Во време кога новинарството помалку вреди, а во Македонија новинарството денес не е институционална сила како во нормалните демократски општества, Љупчо Зиков со својот Капитал храбро чекори низ портата која одбележува 20 години постоење, како малку медиуми кај нас.

ММАГАЗИН: Капитал долго време опстојува на медиумската сцена, како препознатлив економско деловен неделник. Годинава славите 20 години успешно постоење. Како започна приказната со Капитал?

Капитал магазин се роди во 1999 година. Одбележуваме два месеци – Јуни кога беа отстранети сите пречки за отпочнување на проектот и беше направен шпигалот, и Септември, поточно 24 септември, кога излезе првиот број.

Веднаш направивме грешка, па на насловната, наместо број 1, стоеше, а и денес стои – број 10. Бевме 8 луѓе и пишувавме на само еден компјутер мислам дека беше “286”. Поради тоа што немавме пари за паус, печатницата ни рече најдете паус оти нема да има печатење.

Ние го зедовме компјутерот и го однесовме во печатницата како би можеле таму да ги извадат фајловите од првиот број и да почне процесот. Додека со компјутерот бевме во печатницата новинарите во редакцијата чекаа да ја вратиме таа машина како би продолжиле со работа.

Еден компјутер, а редакција од 8 луѓе. Без интернет врска на почетокот. Потоа интернетот го добивме ама беше многу слаб. Се радувавме како деца на цреша. Ете со таков ентузијазам почнавме во 1999 година.

Гледано од денешен агол, после 20 години, тој период всушност бил ужасно тежок. Но, ние неколкумина тогаш проблемите не ги чувствувавме на драматичен начин. Некако летавме да го создадеме Капитал. Сонувавме таков весник што ќе се создава по урнекот на светски весници и списанија.

Јас имав 29 години, а Љубчо Георгиевски беше една година премиер. Во Македонија имаше 400.000 бегалци од Косово, поради бомбардирањето на НАТО врз Србија. Кога одев кај нашите бизнисмени и деловни луѓе ме правеја будала дека во вакво лудо време сум дошол да им го претставам тој бизнис проект.

За кој бинзис ќе пишуваш ме прашуваа? Многу од тие големи бизнисмени, од кои многумина многу добро поминаа во деведесеттите низ приватизацијата, ниту тогаш разбираа зошто е важен Капитал за македонското општество, но што е пострашно истите тие, малку подостарени, и денес не разбираат зошто е важен Капитал за македонското општество.

Добро, рака на срце, некои и напреднаа малку во разбирањето… Има и такви кои 20 години се чудат како опстанавме на пазарот. И ние понекогаш во редакцијата се чудиме како опстанавме…!?

Љупчо Зиков

Подвиг е тоа во ваква земја каде луѓето секојдневно се иселуваат, каде во принцип читаноста е минорна оти таква култура кај нашите граѓани едноставно нема, а тоа отсутво на култура е заменето со онаа сеприсутна особина на креативното денгубење по кафетериите и кафаните… понатаму со бизнис сцена таква каква што е – приватен бизнис целосно свртен да работи со државата (а тие тоа го викаат пазарна економија) …

Но Капитал, опстои. Магазинот го читаа сите генерации, од средните школи до факултетите и потоа. Многу денешни претприемачи во Македонија, професори и асистентни па и големи газди и директори израснаа со текстовите на Капитал.

Таа целна група денес можете да ја сретнете на повеќе места низ македонските банки, поголеми компании, важни државни институции и на политичката сцена. Токму од тие причини денес Капитал има многу пријатели на сите страни, особено е важно да кажеме дека имаме искрени пријатели кај сите политички страни.

Иако во времето на владите на Никола Груевски во еден период имавме жестоки притисоци, кои тешко се издржуваа, и како производ на тоа дури и го затворивме нашиот дневен весник Капитал кој излегуваше две години (од март 2010, до јуни 2012).

Не сакаше владата на Груевски паметно четиво и искрена критика со делови во кои дури и предлагавме како треба. Секојдневно се каравме, моравме да им објаснуваме, ни печатеја нивните служби по цели скрипти на наши текстови и ги подвлекуваа проблематичните пасуси со црвен фломастер. Видовме дека тоа никаде не води па сами го затворивме дневниот проект.

