„Навистина живеам преубав период од мојот живот, не знам зошто, а можеби и знам.“

Нејзините дизајни говорат за сензуална, романтична и женствена природа, но начинот на кој го води и гради својот моден бизнис откриваат решителна, отсечна и цврста личност.

Совршен спој, толку редок, а толку нужен за опстанок и успех во беспоштедниот свет на модата. Зачинето со љубопитност и храброст овој нетипичен коктел од карактеристики ќе ја смести Тања Кокев високо на скалилото на професионален успех, а приватно ќе оформи среќна и задоволна жена. Жена која умее да го живее својот живот.

М Магазин: Како започнува успешната приказна Кокев? Колку можеше да се наслути дека модата ќе ви го означи животот и кога всушност почнавте да размислувате за себе како дизајнер?

Претпоставувам уште во основно. Јас сум типичен претставник на генерација 1974 –та која беше воодушевена од романтизмот на Дуран Дуран, панк фризурата и халуцинаторските фустани во комбинација со андрогините панталони на диско кралицата Грејс Џонс, сè до кралот на самоизразувањето Дејвид Боуви.

Неговите трансформации предизвикаа сеизмички културни промени менувајќи ја дефиницијата на тоа што значи да се биде популарна рок- звезда. За Боуви облеката беше начин на самоизразување, моќна алатка во прикажувањето индивидуалност во нејзината најекстремна, најсветкава и најкреативна форма.

Претпоставувам дека уште тогаш наслутив дека модата ке биде дел од мене. Но, за убавите работи треба време, трпение и вистински момент да се наместат коцките. Така што тоа е моментот откако почнав да размислувам за себе како дизајнер, но дури пред 12 години таа желба стана реалност. И како што секогаш бива, сите дела настануваат од некоја инспирација или фантазија, така и јас инспирирана од мојата едногодишна ќерка почнав да го градам Кокев.

Кокев

М Магазин: Која е жената за која креирате или можеби дизајнирате облека по урнек на себе си?

Пред визијата за жената за која креирам, имам еден предуслов кој си го поставувам сама на себе. Знам дека сакам да создавам убави нешта, не сум дизајнер кој бара 5 минути слава и не ме интересираат инстант трендови. Она што е во мојот највисок критериум е софистицираност, елеганција и женственост.

Но, елеганција не само преку она што го носиш, туку преку начинот на себеизразување, вкусот за книги, музика, слики, ентериер,.. начинот на кој се движиш и зборуваш. Сакам да креирам за жена која сака да биде реална, не жртва на модата која може да ја претвори во еден кловн. Претпоставувам дека преку ова ви одговорив и дека креирам облека по урнек на себе си.

М Магазин: Клиентелата е клучна во секој бизнис, но во модата е специфично одржлива категорија. Која е формулата за стекнување лојалност?

Мучија Прада има изјавено дека кризите се многу позитивни бидејки те тераат да размислуваш. Кога има кризна ситуација, едноставно мора да ја редизајнираш реалноста. Кога почнав да го градам Кокев се соочив со многу кризи во модата во Македонија.

Јас започнав со custome made, најделикатната гранка во овој бизнис. Креирав и изработував модели по мерка. Нешто што е најценето и најскапо во земјите кои се со модно развиена свест. Кај нас шиењето по мерка беше сведено на најелементарна шнајдерска работа. Требаше многу труд, многу директни контакти дизајнер-клиент, многу квалитет, перфектен дизајн и изработка, за клиентот прво да разбере дека добива ексклузивен модел кој е изработен по негови мерки и ја поседува ексклузивноста.

И тука не завршува приказната, туку почнува. Уште потешко од добар старт е како тоа да го одржиш низ годините и да бидеш на врвот, не по популарност, туку по квалитет и ветено-исполнето. За тоа не е доволен изградениот и познат бренд.

Потребно е тој однос дизајнер клиент да функционира од ден во ден се подобро и кога дизајнот ќе биде готов да добие перфектна изработка, што значи да имаш тим кој стои позади неговата изработка. А јас, нескромно ќе изјавам дека го имам најдобриот тим со кој сме заедно сите овие 12 години.

Никогаш не добивај поени на туѓа штета, но и немој да бидеш наивен кога ќе се соочиш со нелојалните или копирачите.

М Магазин: Модата е еден од најсуровите бизниси во светот, во македонски услови тоа добива дополнителна специфика. Какви сè предизвици требаше да се надминуваат во успешното градење на силен бренд? Колку основното естетско правило дека само етичното е естетско е всушност применливо во беспоштедниот материјален свет?

Можеби модата за некого е најспоредната работа на светов, но за мене е љубов. Нешто што ми го исполнува секојдневието и ми дава можност да се изразам и комуницирам со мојата публика. А, кога веке имаш публика, имаш и одговорност малку поголема, општествена, етична и секако естетска.

Сите ние на кои ни е дадена оваа одговорност мора да се бориме и да бидеме гласноговорници на доброто, секој преку својата определба. Едноставно не смееме да се претопиме со оние ликови кои само седат и коментитаат и на крај сето тоа го ферментираат во лош вкус.

Кокев

Ние мора да бидеме двигатели на сè што не се коси со основните критериуми на правење добро. Затоа нема компромис на штета на она што е морално, само за да задоволам нечија естетика. Кога го имаш ова начело пред себе и предизвиците се пореални додека го градиш брендот.

