Миа Костова има 34 години, завршила Туризам и Менаџмент – Менаџер по односи со јавност. Многу малку луѓе знаат дека има родена сестра која е 12 ипол години помала и е чиста спротивност на она што е таа.

Колку што сака лето, толку мрази зима. Во моментов работи како инфлуенсер на Instagram и водителка на емисијата Backstage. Живее со својот 7 годишен син Андрија.

Постарите сè уште ја познаваат како девојчето од емисијата за млади „99 Action“ која одеше во 90-те, а некои ја препознаваат и по тоа што, со текот на годините била личност која ја предизвикувала околината со своите животни избори и постапки.

Според неа, таа никогаш немала таква намера, како што самата вели едноставно им се препуштала на приликите и животните текови и интиутивно го избирала својот пат. За себе вели дека е импулсивна, но и скромна девојка на која и значат обичните работи.

Не жали за ништо што направила до сега и никогаш не се навраќа на минатото. Можеби затоа делува дека е борбена личност, а всушност таа само го следи својот филм и се обидува да внесе позитивност кај себе и своите најблиски.

Миа КостоваММАГАЗИН: Во вашиот живот се започнува порано отколку кај останатите и се одвива брзо. Тоа е последица на вашиот темперамент или едноставно имате таква карма?

Ако подобро размислам, мене ми личи дека во мојов случај е комбинација од двете. Иако сметам дека работите кои ни се случуваат сами си ги предизвикуваме, сепак мислам дека всушност ги добиваме онака како што ги бараме.

Веројатно, понекогаш и кармата игра некоја улога во сето тоа. Јас во животот, до сега барем, секогаш сум се потпирала единствено на мојата интуиција и веројатно сум правела и правам како што се чуствувам во моментот, без да размислувам многу за последиците. Едноставно мразам кога размислувам за утре.

Го живеам моментот и можеби затоа, сè што ми понудил животот сум го прифатила без многу рационалност затоа што во дадениот момент тоа ми се чинело исправно. И на свои речиси 35 години сè уште повеќе играм со срце, а многу помалку со калкулации.

ММАГАЗИН: Вашиот прв професионален ангажман започна уште во деведесетите. Како беше да се носите со професионални обврски и јавен живот на тие години?

Прв пат се појавив на телевизија на свои 15 години. Колку што уживав во популарноста на, во тоа време, единствената емисија за млади „99 Action“, толку тоа понекогаш ми носело и тежина со која со која не сум се справувала многу лесно.

Од овој аспект денес, сè повеќе тврдам дека ‘популарноста’ па дури и извојувањето со карактер и симпатичност, особено на таа возраст е товар што не секое дете може да го носи. Поради мојата природа, уште од многу мала возраст, сум била мета на детски озборувања и групирања.

Од секогаш сум го имала чувството дека сум неколку години постара од мојата генерација. Сум имала моменти кога сум плачела и не сум сакала да одам на училиште затоа што сите биле против мене.

На тие години тоа знае да биде многу трауматично искуство и многу малку треба едно дете во развој да го изгуби тлото и да се изгуби себе кога се случуваат такви нешта. Од друга страна пак, за некого тоа е добар начин уште од мал да научи да стои на свои нозе и да верува во себе.

Среќна сум што јас бев ова второво, и што уште тогаш сфатив дека мојот пат не е пат на сите и дека нема зошто тоа да ме фрустрира. Искрено, не е многу сменето ни денес.

ММАГАЗИН: На прст носите тетоважа на венчален прстен. Која е мотивацијата да сакаш да се омажиш на 21 и да се разведеш на 22 години ? Експеримент, бунтовништво, вистинска љубов или нешто друго?

Повторно ќе го кажам она од погоре. Импулс, чувство, одлука која во тој момент ми се чинела исправна. Колку и да сум била млада и можеби не сум проценила добро, сепак, не сметам дека постојат грешки, сите ние сме во даден момент онаму каде што ние сакаме да бидеме.

Тогаш сум сакала да бидам таму. И никогаш не сум се покајала, ниту ден денес. Кога сум сметала дека тоа треба да заврши, завршило во истиот момент. Никогаш не оставам работите да одат по рамна линија. Кај мене сè е многу емотивно и ситуациите во кои се наоѓам секогаш се полни со живот.

Ако се изгуби енергијата, одам понатаму. Не останувам никаде ниту за околината, ниту за убавите денови од минатото, ниту затоа што тоа е така исправно за некој. Значи ниту е експеримент ниту бунтовништво.

