Од денешна перспектива кога ќе се навратам наназад, можам да кажам дека патот кој го изминавме не беше ниту малку лесен, туку трнлив и полн со предизвици

Кога семејната традиција, искуство и мудрост ќе се надогради со младешки ентузијазам, храброст и енергичност скоро неизбежно резултатот ќе е успешна компанија од калибар на „Еуроимпекс“ чиј тридецениски континуиран раст денес ќе ја позиционира како лидер во својата област. Успех за гордост на семејството Воиновски.

А дека професионалниот успех е само дел од целото наречено живот ќе се потврдува низ пасионираните животни содржини на Генералниот директор на компанијата Даниел Воиновски. Од олдтајмери, лов, вина, до едрење,.. љубопитно искусени до самата срж, ќе биде она кое без остаток ќе ја исполнува рамката докажувајќи дека посветеноста во сите сегменти е основата за успех.

ММАГАЗИН: Од прва приватна компанија во рамките на државата, чие што работење е насочено кон трговија со автомобили, до сериозен потврден играч во регионот, стои опсег од 30 години континуиран раст и тоа во услови на општествени турбуленции, пазарни искушенија и нелогична бизнис клима. Успешна приказна која вреди да се раскаже. Како започна сè?

Владимир и Олга Воиновски, моите родители, заедно со мојот брат Кирил и јас, сме основачи на Еуроимпекс. Пред 30 години, на 26-ти јануари 1990 година, Еуроимпекс беше регистрирана и започнавме со работа со само 3 вработени. По осамостојувањето на Македонија, ние бевме првата приватна компанија чие работење беше насочено кон трговија со автомобили и моторни возила од лесна категорија.

Daniel Euroimpex intervju Maski_Magazin_mk

Во 1992 година го направивме првиот увоз на Peugeot возила и тогаш веќе имавме 6 вработени. Притоа влеговме во борба да бидеме и генерален увозник на брендот. Со брат ми бевме многу млади, храбри, енергични, желни за работа и успеси.

Секако, имавме конкуренција од неколку други фирми која во тоа време во бизнис плановите ветуваше продажба повеќекратно поголема од нашите предвидувања. Успеавме да го потпишеме договорот со „Automobiles Peugeot“ во 1994 година и станавме генерален увозник за територија на Македонија во 1995 година.

Во тој момент бевме поставени пред нов предизвик, го имавме договорот но требаше да се докажуваме и исполнуваме таргети. Значаен пресврт беше во 2014 година, кога го проширивме нашето работење на територија на Србија и Црна Гора, а подоцна и во Косово и Албанија, со што ставаме регионален увозник за 5-те држави на Балканот.

ММАГАЗИН: Епитетот „први“ не ќе значеше многу доколку во трите децении не успеавте не само да опстоите на пазарот туку и да ја развивате приказната. Што сè беше потребно за фабулата? Искуство, визија, храброст, интуиција, бизнис изострено сетило или можеби помалку и среќа?

Daniel Euroimpex intervju Maski_Magazin_mkПо малку од сè тоа што кажавте. Во бизнисот е потребно да сте лидер во вистинска смисла на зборот. Лидер е тој кој ја гледа „големата слика“ и заедно секојдневно работи со својот тим. Изминаа 30 години од нашето работење во кои прераснавме во регионална компанија со продадени преку 20.000 Peugeot нови возила и исто толку задоволни клиенти.

На почетокот, бизнис и маркетинг плановите ги креиравме заедно со мојот брат, а денес работиме со тим на луѓе, професионалци, со кои до детали ја разработуваме идната стратегија, ги следиме нивните предлози и заеднички ги донесуваме одлуките. Од денешна перспектива кога ќе се навратам наназад, можам да кажам дека патот кој го изминавме не беше ниту малку лесен, туку трнлив и полн со предизвици.

ММАГАЗИН: Колку пак од друга страна, монолитноста на тимот е значаен фактор во постигнување на резултатите?

