По премиерата на импресивниот целосно електричен луксузен седан, германскиот производител Mercedes сега го претстави и новиот EQS SUV кој цели кон врвот на сегментот. Поставен на истата платформа како и седанот, EQS SUV нуди поголема пространост во ентериерот и конфигурација од седум седишта.

Стилската тематика на компанијата се прелева и кај новиот електричен SUV со аеродинамичен, опаѓачки преден дел кој овозможува силен прв впечаток. Новиот EQS SUV ќе се нуди во EQS 450, EQS 450 4Matic и EQS 580 варијанти кои ќе можат да поминат 600 километри со едно полнење.

Базичниот EQS 450+ пристигнува со PSM електромотор на задната оска кој испорачува 360 КС и 568 Nm вртежен момент. По него следува EQS 450+ 4Matic со погон на сите четири тркала и истата моќност од 360 КС, но 800 Nm вртежен момент. На врвот се наоѓа EQS 580 4Matic со два PSM електромотори на двете оски и вкупна системска моќност од 544 КС и 858 Nm вртежен момент.

Исто како и кај EQS седанот, технологијата кај EQS SUV е врвот од она што може да го понуди автомобилската индустрија во моментов. Базичните модели пристигнуваат со 12,8-инчен инфозабавен екран и 12,3-инчен инструмент кластер, а тука се и панорамскиот сончев покрив, греење и вентилирање на седиштата, како и опцијата да се додаде трет ред седишта.

Врвна технологија

EQS 580, кој е на врвот на понудата, пристигнува со џиновскиот MBUX Hyperscreen со трите екрани под единствениот 56-инчен панел од закривено стакло. Купувачите кои ќе ја изберат опцијата за забава на задните седишта добиваат дополнителни импресивни карактеристики како што се двата 11,6-инчни екрани, заедно со централно позиционираниот таблет кој функционира како дополнителен контролер.

Новиот EQS SUV пристигнува стандардно со Airmatic воздушниот систем на потпирање и Adaptive Damping систем, Dynamic Select системот кој вклучува Comfort, Sport, Eco и Individual возачки режими, како и управувањето на задната оска од 10 степени.

Автомобилот може да зачува седум различни кориснички профили преку секенерот за отпечаток на централната конзола. Една од најимпресивните технолошки карактеристики на EQS SUV е тоа што ќе ги научи вашите преференци и ќе ве потсетува за некои работи без да му дадете команда. На пример, ако добивате телефонски повик од истото лице секој вторник на пат кон дома, системот ќе го научи тоа и ќе ве потсети пред да се случи.

Во продажба кон крајот на 2022

Со должина од 5.130 милиметри, ширина од 1.955 и висина од 1.727 милиметри, Mercedes EQS SUV е повисок и подолг во однос на главните ривали, па оттаму ќе понуди и поголем простор во внатрешноста. Опционалниот трет ред седишта е уште една карактеристика која ќе привлече внимание кај купувачите. Покрај ова, EQS SUV го споделува меѓуосовинското растојание со EQS седанот и истото изнесува 3.200 милиметри, но е за 198 милиметри повисок. Вториот ред седишта ќе можат електронски да се поместуваат нанапред и наназад до 127 милиметри, а како резултат на тоа, просторот за нозе во вториот ред ќе изнесува меѓу 838 и 956 милиметри.

Засега се уште не е позната цената за новиот Mercedes EQS SUV, истиот ќе се најде во продажба кон крајот на 2022 година.