Day in the Life наназад, можете да ја слушнете фразата „Paul is dead, miss him, miss him“, додека на крајот на Strawberry Fields Forever, можете јасно да го слушнете John Lennon како изговара „I buried Paul“. Крајот не е тука!
Насловната фотографија на албумот Abbey Road претставува концепт на погреб каде Џон Ленон ја води поворката облечен во бело, Ринго Стар зад него е облечен во црно што симболизира тагување, а Џорџ Харисон е трет облечен во стил на гробар.
На крај, МекКартни се одвојува од поворката без чевли, што според поддржувачите на оваа теорија претставува симбол дека е мртов, а „на оној свет“ не му се потребни чевли. Само колку да расчистиме, Sir Paul McCartney е сѐ уште жив!
CIA и СИДА?!
Уште со појавувањето на првите случаи на ХИВ/СИДА, во САД во 1981 година, не престануваат теориите за тоа од каде потекнува оваа смртоносна болест. Онаа теорија која има најмногу поддржувачи е дека вирусот е вештачки креиран во лаборатории на CIA (Central Intelligence Agency) по налог на претстедателот Ричард Никсон и тоа со цел да ги збрише хомосексуалците и афро-американците.
Оваа теорија низ текот на годините имаше и многу видни поддржувачи, како на пример претседателот на Јужна Африка, Табо Мбеки како и нобеловецот Вангари Матаи.
Иако теоријата долго „лебдеше“ во воздух, подоцна се покажа дека се работи за добро осмислена кампања од страна на руската разузнавачка служба КГБ како дел од ладната војна.
Подоцна, по исцрпни истражувања, научниците докажаа дека вирусот оригинално се пренел од мајмуни на луѓе на територијата на Конго во 30-тите години од минатиот век. И покрај научните докази, оваа теорија и денес е популарна, особено во САД.
Вонземјани помогнале во изградбата на Stonehenge
Фактот што локалитетот Стоунхенџ е сочинет од карпи тешки и повеќе од 50 тони, а датира скоро пет века пред да биде измислено тркалото, наведува на интересни теории за тоа како точно е изграден.
Тешко е да се објасни како овие карпи биле транспортирани и распоредени за да го создадат Стоунхенџ во време кога е познато дека не постоела технологија и знаење за нивен ефикасен транспорт до локацијата.
Објаснувањето кое многумина го поврзуваат со Стоунхенџ, но и со многу дамнешни мега-градби како на пример пирамидите е дека луѓето кои ги создале, во тоа време добиле помош од суштества кои не се од оваа планета и кои знаеле како да ги „научат“ да ги изградат.
Иако многумина, во недостиг на подобра теорија, сакаат да веруваат во ова, се прашуваме како тие вонземјани не се сетиле на луѓето да им го пренесат знаењето за тоа како да конструираат тркало или возило за да ги транспортираат материјалите за градба, туку не оставиле уште неколку векови без ниту најосновна технологија.
Принцот Чарлс е вампир!
Ако ова Ви звучи досега најневеројатно, почекајте. Тука барем имаме релевантни докази. Секако, не веруваме дека вампирите постојат и рационално е да се смета дека поимот вампир е креација на човековата имагинација, но принцот на Велика Британија навистина има потекло од семејството кое е инспирација за вампирите!
Принцот Чарлс има потекло од Кралицата Мери, која била придружничка на Џорџ V, кој пак е полу-брат на озлогласениот Vlad the Impaler – инспирацијата за ликот на Дракула!
Во 2017, на Чарлс му беше понудена и титулата почесен принц на Трансилванија, како почит за потеклото на неговото семејно стебло. Можеби не е вампир, но сигурно е дека потекнува од Трансилванија!
Area 51
Сторија за теорија на заговор не може да постои доколку не се обрне внимание на Area 51. За областа во САД на југот на Невада се верува дека е центар на сите активности поврзани со UFO и вонземјани.
Теоријата за Area 51 датира од 1947 година кога толпа на луѓе тврдат дека биле сведоци на слетување на вселенски брод, а владата на САД истото го негира и тврди дека се работи за поголема сонда за набљудување на временските услови. Подоцна „вселенскиот брод“ е префрлен во строго забранетата зона за пристап Area 51, а од тогаш „доказите“ дека таму се случува нешто чудно само се зголемуваат.
Официјалната верзија е дека базата и служи на американската војска за развој на нови, тајни технологии, а токму тоа е причината за високото ниво на безбедност и забранет пристап, а не наводните „аутопсии на вонземјани“. Додека не нѐ пуштат да разгледаме што се случува внатре, слободни сме да веруваме во што сакаме за ова место.
9/11
Од поново време, за нападите на кулите близначки во Њу Јорк т.е. 9/11 во кои загинаа скоро 3.000 цивили, огромна е масата на луѓе кои верува дека Ал Каеда не е организацијата која е организатор. Теоријата е дека нападот е режиран од страна на внатрешни служби на САД, сѐ со цел да стане иницијална каписла за отпочнување на децениската борба против тероризмот насекаде низ светов.
Болно е воопшто да се помисли дека некој е способен да режира еден ваков настан, но секогаш оставете простор за размислување и дајте им шанса на многуте видеа кои можете да ги пронајдете на YouTube, а изобилуваат со факти и докази кои ја поддржуваат оваа теорија. Препорачуваме, доколку сѐ уште не сте го гледале, да го погледнете документарниот филм Fahrenheit 9/11 на Мајкл Мур, а потоа да донесете свој заклучок.
Chemtrails
Ако сте на било каков начин поврзани на Интернет, сигурно веќе сте слушнале за теоријата за Chemtrails – или во превод: хемиски трагови. Се работи за траговите кои одредени авиони ги оставаат на небото и се видливи со голо око.
Поддржувачите на оваа теорија тврдат дека се работи всушност за „попрскување“ на населението од страна на моќниците со цел да го контролираат нивното однесување или да ги контролираат временските услови и слично.
Сепак, до неодамна никој од научниот свет не се потрудил воопшто да даде објаснување за траговите на небото (бидејќи не постоела Chemtrails теоријата на заговор), но пред две години, универзитети од Калифорнија (САД) организираа дури 77 професори да направат научно истражување и да се произнесат.
Како што можете да претпоставите, 76 од 77 професори се сложија дека траговите на небото се едноставно хемиска реакција од согорувањето на горивото на авионите кои прелетуваат, но еден професор не беше убеден дека не се работи за Chemtrails, што за поддржувачите на оваа теорија е доволно за и понатаму да веруваат.