Урбаниот град го прават препознатливите топоними и препознатливите урбани ликови. Урбаните ликови се оние кои се во релација со градот, оние кои активно живеат со него, а не само во него. Марјан Петров е ликот кој неполна година мапира едно специфично градско место.

Место каде среќата лебди во воздухот, насмевките се искрени, а емпатијата ултиматум. Единствено место каде сте сигурни дека сте опкружени со добри луѓе, луѓе без предрасуди и луѓе ослободени од смешната градска шема. Местото се вика „Амбрела“.

ММАГАЗИН: Една од непоговорните вистински вредности по кои се препознава вистински џентлмен е емпатијата. Како вистински егземплар, како го објаснувате ова чувство – како вродено или резултат на воспитување и влијание на околината?

Домашното воспитување секако има огромно влијание во развојот на секој човек…. многу тесно е поврзана и средината во која се развива човекот. Сепак сметам дека раниот детски развој е клучниот период во кој се формираат вредностите и нормите.

Во понатамошниот развој, како човекот созрева веројатно треба самиот да носи одлуки во кој правец ќе се развива. Емпатијата е една од најмоќните особини што може еден човек да ја поседува. За жал кај нас често луѓето ја мешаат со сочувство.

Со други зборови емпатија не значи дека кога некој е тажен треба и ти да да тагуваш и плачеш со него, туку да се потрудиш да го разбереш и со своите постапки да му помогнеш да се поправи неговата состојба, се разбира во рамки на своите можности.

ММАГАЗИН: Како што кажува и зборот „урбан“, тоа мора да е човек кој е во релација со градот. Кој активно живее со него, а не само во него. Во својата претходна професија го правевте тоа на еден начин, но се чини дека оваа нова професија дава подлабока смисла на урбаност?

Се сложувам со сите карактеристики што ги наведовте за епитетот урбан човек. Јас само би ставил акцент на именката “човек”, бидејки ако не си човек, можеш да бидеш урбан колку што сакаш. А за да бидеш човек мораш да поседуваш основни човечки особини и вредности, а тоа е дека треба да си чесен, доследен, да ти држи зборот и да го почитуваш договорот итн…

ММАГАЗИН: Како се роди овој пионерски кај нас, но за светот не и непознат концепт? Колку време созреваше храброста да се прифати предизвикот? Кој е тој толку силен мотив во овие лукративни времиња и деградација на основните доблести да се прифати ризичниот потег?

Токму така, во светот ништо ново. Реално и кај нас, ниту вработувања за лицата со попреченост со нас не започнале, ниту пак со нас ќе завршат. Имало… само што во најголемиот број тоа се случаи на вработувања во изолирани услови. Не сакам да зборувам за тоа колку периодов станав сведок и активен слушател на приказни за случаи каде што се врши злоупотреба на лицата со попреченост.

Разликата во нашиот концепт е во тоа што тука вработените се ставени во реална работна средина при што секојдневно имаат можност да среќаваат нови луѓе, да бидат видени, да комуницираат со гостите и да се соочуваат со сите проблеми и предизвици со кои и ние се соочуваме секојдневно. Значи сурова реалност.

Кога започна идејата околу реализацијата на овој концепт јас не бев сам во тоа… добар дел разговорите и анализите ги имав со мои поранешни колеги од Филозофски Факултет Скопје.

Бидејки ова не е класичен бизнис концепт, во делот на бизнисот најголемиот дел го средував самиот бидејки тој дел ми е некако и најпознат. Но во делот на мапирање, обуки, релации со институциите кои работат со лицата со попреченост, најголема подршка и партнер ни беше Филозофскиот Факултет преку свои кадри.

Главен мотив беше можноста да се направи спој на реален бизнис преку кој ќе се врши инклузија на една маргинализирана група во општеството, а истовремено ќе се подига јавната свест кај останатата популација.

Марјан Петров

ММАГАЗИН: Освен очекуваните претпоставени потешкотии, колку и какви очекувани непознаници ве пресретнаа во овој изминат период? Која е вашата одбранбена стратегија?