Да сумирам. Капитал во овие 20 години постоење помина низ неколку епохи.

Бегалската криза во 1999, војната во Македонија во 2001, како и тешките моменти за македонското новинарство и издаваштво во времето на единаесет годишното владеење на Никола Груевски. Во тие епохи Капитал преживеа низ политичките мандати на 5 премиери (Зоран Заев е шестиот), четири претседатели на државата (Стево Пендаровски е петтиот).

Сведоци сме во Капитал на многу подеми и падови на политичката и бизнис сцена. Пред очите на новинарите и уредниците на Капитал се раѓаа многу убави бизнис проекти кои прераснаа во големи компании за наши услови, но многу такви и пропаднаа.

Капитал е сведок на многу деловни трагедии и колапси, но и повеќе успешни приказни и лични кариери на македонски и балкански менаџери. Особено сме горди што за дваесетте години постоење успеавме како група интелектуалци што решила да се занимава со пишување на бизнис и политички текстови успеавме да се наметнеме како можеби најрелеватно четиво за овие проблематики на поширокиот балкански простор и пошироко.

Повеке признанија за тоа добиваме од надвор отколку во Македонија. Четири пати бевме прогласени за бренд на годината во својата категорија, но од организација од странство.

Имаме многу признанија од надвор особено од САД. Полноправни членки сме на Европската бизнис прес асоцијација каде членува кремот на европското бизнис новинарство како британските Економист, Фајненшл тајмс, германскиот Ханделсблат, шветскиот Дагест индустри, италијанскиот Милано Финанца, словенчкиот Финанце.

Седиме со нив на разни конференции и состаноци. И учиме од нив. И многу научивме. Во Македонија го донесовме светскиот и неповторлив Филип Котлер кој внимателно избира каде ќе гостува во зависност од тоа кој го вика. По малку размислување и консултации Котлер во 2009 година позитивно одговори дека ќе дојде во Македонија и дека сака Капитал да му биде домаќинот.

Она на што сум посебно горд во Капитал е нашата експертиза за пишување на бизнис текстови, ПР содржини, продукција на успешни адреналински стории, како и успешно испорачување на услуги од аспект на корпоративните комуникации…

Изградивме и силни аналитички капацитети. Наметнавме наш препознатлив стил на презентација на настани и приказни. Сето тоа го научивме надвор од Македонија. Организиравме преку 30 конференции, панел дикусии и пресс конференции…

Но, овде во Македонија само си слушавме озборувања. На никој овде не му текна, на тимот на Капитал, да му даде една награда за тоа што направивме за бизнисот во Македонија, за востановување на менаџерската култура и сцена, за едукацијата што им ја приредивме на илјадници млади луѓе кои буквално растеја и се развиваа, ги сонуваа своите претприемачки соништа со Капитал.

Напротив, си делеја и си делат празни награди самите меѓу себе. Знаете, не ми е до наградата, и не ми е лично за мене… зборувам пошироко за заспаноста и кварливоста на ова наше македонско општество кое е сеуште на маргините, и е сеуште преку линијата на она што можеме да го наречеме “нова македонска продуктивна култура и менталитет за сто години напред”! Но, успехот на Капитал е тука околу нас… ние го славиме и сите тоа добро го знаат.

Љупчо Зиков

ММАГАЗИН: Стартувавте со списание, а потоа и со веб страна. Кои се предностите на пишаниот медиум, а во што е подобра дигиталната верзија?

Магазините (неделни и месечни, како и воопшто периодиката) ќе опстанат уште долго време. За дневните весници не сум баш сигурен. Мојата проценка е дека магазините ќе се транформираат во еден вид книги, а концепциски ќе преминат од зоната на информирање кон зоната на длабока аналитика, есеи, длабоки изработени колумни и ставови, приказни и пишување за успехот.

Тоа ќе бара малку поскапа продукција така да печатените магазини очекувам дури и да поскапат на пазарот затоа што ќе се обраќаат кон конретни професионални и стручни таргет групи на професионалци во разни свери и индустрии.

