Mercedes-Maybach EQS

Дизајниран да го предвиди престојниот електричен кросовер кој се очекува да дебитира во 2023 година, Mercedes-Maybach EQS SUV концептот е опишан како „речиси производствен“ концепт кој ќе ја внесе луксузноста во 21 век. „Облечен“ во Zircon црвена и Obsidian црна металик боја, ултра-луксузниот модел се одликува со одважна предница и масивна целосно затворена решетка. На двете страни се наоѓаат тенките LED фарови со „индивидуални дијамантски блокови врамени со мешавина на фина плетка од амблемот на Maybach“.

Maybach EQS SUV

Тука е и ѕвездата која ја краси хаубата, како и црните каросериски заштити и масивните 24-инчни тркала. Моделот е аеродинамично оптимизиран, а поседува и задни светла кои се протегаат по целата должина на возилото, додека рачките од вратите се „затскриени“. Кога станува збор за вратите, тие се целосно автоматски и рачките ќе излегуваат како што возачот ќе се наближува до автомобилот. Како што ќе дојде до возилото, возачката врата автоматски се отвора.

Maybach EQS SUV

Кабината се одликува со футуристички управувач и масивен Hyperscreen екран кој вклучува 12,3-инчен дисплеј за совозачот. Исто така, тука е и лебдечката централна конзола, акцентите од розево злато, а бел пијано трим и прекривка за подот од вештачко крзно.

Maybach EQS SUV

Задниот дел е она што привлекува најмногу внимание, бидејќи поседува две посебни седишта, кои се одделени од елегантна конзола. Во истата се наоѓаат вазна со цвеќе и држачи за чаши како и високотехнолошки потпирач за рацете со вграден инфозабавен систем.

Maybach EQS SUV

Компанијата остана таинствена кога станува збор за спецификациите на Mercedes-Maybach EQS SUV, но потврди дека концептот е поставен на нивната нова платформа за електрични возила и го најавува EQS SUV моделот кој ќе пристигне следната година. По него ќе пристигне и Maybach варијантата, а компанијата вели дека возилото ќе има опсег на движење од 600 километри.

Maybach EQS SUV

Mercedes-Benz EQG

Заедно со Maybach EQS концептот, во пресрет на салонот во Минхен дебитираше и EQG концептот, кој е најава за престојната целосно електрична верзија на G-Класата. Целта на Mercedes беше да се задржи препознатливиот изглед на G-Wagen, а притоа да ја воведат својата „оф-роуд“ икона во електричната ера.

EQG концептот делува доста блиску до продукциска фаза, бидејќи ги задржува повеќето каросериски панели од втората генерација, а притоа инкорпорира EQ дизајнерски елементи како што е осветлената целосно прекриена решетка и двобојниот финиш. Концептот исто така пристигнува и со LED светлечки ленти на покривот, осветлени странични прагови, уникатно дизајнирани 22-инчни тркала и поаеродинамични браници.

И покрај тоа што е целосно електричен, EQG се уште е базиран на рамката на G-Класа, со независен систем на потпирање на предниот дел и ригидна оска на задниот дел. Тоа значи дека ги задржува „оф-роуд“ карактеристиките на конвенционалниот модел, а батеријата е интегрирана во рамката за ниско тежиште.

EQG ќе биде опремен со четири индивидуално контролирани електромотори кои овозможуваат „огромна моќност“. Благодарение на вртежниот момент на електромоторите кои се достапни од сам старт и двостепениот менувач, Mercedes истакнува дека EQG ќе има „искачувачки капацитет од 100 проценти на соодветна површина“, како кај неговиот конвенционален „брат“.