Луѓето што ме познаваат подобро за мене зборуваат дека сум поприлично песимистичен во претпоставките. Јас не мислам така бидејки ретко кога грешам во моите прогнози.

Се трудам темелно и детално да ги земам во предвид сите можните негативни моменти и да направам анализа околу можните негативни последици. Тоа е важно, бидејки кога има негативни последици најчесто не ги чуствуваш сам.

Кога правев анализи за овој проект, искрено за поголемиот дел од проблемите совршено добро знаев како ќе течат. Додуша некои од нив и го надминаа мојот песимизам.

Се појавија и некои неочекувани… на пример кога ќе објавиме дека подготвуваме некаков настан и имаме 2-3.000 поддржувачи кои ни стискаат лајкови и ни пишуваат: срценца, душички, браво само така продолжете, и на настанот ќе се појават 10 луѓе, а подржувачите нормално… таму кај што е шемата.

Нормално сè си сака многу работа, посветеност и градење на систем. Кај нас тоа е глобален проблем, бројот на компании кои имаат изграден систем што функционира можат да се избојат на прсти. Малиот и сиромашен пазар дополнително ја влошува ситуацијата.

Што се однесува до стратегијата… работиме на еден поинаков концепт, промовираме културни настани од типот на промоции на книги, читање на поезија, бизнис средби итн. Отворени сме за соработка по многу основи, работиме на случајот да создадеме поголем број на соработници.

ММАГАЗИН: Во период кога правите напори да застанете на цврсти нозе, колку останува време за други активности, интереси и релаксација ?

Ако направиш добра организација, секогаш има време за сè. Кога бев помлад работев по 16-тина часа на ден… така ми налагаа условите тогаш, па сепак наоѓав време и за себе и за моето семејство. Понекогаш од нешто ќе скратиш за да имаш време за друго… јас најчесто кратам од спиењето.

Многу енергија, труд и финансии се вложени во овој проект. Не само од моја страна, тука се вклучени и останатиот дел од тимот со кој заеднички работиме и се трудиме да го доведеме на состојба на рентабилност.

Не сум човек што лесно се откажува од намерите, и секако додека има и последна надеж да успее оваа приказна нема да се откажам. Секако за тоа ми е потребна помош и поддршка, не можам сам.

Имаме одлична локација, имаме добра услуга, имаме пониски цени, имаме сè што е потребно да работиме добро… немаме само доволно посетители зато што не сме од ‘‘шемата‘‘.

ММАГАЗИН: Што за Вас значи достоинствено живеење?

Достоинствено живеење според моите убедувања е да обезбедиш пристоен живот според општо прифатеното мислење во средината каде што живееш. Достоинството само по себе означува високи морални вредности и прифаќање на стандардите кои се поставени во општеството во кое живееш.

Реално достоинствен живот во нашето општество за многумина е мисловна именка. Нискиот животен стандард во однос на високите животни потреби честопати знае да го наруши достоинството на живот.

ММАГАЗИН: Се сметате ли за среќен човек ?

Сите ние сме вечни трагачи по среќата и сè што правиме има една и единствена цел, да доживееме душевно задоволство кое што со други зборови се вика среќа. Среќата е ментална состојба. Не постои човек што е хронично среќен.

Проблемот е во тоа што кога ќе си поставиме некоја крупна цел, во фокусот на големата слика ги пропуштаме сите оние мали ситни нешта поради кои имаме причина да бидеме среќни и да се радуваме.

Дали сум среќен?.. ги имам сите потребни нешта за да бидам еден од најсреќните луѓе на светот. Имам прекрасно семејство, сопруга, две деца, кров над глава и доволно пари за пристоен живот.

Работам нешто што ме исполнува притоа го имам чуството дека со тоа што го правам некому помагам и придонесувам за неговата среќа. Мојот конечен одговор на ова прашање е Да, во најголем дел од времето сум среќен.

 

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.