ММАГАЗИН: Кога сме кај експериментите. Вашата врска со друга девојка на времето беше прилично отворена и јавна. Дури имавте и насловна страна во македонскиот Playboy магазин. Имавте ли некогаш непријатности и како тоа го доживевте од аспект на прифаќање од страна на околината?

Можеби не секој ќе признае, но тврдам дека од тогаш наваму, многу работи во тој поглед и во поглед на гледањето на таа тема со предрасуда се сменија. Јас лично во тој период никогаш не сум се соочила со некоја непријатност, напротив луѓето сакаа да бидат во наше друштво секаде и секогаш.

Веројатно на луѓето многу им остава впечаток ставот кој го имаш. Кога гледаат дека до тебе не допира нивниот прекорен поглед, тогаш немаат избор освен да ти се придружат. Во тој период ни приоѓаа луѓе кои со години се мачеле со општеството со својот проблем и таа ситуација ја гледаа како можност себе си да си олеснат.

Денес имам чувство дека тоа е далеку поинаку и послободно. Онолку колку што ова поднебје може да поднесе, секако. Така што, од овој аспект денес, ете повторно тоа е некоја моја остварена желба на која, кога ќе се навратам, е само дел од мене и никогаш не би ја променила и да можам. Сите мои одлуки ме направиле она што сум денес. А од себе денес сум прилично задоволна.

Миа КостоваММАГАЗИН: Со оглед на тоа дека постојано ја предизвикувате околината со своите постапки, дали воопшто ви претставуваше стрес да се одлучите да станете самохрана мајка и како денес се носите со таа улога?

Искрено, за реакциите на околината не ни помислувам кога решавам нешто толку големо за себе. Особено нешто што го менува животот од корен. Ниту околината ми купила пелени, ниту околината е среќна со мене во сите моменти од растењето на Андрија.

Одлуката за дете беше стресна ама не беше нешто што ме исфрли од колосек. Едноставно беше животна шанса и моја најдобра животна одлука. Сум имала многу трауматични моменти кога сум била сама со бебе дома, сум се прашувала како со сето тоа сосем сама се излегува на крај.

Сум го држела во прегратки и често сум плачела со него во еден глас. Ама никогаш не сум се откажала. Никогаш не сум помислила да се вратам во семејниот дом со бебе. Сум крахирала и финансиски и емотивно ама секој пат сум се будела со мислата ‘не може да не може’.

Сум позајмувала облека од другарки и сум собирала пари за млеко. Ми требаше време да ја прифатам улогата на мајка и да сфатам што значи тоа. Кога застанав на нозе, знаев дека љубовта кон него ќе ми ги намести коцките, но само ако се потрудам.

Па така, во тоа време работев сè што ќе ми се понудеше за да имаме пристоен живот. Денес, денес е многу поинаку. Мојата силна верба и енергија ме направи самохран родител кој колку и да звучи нескромно вреди за четворица. Имаме сè што ќе посакаме. Скоро 7 години подоцна горда сум на себе што никогаш не кренав раце од самата себе, а со тоа и од него.

ММАГАЗИН: Проектите и повеќето релации во Македонија се познати по својот краток век на траење. Како успеавте со Backstage да одржите толку долготрајна соработка и успех кој сè уште трае?

Прво е исклучително што воопшто Бекстејџ постои толку долго време, со исклучок на една куса пауза. Имаше многу убави времиња во таа редакција, за подоцна самата ситуација со медиумите да наметне да мораме да се одмориме.

Се вративме пред извесно време со елан и желба да бидеме она што сме биле во минатото, иако денес е многу потешко од порано. Јас сум дел од Backstage навистина многу долго време. Речиси цела деценија.

Тајната на нашата долготрајна соработка е само поклопување во вид на соработка со луѓето кои стојат зад овој проект. Сме ги надминувале несогласувањата кои се минорни во поглед на сè позитивно помеѓу нас.

За себе сметам дека сум одговорна и исполнителна и тоа е она што го препознале кај мене. Едноставно, од самиот почеток сме размислувале на иста фрекфенција, па падовите и издигањата сме ги поминувале заеднички низ годините без јас да се откажам од нив или тие од мене. Таа историја ги зацврстува врските меѓу луѓето и јас сум среќна што имам таков тим со кој е лесно да се соработува.

Миа Костова

ММАГАЗИН: Инфлуенсерството на Instagram е релативна нова професија секаде, па и кај нас. Вас таа ве избра наместо вие неа. Какво е вашето искуство до сега?

Буквално така. Никогаш не мислев дека социјална мрежа може да ми е приоритетна работа во животот. Во моментов тоа е навистина така. Сè почна наивно и непланирано.