Со еден збор магазините ќе стануваат се повеке стручни, ќе нудат експертиза, ќе нудат убав збор добро спакуван, но и ќе нудат уживање додека се чита… Тој е правецот и затоа ќе опстанат. Тие се повеќе ќе се врзуваат со длабоката суштина на психологијата на модерниот човек.

Интернетот ќе ги засени дневните весници, и тоа сега се случува. Некако е побрз, но е далеку поповршен. Така е во Македонија во моментов. Површноста и манипулативноста не краси. Денеска да направите веб страница е многу евтино, и како такви е евтино да кажете дека сте во медиумскиот бизнис.

Сите што денес поседуваат по една две веб странички велат дека се во медиумскиот бизнис. Самите веб страници себе си се нарекуваат портали, а тоа не е вистина.

Во Македонија скоро и да нема веб портал, а има над илјада веб страници кои нудат текстови не до крај изработени, украдени и непотпишани, лажни вести, политички партиски продукции кои се на работ на вистината… Сè се тоа денес алатки за манипулација и злоупотреба.

Дополнително интернетот, поради тоа што евтино продуцира содржини, ги урива цените на маркетиншкиот пазар. Во Македонија тое е евидентно. Лица кои остануваат без работа или немаат конкретен професионален профил, подигнуваат веб страници и се појавуваат на маркетиншкиот пазар.

Се врзуваат за одредени полови на моќ и поданички се позиционираат наспроти една две компании или цицаат партиски пари. Овие им фрлаат како на “кучиња пред месара” по некоја коска. И тоа сега ние го викаме веб портал … !?

Секојдневно се урива позицијата на вистинските медиуми. Се обезвреднува новинарскиот труд. Денес сите се директори и главни уредници. Но, никој не се прашува каде оди овој бизнис?

Капитал и сите проекти околу него, не влеговме во тој лош фил на македонскиот медиумски пазар. Цело време раскажуваме наша автентична приказна. Нашите текстови се длабоко аналитички… Ние ги нудиме причините зошто нешто се случува, нудиме и решенија.

Нашите новинари не само што следат … тие и многу читаат и размислуваат. Затоа нашите текстови се подолги, посодржински, и кога ги читате тоа ви доаѓа како подолг, но, активен одмор. Седнувате, земате пијалок, малку залегнувате и читате … читате … Тоа е природна човечка поза … природна функција на човечкиот организам.

Човечката личност тоа го бара. Тоа го нуди Капитал. Исто е и со веб порталот … Нашите содржини на вебот не се еуфорични. Ние немаме галама, скандал, рекет, софистициран рекет …

Напротив, сталожени се нашите содржини. Смируваат и даваат додадена вредност на она што веќе го слушнал или го знае нашиот читател. Не бркаме ексклузивитети. Нашиот текст сам по себе е ексклузивен затоа што е стручно и посветено изработен. Отвора еден прозор повеќе … Раскажуваме за победниците во нашето општество.

Дигиталната верзија на Капитал ги урна границите на Македонија. Сега во голема мерка магазинот се чита насекаде во светот. Овој факт сега во ова ново време, во кое Македонија посебно се позиционира и на светски план особено последните две години, е тоа сега отвора сосема нови можности на кои ние и во моментов работиме …

Креираме нови проекти. Наскоро ќе слушнете за дел од нив.

ММАГАЗИН: Кој беа предизвиците во работата кога почнувавте, а кои се денес?

Многу кажав погоре. Времињата и во технолошка, и во општествена смисла за дваесет години многу се сменија. Оваа Македонија, и таа Македонија тогаш, не се исти. На пример, денес новинарството помалку вреди.

Во Македонија новинарството денес не е институционална сила како во нормалните демократски општества. Најмногу поради тенденциозното владеење на единаесетгодишниот режим на Груевски, македонското новинарството воопшто медиумите во Македонија еродираа до таа мерка што станаа пред сè алатки во рацете на политички и бизнис деструктивци и криминалци …

Тоа барем секојдневно го гледаме пред нашите очи, во судовите, во јавниот интернет простор … Аргументи посебно не се потребни. Во оваа смисла нашето општество сеуште потсеќа на едно големо “инфективно оделение”!

