Британскиот производител на електрични мотоцикли, Maeving, го претстави својот модел наречен RM1 – електричен мотоцикл со cafe racer дизајн. Комплетно рачно изработен во Ковентри, иницијалното лансирање на моделот во 2021 доведе до целосна распродажба, а сега е отворена листата на чекање за моделот од 2022 година.

„Нашите мотоцикли се со класичен стил и се практични машини кои го канализираат најдоброто од британското наследство во мото дизајнот во нов тип на електрично возило. Побрзо и побезбедно од електричните велосипеди и скутери, тие се направени за вас, за градот и за планетата“, велат од Maeving.

Повикувајќи се на стандардите за британска конструкција од средината на минатиот век, електричниот RM1 е достапен во два вида на конфигурација – споредливи со мотоцикли од 50 и 125 цц. Неговиот електромотор испорачува брзина до 73 километри на час со заменлива батерија која може да се наполни во било каков штекер за само 3,5 часа. „Ние создаваме иднина во која вашиот електричен мотоцикл ќе можете да го полните на вашето биро на работа, а не во вашата гаража“, објаснуваат од брендот.

Опција со една или две батерии

Maeving RM1 може да поддржи две батерии и се продава со една. Една батерија овозможува околу 65 километри опсег на движење, зависно од користењето и условите, што е совршено за урбан превоз. Со додавање на втората батерија, инстантно се удвојува опсегот на 130 километри.

Maeving RM1

„Нашите мотоцикли им овозможуваат на нашите клиенти да достигнат личен транспорт со нулта емисија и имаат потенцијал радикално да ги трансформираат нашите градови, правејќи ги почисти потивки и поздрави. На крајот, нивните цени се во согласност за спасување на светот исто така – бидејќи треба да имаат смисла за да се направи разлика“, заклучуваат од Maeving.

Цената на мотоциклот во Велика Британија изнесува 4.995 фунти за опцијата со само една батерија. Втората батерија чини 1.195 фунти, но од компанијата истакнуваат дека ако ја купите заедно со мотоциклот, тогаш може да се добие за 995 фунти.