Јавноста ме познаваше, но веројатно не сум давала шанса и не сум можела да помислам дека можам да правам такво нешто сè додека некои луѓе не препознаа лице преку кое сакаат да го промовираат својот бренд.

Почетокот е секако врзан за Фабјан клиника и Систина, за потоа да продолжи со одлични соработки со Фешнхаус Скопје, Божиновски, Про фит… За сега сум навистина задоволна иако сè уште сметам дека Македонија генерално е далеку со приказната за вистинско инфлуенсерство. Но се надевам дека ќе оди на подобро.

ММАГАЗИН: Дали ви пречи што инфлуенсерството сè уште некои го сфаќаат како несериозна алатка за маркетингот и како се справувате со спонзорите или потенцијалните спонзори кои имаат погрешна претстава за оваа работа?

Едноставно, со тек на време станав свесна за одговорот, односно резултатите кои ги дава Instagram за луѓето со кои соработувам. Па така, не прифаќам да работам за било каква сума пари или компензација или за нешто што е без квалитет, и како бренд и како соработка.

Едноставно, се држам до својот план. Стојам зад брендови или производи кои ги сакам и ги користам или ги носам и приватно. Едноставно, држам до она што јас сметам дека треба да се појави на мојот инстаграм и не сум алчна.

Мислам дека најмногу привлекувам со тоа што сум искрена и природна, а тоа луѓето и го препознаваат. Сметам дека некои ме следат затоа што ме сакаат, а некои напротив, затоа што не ме сакаат. За мене сè тоа е дел од работата и мислам дека за сега добро се носам со приказната.

ММАГАЗИН: Кога би заработувале колку што заработуваат познатите светски инфлуенсери, кои се трите работи во животот кои би си ги приуштиле, а сега ги немате?

Не знам како делувам од страна, но јас сум во суштина скромна личност и ме задоволуваат мали нешта. Но ако навистина имам шанса и можност, би инвестирала за најдобра иднина за своето дете, би го пропатувала светот и би уживала во сè она што би можела да си го приуштам.

ММАГАЗИН: Кога сме кај патувањата, инфлуенсерството бара снимање и на далечни локации. До каде сè одиш за да направиш добри слики и колку сакаш да патуваш?

Ги запоставив патувањата последниве години откако сум мајка, но планирам брзо да им се вратам. Патував многу, од Прага, Египет, Амстердам, Парис, Будимпешта, Истамбул, Анкара, Минск, крстарења по Јадран и Грција, Милано, Загреб и Белград.

Често пати, Солун е моето место за неколку часовно вклучување на полњач. Последното супер патување беше во Анталија благодариение на Фибула и инфлуенсерството…

Миа Костова

ММАГАЗИН: Колку уживате во вашите професионални ангажмани и постојат ли некои досегашни проекти од таа сфера кои не ви успеале и ве разочарале?

Единствено разочарување низ годиниве беше Playboy. Непрофесионалност и неможност да се носи едно такво име на овие простори. Денес уживам во секој ангажман. Уживам што сама си го планирам времето.

Сакам што кога не ми се работи можам да отспијам два дена, а наспроти тоа знам да возам и 400 км за добра фотка. Ако се прашувам јас, мене ова ми е она што сум си го посакувала цел живот.

ММАГАЗИН: Како гледате на пријателствата во вашиот живот?

Имам навистина многу пријатели и многу различни друштва. Можам и да не се договорам со никој и да излезам сама, а да си поминам одлично. Познавам многу луѓе и сакам да поминувам време со луѓе.

Исклучително сум социјална. Но секако имам и еден мал круг на пријатели кои за мене се речиси фамилија. Се бројат на една рака и ги имам покрај себе долги години. Тоа се оние пријатели пред кои немаш ниту една мисла која ја држиш за себе, не внимаваш што ќе кажеш, плачеш, се смееш, признаваш, се караш и пак ги сакаш безусловно. Навистина се малку ама благодарна сум што ги имам.

ММАГАЗИН: Како гледате на менталитетот на овие простори, луѓето повеќе да сакаат да се занимаваат со туѓите животи наместо со своите?

Ова тврдедње само ми се потврди откако почнав сериозно да се занимавам со социјалните мрежи. И не само тоа, сиот тој воајеризам и несакање да се потврди нешто што е убаво, малку ме шокираше.

Сите сакаат да ѕирнат во сликите, но не секој ќе ти лајкне или ќе ти даде признание за завршена работа. Сè уште го имаме тој менталитет на повеќе „грижа“ за другиот отколку за себе.

Секој неумесен коментар на таквите луѓе е најчесто сликата која самите ја оставаат за себе, а јас не доживувам дека тоа се однесува на мене. Целата нивна сопствена несреќа најчесто се проектира врз некој кој е изложен јавно, без да помислат како во тој момент некој се чувствува.