ММАГАЗИН: Во секоја работа има добри и лоши моменти. Што вие го сметате досега за најголем успех и како се справувате со падовите што понекогаш се неминовни?

Успех за Капитал, како што посочив и погоре, е самата конструкција и структура на магазинот која успеја да се одржи на пазарот дваесет години. Тоа е голем успех. Освен вашиот магазин и неделникот Фокус, јас во моментот не гледам магазин што опстанал толку долго.

Самото тоа е голем успех. За мене многу голем успех на Капитал е тоа што низ македонските компании, институциите и владата денес сретнувам луѓе кои ми велат дека растеле и се развивале со текстовите на Капитал.

На факултетите професорите им сугерирале на студентите своите семинарски, магистерски па и докторски трудови да ги пишуваат користејки материјал објавен и напишан во Капитал. Со некои факултети имаме воспоставено и силни партнерства. Тоа ме прави среќен.

Да … во овие дваесет години имаше и падови. Не секогаш работите маркетиншки одат добро. Понекогаш не можам да ги разберам компаниите, и нивните директори, и основачите зошто не сакаат да излезат јавно да ги раскажат своите успешни приказни. Овде постои страв да се зборува и да се слави успехот.

Од друга страна, она што го убива секој нагон за акција, е што постои еден општествен и деловен егоизам на несподелување на успехот. Сакам да кажам дека постојат многу ликови во општествениот, и деловниот дискурс, кои ги интересира и едвај чекаат петок да дојде да ја дувнат на патување и да се вратат во вторник.

Ова е нација која не сака да работи, а сака да заработува и да ужива … Фетиш е да преминеш преку грчката граница и да се испофалиш … Од друга страна, седат затворени во канцеларии, работат бизниси со државата, таа им плаќа, тие им плаќаат на поединци во државата за да таа работи со нив (популарно наречено мито и корупција), а поширокото општество медиумската сцена и воопшто бизнис сцената се исклучени од настаните на пазарна основа.

И тоа тие ликови го нарекуваат бизнис. Целиот успех на нивните деловни приказни почива на врски со државата! Ним пазарот во суштина не им е потребен … Не … тоа не е бизнис, и тоа Капитал нашироко го анализира и го коментира. Имаме свои идеолошки либерални ставови за тоа како бизнис сцената треба да биде уредена.

Тоа е суров егоизам. За жал таквите се множат во ова општество, и затоа во некои периоди медиумите, културата, филмот, театрите, спортот имаат проблеми и трпат …
Тоа е поради отуѓеноста и егоизмот на оние ликови и компании кои во принцип лесно ги прават парите со државата на линија на законот или спротивно на законот.

Не постои корпоративна култура, корпоративна емоција, стратешко промислување и визија … За корпоративната општествена одговорност и да не потсетувам. Ова е една од големите причини зошто и голем дел од економските политики на Владата не можат да фатат корен и да дадат резултати.

Не секогаш ни оди добро во Капитал. На пример, во периодот од 2010 до 2012 покренавме дневен весник, кој наиде на брутаел притисок кај властите затоа што почнавме да пишуваме за суштински теми. После подолг силен притисок моравме да го затвориме проектот. По тажен во животот не сум бил.

Од тогаш се влечат и финансиски потешкотии … Кога сте покренале таков голем проект тој бара финансики да се изложите!? Вие морате да го затворите весникот под притисок, но инвестицијата е веќе потрошена: 50 вработени во дневниот весник, печатарски трошоци, дистрибуција … Од сето тоа на крајот излеговме и како тим, но и јас лично, посилни! Имаме што да раскажуваме …

Љупчо Зиков

ММАГАЗИН: Што мислите за македонското новинарство, конкретно за споделувањето на информациите и нивната веродостојност и релевантност? Каде се наоѓаме ние споредено со регионот, Европа…?

Сè помалку новинари има во македонското новинарство. Општа е перцепцијата дека со новинарство, особено со веб страниците се бават најмногу лица кои не знаат што со себе во одреден период. Она што го гледам е дека нема знаење за тоа што се работи.

