Дресот The Last Dance од првиот натпревар од финалето на NBA во 1998 година беше продаден за неверојатни 10,1 милиони долари на аукцијата на Sotheby’s Invictus. Со тоа стана најскапиот спортски сувенир во историјата, надминувајќи го дресот на Диего Марадона „Божјата рака“ кој беше продаден за 9,3 милиони долари претходно оваа година.

Еден од само двата дресови на Џордан што некогаш се појавиле на аукција доби вкупно 20 понуди и ја сруши неговата оригинална висока проценка од 5 милиони долари. Така, поставен е нов рекорд за кошаркарски дрес на аукција, надминувајќи го дресот на Коби Брајант Лејкерс со автограм кој во мај достигна цена од 3,7 милиони долари.

„Во неделите откако ја објавивме аукцијата, имаше возбуда не само од љубителите на спортот, туку и од колекционерите желни да поседуваат ретко парче историја“, рече Брам Вахтер, шеф за облека и модерни колекционерски предмети на Sotheby’s. Денешниот рекорд од неверојатни 20 понуди го утврдува Мајкл Џордан како неприкосновен спортист, докажувајќи дека неговото име и неспоредливото наследство се исто толку релевантни како и пред речиси 25 години“.

Џордан го носеше дресот на Чикаго Булс во најславниот период од неговата легендарна кариера. Тоа беше познатата сезона 1997-1998, честопати нарекувана како The Last Dance или „Последниот танц“, која исто така беше прикажана во истоимениот хит документарец на Netflix од 2020 година.

Џордан постигна вкупно 33 поени во овој иконски црвен дрес на гостински терен во првиот натпревар од финалето на NBA во 98 година. Тој ја освои својата шеста шампионска титула во NBA со Булс и шестата награда за МВП на финалето. Сезоната ѝ помогна на суперѕвездата да го зацврсти своето наследство како најдобар кошаркар на сите времиња.

Во моментов е во тек аукцијата на Sotheby’s Invictus, а на продажба се 16 парчиња ценети спортски сувенири.