Депресијата не е само лошо расположение, лош период. Станува збор за емоционална нестабилност која влијае врз целокупното здравје и телото. Колку и да звучи лошо, депресијата е една од оние болести кои ја потврдуваат врската помеѓу телото и умот. Хемикалиите во мозокот и нивото на стрес хормонот кортизол во крвта е надвор од границите на оптималното. Доаѓа до пореметување на сонот, апетитот и опаѓање на енергијата. Истражувањата покажуваат дека мажите кои страдаат од депресија имаат голем ризик од појава на срцеви заболувања. 

Експертите во минатото верувале дека депресијата е претежно женска болест, но денес тоа се припишува на тенденцијата на мажите да ги кријат своите чувства или да ги искажуваат на многу поинаков начин од жените.

Истражување на Заводот за статистика на Велика Британија покажува дека повеќе од три четвртини од луѓето кои извршуваат самоубиство се мажи, дека мажите на возраст од 45 до 59 години имаат најниско задоволство од животот од која било друга возрасна група и дека мажите многу поретко се одлучуваат на психотерапија за разлика од жените. 

Симптоми на депресијата

Чувството на тага, празнина, вина, раздразливост, недостатокот на уживање во активности во животот, загубата на апетитот или промената на телесната тежина, зголеменото или намаленото количество на сон, чувството на замор се симптоми чести и за мажите и за жените, кај мажите депресијата знае да се манифестира и со други симптоми. Такви се зголеменото консумирање алкохол или лекарства, изгенување семејни или социјални ситуации, зголемено работење без паузи, тешкотии при одржување на одговорностите, насилност. Лекувањето на депресијата значи итна посета на лекар, а третманите се одвиваат преку лекарства, разговорна или когнитивно бихејвиорална терапија.

Разговарајќи на темата депресија, Машки Магазин се бори за машкото здравје. Го користиме месец ноември, како месец посветен на машкото здравје, да ве охрабриме да го ставите своето здравје на прво место, да заборавите на стравовите и стигмите и да закажете преглед.