Најпрестижните и најпопуларните филмски награди за кои сонуваат сите актери, режисери, сценаристи, композитори, продуценти и останати филмски работници, синоќа беа доделени во Dolby Theatre во Лос Анџелес, а за нашата јавност беа особено интересни оваа година поради историската двојна номинација на „Медена земја“.

Македонскиот документарец и главниот протагонист Атиџе Муратова ги освоија симпатиите на светската јавност и стана првиот филм во историјата кој бил номиниран за најдобар документарец и најдобар интернационален филм. На крајот, тимот на „Медена земја“ остана без ниту еден Оскар, откако во категоријата за интернационален филм, очекувано, наградата замина кај „Parasite“, додека во категоријата на документарци златната статуетка замина кај „American Factory“, во продукција на новата компанија на Барак и Мишел Обама.

Иако остана без награда, „Медена земја“ сепак достигна огромен успех и историски резултат, а со самото тоа што режисерот на „Parasite“, Бонг Џун Хо, го спомена македонскиот филм и неговиот огромен успех кој го постигна при говорот откако беше избран за најдобар интернационален филм, дава огромна тежина на тимот кој стои зад „Медена земја“.

Parasite со историски успех

А токму „Parasite“ беше главниот протагонист на вечерта. Јужнокорејската траги-комедија која се осврнува на разликите меѓу богатите и сиромашните во главниот град на оваа држава, Сеул, ги освои најважните награди на вечерта, испишувајќи историски резултат со тоа што стана првиот филм кој успеал да ги спои наградите за најдобар филм и најдобар интернационален филм. Освен тоа, режисерот Бонг Џун Хо ја понесе награда и за најдобар режисер, како и за најдобро оригинално сценарио, станувајќи првиот не-американски филм кој успеал да ги освои речиси сите најважни награди на Оскарите.

За најдобар актер беше избран Хоакин Феникс за неговата маестрална изведба во „Joker“, за најдобра женска улога статуетката заврши во рацете на Рене Зелвегер за улогата во филмот „Judy“, а Бред Пит по неколкуте номинации конечно успеа да се закити со Оскар за својата споредна улога во „Once Upon a Time in Hollywood“, додека наградата за најдобра споредна женска улога заврши кај Лора Дерн за „Marriage Story“.

Како најголеми разочарувања на вечерта се посочуваат „The Irishman“ на Мартин Скорсезе и епската драма „1917“ кои не освоија ниту една награда и покрај големиот број номинации, а „1917“ беше посочуван и како главен фаворит, но освои „само“ три оскари во техничките категории.

Ова се сите добитници на Оскар за оваа година:

Најдобар филм – Parasite
Најдобар режисер – Бонг Џун Хо, Parasite
Главна машка улога – Хоакин Феникс, Joker
Главна женска улога – Рене Зелвегер, Judy
Најдобар интернационален филм – Parasite
Најдобра машка споредна улога – Бред Пит, Once Upon a Time in Hollywood
Најдобра женска споредна улога – Лора Дерн, Marriage Story
Најдобра шминка – Bombshell
Најдобра костимографија – Little Women
Најдобри специјални ефекти – 1917
Најдобра монтажа – Ford vs Ferrari
Најдобра сценографија – Once upon a time… in Hollywood
Најдобро адаптирано сценарио – Jojo Rabbit
Најдобро оригинално сценарио – Parasite
Најдобра оригинална песна – I’m gonna love me again (Rocketman)
Најдобра оригинална музика – Joker
Најдобар микс на звук – 1917
Најдобра монтажа на звук – Ford vs Ferrari
Најдобар краток игран филм – The Neighbors’ Window
Најдобар документарен филм – American Factory
Најдобар краток документарен филм – Learning to Skateboard in a Warzone (If You’re a Girl)
Најдобар анимиран филм – Toy Story 4
Најдобар краток анимиран филм – Hair Love