LEGO ги подобрува своите напори за одржливост со нов прототип на коцка изработена од рециклирана пластика. Новиот прототип користи PET пластика (полиетилен терефталат) земена од фрлени шишиња. Развојот на овој вид на пластика траел три години бидејќи научниците и инженерите тестираа над 250 варијации на PET и стотици други видови пластични формули со цел да ги исполнат нивните стандарди за безбедност и квалитет. Иако е направен успешен прототип, ќе треба повеќе време и развој пред потенцијално преминување во производство. Следната фаза на тестирање се очекува да трае најмалку една година.
„Ние сме супер возбудени за овој чекор напред. Најголемиот предизвик кон нашето патување за одржливост е преиспитување и иновирање на нови материјали што се толку издржливи, силни и со висок квалитет како и постоечките. Со овој прототип можеме да го прикажеме напредокот што го постигнавме.“, рече Тим Брукс, потпретседател за еколошка одговорност во групацијата LEGO.
Компанијата во 2020 објави дека ќе започне со отстранување на пластиката за една употреба од своите кутии. Освен нивните коцки, во 2018 година компанијата започна да изработува елементи од био-полиетилен кој е направен од шеќерна трска, а компанијата го користи за своите помеки парчиња како дрвја, гранки, минифигури и друго.