Тоа оди до таму што понекогаш знаат да го вмешаат и моето дете, што за мене се коси со нормален ум. Но, тоа е тежината или ете, лошата страна на јавната работа. Едноставно мора да се носиш.

Читаш во неверба и се прашуваш како некој има толку време да се занимава со некој што не го ни познава. Со текот на времето научив да не ме допираат таквите нешта и не сочувствувам со нивната мизерија.

Си велам, можеби сум ги спасила од некој седатив, ако им е полесно да имаат мислење за мене отколку да се обратат на стручно лице, тогаш дури сум направила и добро дело.

ММАГАЗИН: Како сакате да ве доживува јавноста и која е сликата која сакате да ја изградите за себе пред околината?

Мислам дека јавноста веќе има една реална претстава за мене. Она што го гледаат тоа сум токму јас. Можеби добиваат само 50 посто од мојот живот на Инста, но сè она што го давам таму, тоа сум во суштина јас.

Играм со отворени карти, одговарам на секакви прашања, најискрено и без манипулирање. Мислам дека после Инстаграмот многу луѓе сосема го сменија мислењето за извесната Миа која само има строга и надмена фасада, а всушност е една најобична емотивна девојка која си го тера својот филм.

Понекогаш јавните личности се обидуваат да градат слика за себе која е различна од она што тие навистина сè. Кај мене тоа не е случај и многу сум среќна што не морам да глумам или да одржувам имиџ кој не е реален.

Миа Костова

ММАГАЗИН: Колку тетоважи имате на телото и што претставуваат тие за вас?

Па сега веќе имам многу. Не ги ни бројам. Во прво време имаа порака или одбележуваа период од животот за подоцна, откако му паднав во раце на Мичич, да сфатам дека јас едноставно сум заљубена во приказната на тетовирање и го разбирам тоа како уметност која сакам да ја носам на себе. Во последно време креираме приказна која изгледа добро за очи, а нема некое посебно значење.

ММАГАЗИН: Колку имаш слободно време и што е твоето хоби?

Го имам целото време на светот. Сама го организирам моето време и уживам во тоа. Најчесто дремам на Instagram, се обидувам да ги следам светските трендови, но и да проверам каде сум јас во сета таа приказна.

Понекогаш знам да уживам и сама со себе, да ставам вино или шампањ и да молчам во тишина. Знам да соберам и луѓе на вечера. Знам и да читам книга, или да излезам со пријатели. Немам хоби. Уживам во сè она што сакам да го правам во моментот.

ММАГАЗИН: Колку придаваш важност на културата кон себе и твоето тело?

Па реално, навистина многу. Не сакам вежбање и само ветувам дека кај и да е ќе им се вратам на Мирко и Светле. Профит ми помагаат да не сум вечно гладна и се трудам да внимавам на исхраната и килажата.

Сепак мислам дека тоа ми е и обврска кога веќе се занимавам со тв или медиум и навистина сметам дека внимавањето на себе е култура. Не само околу килажата туку и околу изгледот општо.

ММАГАЗИН: Која е твојата животна филозофија… кон што се стремиш?

Од сè ова погоре, заклучокот е еден, се стремам кон живеење со полни гради, онака како што најдобро знам и умеам, онака како што јас сакам, а не како што наметнува општеството или околината.

Клише е, но посакувам само здравје, а сè друго можам и сама. Животната филозофија ми е секако, да не се вртам назад и да не гледам премногу напред. Денес е денот и животот. За утре ќе мислам утре.

ММАГАЗИН: Мажите во Македонија?

Па сметам дека повеќето мажи од ова поднебје го носат балканското во себе, но тоа не значи дека ги нема разни. Делумно сме се навикнале на ваквите стандарди, но некогаш знае и да пречи.

Воспитувањето од дома е многу важно. Јас најчесто сум без емотивна поддршка во форма на партнер, многу тешко функционирам. Немам предрасуди и сметам дека постојат совршени македонски мажи наспроти оние од кои превртувам очи.

Миа Костова

Факт е дека помалку ги има овие подобриве ама да не губиме надеж. Генерално, мажите околу нас, ако треба да издвојам една карактеристика за нив, е тоа што се погласни на зборови отколку на дела. Вистинските мажи сепак треба да се покажат со своите дела . Тоа е тоа што се забележува и останува.

Генерално, мажите околу нас, ако треба да издвојам една карактеристика за нив, е тоа што се погласни на зборови отколку на дела. Вистинските мажи сепак треба да се покажат со своите дела. Тоа е тоа што се забележува и останува.

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.