Јапонската компанија ICOMA го претстави својот преклоплив електричен мотоцикл наречен Tatamel Bike. Идеален за движење во урбаните средини или како превозно средство до вашето работно место, овој мини мотоцикл може да се склопи во доволно мала големина што ви овозможува да го чувате под стандардно канцелариско биро, што значи дека нема да морате да се грижите ниту за паркирањето.

Кога е подготвен за возење, мотоциклот има должина од 1.230 милиметри, висок е 1.000, а широк 650 милиметри. Кога ќе се склопи назад во скалдишна состојба, Tatamel Bike е долг само 700 милиметри, висок е 680 и широк 260 милиметри.

ICOMA Tatamel Bike

Мопедот се напојува од литиум-железна-фосфатна батерија. Најновиот модел развиен од страна на ICOMA има максимална брзина од 40 километри на час и може да помине до 50 километри со едно полнење. Мотоциклот исто така има и преносно напојување за да може да се користи и како извор на енергија.

Од компанијата велат дека и самиот изглед на мотоциклот може да се прилагодува и персонализира. Страничните панели можат да бидат заменети со посакуваните бои и материјали, а можете да додадете и илустрации или да прикачите било какви знаци со што ќе ја изразите вашата личност. Повеќе информации за самиот мотоцикл можете да дознаете на сајтот на ICOMA.