Не е фраза, кај нас е пракса: тимот кој победува не се менува. Горди сме на фактот што Еуроимпекс има многу ниска, речиси незначителна стапка на флуктуација на работен кадар. Во сите години наназад кога сме избирале луѓе за одредени позиции, покрај условите кои било потребно да се исполнат, секогаш сме обрнувале внимание на карактерот на човекот и сме гледале што е можно повеќе вистински да го процениме. Нам ни се важни луѓето како личности, бидејќи доколку имате еден „парти брејкер“ во тимот, нема да имате резултати.

За нас конкурентите не се противници и не водиме борба со нив. Клиентите избираат, за нив постоиме. Тука нема голема филозофија, клиентите знаат што сакаат и кон нив секогаш настапуваме транспарентно

ММАГАЗИН: Постои една изрека „Таму каде што другите гледаат препрека, јас гледам предизвик“… Колку имаше ваков став во Вашата борба со конкуренцијата и што таа Вам ви значи?

Препреки постоеле и секогаш ќе постојат. Колачот на пазарот зависи од подготвеноста за адаптација на нови услови на работење и исполнување на барањата/очекувањата на потенцијалните кленти. За нас конкурентите не се противници и не водиме борба со нив. Клиентите избираат, за нив постоиме. Тука нема голема филозофија, клиентите знаат што сакаат и кон нив секогаш настапуваме транспарентно.

ММАГАЗИН: Условите на пазарот влијаат врз побарувачката, но колку креирањето на понудата може да ја дефинира?

Не зборуваме тука за основните економски поими кои ги опишуваат пазарните врски. Добрата понуда е еден од клучните фактори за успешна реализација на годишните или пет годишните планови. Таа е иницијална каписла за реакциите на потенцијалните клиенти и генерално на јавноста. Новите Peugeot модели, електричниот 208.., таргетираат еден нов профил на клиенти кои до сега не биле корисници на брендот, се бара возило повеќе или со други зборови: добрата понуда која ја имаме, ја поттикнува и засилува побарувачката.

Daniel Euroimpex intervju Maski_Magazin_mk

ММАГАЗИН: Последната значајна вест е дека Еуроимпекс како докажан и респектибилен работник на автомобилскиот пазар, покрај брендот Peugeot, го доби регионалното застапништво и за Opel, за пазарите во Македонија, Србија, Црна Гора, Косово и Албанија. Чекор погоре во конкурентноста, но сепак во едно време-невреме на здравствена криза и бизнис неизвесност. 

Ова е нашето најголемо достигнување до сега. Претставуваме 2 светски бренда на регионален пазар со популација поголема од 15 милиони жители. Лично сметам дека ова е голем успех! Успех на целиот тим на „Еуроимпекс“, на тимот во Скопје и на тимот и во Белград.

Успех кој се темели на достигнувањата на секој еден вработен во компанијата, за да денес бидеме ова што сме. Во бизнисот, успешна компанија е онаа која може за најкратко време да се адаптира на условите во кои стопанисува, а сметам дека „Еуроимпекс “е една од нив. Простор за планирање секако дека има, тоа е основата. Без реалистичен стратешки план, не може да се стигне до целта.

ММАГАЗИН: Кога ви стана јасно дека автомобилите се на некој начин Ваша лична судбинска определба?

Авто бизнисот е наша семејна традиција. Мојот дедо има работено во „Ауто Комерц“ Љубљана, татко ми во „Аутомакедонија“, така да автомбилите беа присутни уште од моето најрано детство. Како мал ги „пиев“ авто магазините и ги знаев сите технички податоци малтене на памет. Кога се осамостои Македонија и со можноста да се започне приватен бизнис, едноставно изборот на автомобилски бренд беше логичен редослед.

ММАГАЗИН: Технолошкиот напредок е есенцијата и генераторот на Вашиот бизнис, а тој станува сè побрз разгалувајки го сè повеќе купувачот во неговите потреби. Како од таа перспектива се надоврзува вашата љубов кон олдтајмерите?

