Soneva Fushi стана првото луксузно еко-одмаралиште на Малдиви кое ги елиминира комарците без употреба на хемикалии. Во изминатите 15 месеци, популацијата на комарци во ресортот Soneva Fushi, падна за 98 проценти и тоа без употреба на хемикалии. Одговорот на успехот на намалување на популацијата на комарците лежи во револуционерен, интегриран пристап кон контрола на комарецот, користејќи стапици наместо користење на хемикалии.

Всушност на површина на ресортот биле поставени 500 стапици од два типа. Првиот тип на стапици е BG-GAT кој е насочен кон азиски тигрести комарци кои бараат место за да ги положат своите јајца, а вториот тип е BG-Mosquitaire кои со помош на комбинација на јаглерод диоксид и млечна киселина прават арома на која комарците неможат да одолеат. Во одмаралиштето Soneva Fushi на Малдиви се отстранети сите базени на застојана вода каде комарците положуваат јајца.

Овој начин на елиминација на комарците е воведено бидејќи самите комарци развиле отпорност кон хемискиот пристап. Пред да се започне со оваа иницијатива, за истражување искористени биле стандардни анализи за отпорност на инсектициди на СЗО од кои е откриено дека хемикалиите убиваат помалку од 25 проценти од комарците.

Овој пристап на елиминирање на комарците помага и во развивање на биодиверзитетот, па поради тоа бројот на инсекти како пеперутки, вилински коњчиња, пчели и бумбари е во пораст. Поради враќањето на природните опрашувачи, пчелите, флората исто така се развива многу. Оваа иницијатива повлеку цел синџир на развој на флората и фауната на островот кое резултира и со зголемување на производството во органските градини.