Пишува вести и текстови, а не чита туѓи вести и текстови. Во текстовите фалат елементарни делови на текстот. Има текст но нема информации, анализа, заклучок …
Има многу политички подметнувања што вестите и веб страниците ги ставаат во категоријата лажни и нерелавантни …

Оттука, мислам дека е редно време оваа свера да се регулира или да се донесат закони кои ќе упатат на саморегулација на медиумската свера.

Не може во истиот куп да бидат медиуми кои инвестирале и по неколку милиони евра за да бидат такви какви што се и да функционираат слободно и продуктивно на пазарот, а да бидат заедно со порталчиња скроени во вордпрес од по неколку стотини евра или без пари, и кои работат од трпезариската маса во кујната на оснивачот кој најчесто е и директор и единствен пишувач …

Оваа пракса го уништува новинарството во Македонија, и воопшто медиумскиот бизнис. Во светот постојат неколку модели на регулација и саморегулација. Македонија треба да избере еден и да го примени.

ММАГАЗИН: Какви се вашите идни планови? Дали подготвувате некој нов проект и каде ја гледате иднината на бизнисот со веб страни?

Имаме добри планови за иднината. Прво, во септември ќе прославиме месец на Капитал кој ќе заврши го еден голем настан – бизнис форум и прием!
Секако развојот на вебот … во тој правец дополнително ќе инвестираме во веб страницата на Капитал.

Исто така деновиве ќе стартува нашиот веб портал izvoznici.mk кој ќе се развие во вистински портал оти имаме намера низ еден подолг временски процес на оваа платформа да донесеме сè што е важно за извозот од Македонија.

Ќе пишуваме за нашите извозни херои, кои произведуваат, и надвор продаваат македонски производи, направени од македонски раце и осмислени од македонски глави … Кон секое такво име објавено на порталот достоинствено ќе стои македонското знаме како израз на најголем патриотизам во 21 век.

За многу брзо време планираме да отвориме и процес на едукации за извозот, дружење на извозниците … Ќе ги искористиме нашите добри позиции на Балканот да ги умрежуваме извозниците од Македонија со увозниците од регионот …

Наскоро ке стартува и веб порталот www.manager.mk , а во него ќе ги славиме луѓето, нивната посветеност, памет и нивните успеси. Порталот ќе биде свртен кон претприемачот, инвеститорот, креаторот, продуцентот, менаџерот кон стартапите …

Тој ќе ни биде во центарот на вниманието. Како размислува, како гради тимови, што го инспирира, како живее, каде патува, што чита … Времето денеска бара сосема други пристапи за разлика од порано …

Животниот и работниот ден е структурално променет … Менаџерите работат и размислуваат многу повеќе, а денот сè помалку има работно време … Влијанието на високата технологија, роботиката, софтверите врз технолошките процеси и бизнисот.

Компаниите се менуваат, се повеќе има работа, а сè помалку деловен простор и канцеларии … Manager.mk ќе ги истражува овие феномени.

ММАГАЗИН: Што е вашиот одговор на прашањето “Како се гради долговечен бизнис“?

Истрајност. Посветеност цело време. Многу читање и размислување. Понекогаш дрскост, храброст. И не секогаш политичка коректност … Понекогаш е потребен пркос …

Кога е тешко и се соочувате со неуспех … сталожено, смирено со дигната глава. Стоиш цврсто, но влечеш заклучоци … Учиш. Бизнисот е логичен след на победи и порази кои ја сочинуваат ДНК на компанијата. Умрежувањето е многу важно … Храброста и дрскоста да влезеш некаде … е “А” во оваа работа.

ММАГАЗИН: Од каде црпите инспирација?

Од успесите на другите околу мене и во светот. Читајки и пишувајки за големите и самите во тимот на Капитал станавме големи за македонските медиумски прилики. Ме води мислата дека не сум најпаметниот и најуспешниот … затоа мојот ум е потполно отворен кон успесите на другите околу мене и подалеку од мене до каде дофрлаат рецептивните ќелии на мојата памет … Јас само интегрирам разни искуства … И тоа веројатно го правам добро.

ММАГАЗИН: Како ја надополнувате вашата енергија, како го исполнувате вашето слободно време?

Со многу пријатели, патувања колку е можно, и ќерка ми Јана за која слободно можам да кажам дека во својата петта година е веќе “полуда” од мене! И поинтелегентна …