Олдтајмерите испишале една историја и оставиле спомени зад нив. За мене тие имаат емотивна вредност. Тие се доказ за едно минатото и биле предвесник на иднината. Оваа година кога „Еуроимпекс“ одбележува 30 години од нашето постоење, „Peugeot“ прославува 210 годишен јубилеј. Кога сте поврзани со некого, со нешто, негувате сè во врска со тоа.

Како семејните фотографии што ги чуваме и ни раѓаат спомени за едно минато кое има посебно место во нашата душа, така и историските возила ја раскажуваат приказната за своето време кое мене лично ми значи. Да имате богата историја, значи да имате висока вредност на пазарот. Peugeot тоа го има. Имаме планови, во новиот објект, да направиме музеј на Peugeot.

ММАГАЗИН: Познати сте како пасиониран професионален ловџија. Страст која ќе ве рашета низ ексклузивни автентични ловишта низ светот, но и која ќе ве мотивира и за таква домашна приказна. Од каде потекнува таа љубов?

Од најраното детство би рекол. Како деца со брат ми, одевме на лов со татко ми. Тие што ја сакаат планината, знаат колкава љубов е тоа. Нашата домашна приказна со ловиштето „Ниџе“ започна во 2010 година. За овие години, успеавме да го спречиме криволовот, изградивме сместувачки комплекс по европски стандарди, воведовме регулативи, имаме голем репроцентар, се грижиме за животните од секој аспект и неколкукратно го збогативме природниот прираст на матичниот планинаскиот венец на Ниџе, но за жал сè помалку време ми останува за лов поради обврските во ловиштето.

Daniel Euroimpex intervju Maski_Magazin_mk


ММАГАЗИН: Трите сертификати на sидот на Вашата канцеларија се потврда за сериозен познавач на виното. Како започна таа приказна?

Винската приказна започна преку моите француски партнери и пријатели, запознавајќи ја нивната винска традиција. Со задоволство се приклучив на „Винските Витези“ во Македонија и активно учествувам во ширењето на винската култура.

ММАГАЗИН: Тукушто се вративте од несекојдневен, нетипичен одмор. Едрењето е уште една пасија на која и се радувате. Внатрешен порив за бегство од стереотипите или потреба за адреналин?

Одмор во вистинска смисла на зборот, полнење на батерии и дружба. А, кога морето е со бранови и времето ве послужи со ветер, адреналинот е неизбежен. Од пред две години започнавме ова да го практикуваме и за нашите вработени.

Оранизираме по два брода, еден за тимот од Скопје и друг, за тимот од Белград. Целта е да се наградат најзаслужните вработени од таа година во која пловиме и да им се овозможи едно несекојдневно доживување. Ова се покажа како добра практика која дава позитивен фидбек и во секојдневното работење.

ММАГАЗИН: Припаѓате на генерацијата кога под џентлмен се подразбираше многу повеќе од чаша виски, пура, скап костум и луксузен автомобил. Каде во меѓувреме се изгубија вистинските вредности и што во тој контекст за Вас е хедонизмот?

Џентлмен не е скап костум, виски, ниту луксуз. Џентлмен е состојба на умот, карактер, почитување на добри вредности, ферплеј, чесност, добри манири, заштитнички однос кон семејството, пристојно однесување, респектирање на луѓето… Џентлмен е посветен човек. Посветен на семејството, на понежната половина, на синот, на ќерката, на секојдневните обврски и пријателите, а кој воедно се грижи и не се запоставува себеси… Е, тука веќе доаѓаме до хедонизмот и до малите ситни задоволства кои се личен избор за уживање.
Daniel Euroimpex intervju Maski_Magazin_mk

ММАГАЗИН: А што е вистинска среќа?

Среќата во очите на моето семејство. Среќата во очите на моите најблиски и вработените. Погледот од највисоките планинаски врвови и утрата.

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

пишува: Сани     фото: Марко.ски