Технолошкиот гигант Microsoft започнува ново партнерство со компаниите Cruise и GM со цел развој на автономното возење и беспилотни автомобили. Cruise и GM ќе ја користат cloud платформата Azure на Microsoft со цел да ги комерцијализираат самовозечките возила.

Новото партнерство е опишано како „долгорочно стратешко партнерство“, а Microsoft ќе вложи 2 милијарди долари, со што им се приклучува на GM, Honda и други инвеститори. Откако Microsoft ја вложи оваа сума, вкупната вредност на Cruise сега изнесува 30 милијарди долари, иако GM ќе ги задржи мнозинството акции во компанијата. Со сите овие инвестиции, Cruise прави големи чекори кон реализирањето на автономните возачки услуги, како што е еден од најголемите и најветувачките проекти во моментов, Origin електричниот шатл, кој сега ќе функционира на Azure системот на Microsoft.

Само за споредба, компанијата Argo AI, самовозечки стартап кој е поддржан од гиганти како Ford и Volkswagen, во моментов вреди 7,25 милијарди долари.

Сепак, Origin ќе мора да добие дозвола од Националната патна сообраќајна администрација за безбедност со оглед на тоа дека нема автомобилски компоненти кои сме ги гледале досега, како што е соодветен управувач, пред се. Треба да се направат уште голем број на тестирања со цел да им се докаже на регулаторите дека самовозачката технологија на Cruise е безбедна.

GM и Microsoft исто така ќе работат заедно со забрзување на дигитализациските иницијативи на производителот, кои вклучуваат и вештачка интелигенција. Од друга страна, Cruise очекува Origin да има животен циклус од над 1.600.000 километри, односно шест пати повеќе од она што генерално се очекува од еден просечен патнички автомобил.