Модниот бренд H&M разви машина што ја разградува старата облека и создава нови модни парчиња. Машината наречена Looop е првиот систем за рециклирање кој е поставен во продавница во светот и тоа во продавницата на H&M во Стокхолм.

Оваа машина со големина на контејнер го рециклира стариот текстил на тој начин што прво го чисти, сецка па врти во предиво и по околу пет часа дава ново парче плетена облека. Системот не користи вода и никакви хемикалии, со што има значително помало влијание врз животната средина отколку при производство на облека од нула.

Процесот на рециклирање и создавање на нова облека се состои од осум чекори меѓу кои е и чистење на старата ткаенина со озон за отстранување на сите микроорганизми, комбинирање со влакна од чист материјал и комбинирање во едно предиво за поголема јачина.

Иновативната технологија на Looop е развиена од истражувачкиот институт за текстил и облека од Хонг Конг (HKRITA) во соработка со непрофитната фондација H&M. Засега ова е единствената ваква машина, но HKRITA планира ширење во иднина со цел да и помогне на индустријата и Планетата.