Едноставно цела концентрација е на мојата работа, не она што го работи мојата конкуренција. Никогаш не добивај поени на туѓа штета, но и немој да бидеш наивен кога ќе се соочиш со нелојалните или копирачите. Сите овие 12 години Кокев се соочува со копиранти кои од време на време ќе никнат по социјалните мрежи.

Предизвикот ми беше, дали да се борам со нив или да одам неколку чекори напред и да им оневозможам преку мојата работа да ме копираат. И беше многу успешно. Донесов ткаенини со дизајнерски потпис од Valentino и направив оргинални дизајни со потпис на Кокев. Навистина е невозможно овие ткаенини да се ископираат. Енергијата ја насочив кон правење убави нешта, а не борба со некој кој не е на нивото на мојот бренд.

Навистина сум среќна што сум благословена со храброст, без страв од ризик и без страв од промени и претпоставувам затоа и ми се отвараат сè повеќе и повеќе врати кои ме донесоа во моментов и до интернационални соработки.

М Магазин: Само малкумина од македонските создавачи на мода имаат порив да излезат од зачмаеноста на чувството на самозадоволсто и комфорот на локалните рамки. Предизвикот да се понуди својата вредност на глобално ниво и храброста да се превземе ризикот вам ви носат во моментов ексклузивни соработки и исчекорувања на интернационалниот пазар. На што допрва ќе бидеме сведоци ?

Еден од поголемите стравови кај луѓето е стравот од промена. До толку е јак тој страв, што дури и кога насетуваат дека таа промена ќе им донесе позитивен пресврт, сепак стравот им преовладува и се одлучуваат за жал да му се препуштат на чувството на зачмаеност и лажниот комфор.

Ова правило важи и за приватниот и за професионалниот живот. Навистина сум среќна што сум благословена со храброст, без страв од ризик и промени, па претпоставувам затоа и ми се отвараат сè повеќе и повеќе врати кои ме донесоа во моментов и до интернационални соработки.

Кокев летово доби работа за една од најпознатите париски модни куќи, поточно во нашето ателје ќе се изработуваат точно дефинирани couture детали за нив. Огромна чест е таа куќа да не одбере и да бидеме нивни couture мајстори.

Започнуваме соработка и со неколку модни платформи и стануваме нивни ексклузивци и го шетаме Кокев на повеќе showroom настани во Европа, а секако се подготвуваме за ревија на една од светските модни недели. Но, најважно од сè е што и покрај сите овие идни соработки и можност Кокев да излезе од Македонија, најголемиот акцент е ставен на работата на Кокев дома и максимална посветеност на нашите клиенти.

Кокев

М Магазин: Се плашат ли македонските мажи од силни, успешни и реализирани жени?

Многу е наивно и површно да констатираме дека мажите се плашат од успешни жени. Јас секако верувам дека успешната жена ги привлекува мажите исто толку колку што верувам дека тоа и не е на врвот на нивната листа, односно дека тоа не е пресудно. Жените и мажите, едноставно имаат различен пристап кон одредени критериуми.

Жените како и мажите си живеат во свој свет, со помалку или повеќе дефинирани вредности за спротивниот пол. Ако генерализираме врз основа на некои статистики, се вели дека на мажите најмногу им се важни добрината, лојалноста, чувството за емпатија, жената да биде свесна за неговата слобода и највисоко котира, сексуалната привлечност. Доколку овие карактеристики не ги најде, верувам дека им е сеедно дали е таа успешна или не.

Љубовта е претпоставувам отсуство на срам и вина, затоа што просто не се срамиш од ниеден збор и постапка, не се плашиш и да покажеш слабост.

М Магазин: Како ја доживувате љубовта?

Во основа, пред сè како сакање на самиот себе. Само ако се сакаш себе си можеш да примиш и дадеш љубов. Мислам дека е многу подлабоко од романтичните испади на Елизабет Бенет или песимизмот на Татјана Леринска.

Верувам дека е препуштање на чувството, бидејки тоа никогаш не греши. Едноставно исклучување дури и од сопственото рацио. Љубовта е претпоставувам отсуство на срам и вина, затоа што просто не се срамиш од ниеден збор и постапка, не се плашиш и да покажеш слабост. И можеби најважно, љубовта прави стравовите да исчезнат. Засекогаш, ако имате среќа…

М Магазин: За мнозинството создавањето облека е само игра со материјалчиња-цртање, кроење и шиење. За познавачите пак, модата е огледало на духот на времето. Како вие ја доживувате? Кои се вашите интереси и љубопитства?

Живееме во време во кое некои други работи имаат приоритет, како на пример политиката, трката по пари и моќ и живот на социјални мрежи. Комплетно е изгубен шармот кој може само уметноста да го даде во одреден временски период.

Шеесетите години си го имаа Аnds, 70тите уживаа во слободата на хипиците, 80тите забегаа од Боуви до Династија, но имаше уметност, музика, најважно лајфстајл инспириран од уметноста.

Во тие времиња разбриливо е дека и модата е рефлексија на случувањата и коренспондира со духот на времето и дава дополнителен шарм. За жал не живееме во такво шармантно доба, но тоа и не значи дека ќе се откажеме да допринесеме за да се врати бар малку шармот кој може да го даде модата.

Така што ако ме прашувате дали модата е огледало на времето, да секако. И затоа одговорноста на дизајнерите е малку поголема од црткање и кроење, бидејќи модата итекако остава свој визуелен печат за секој временски период.

Навистина сум среќна што сум скроена љубопитна и што таа љубопитност како стареам станува уште појака и си бара дневна доза на нови информации. Но, најголемиот интерес ми е духовниот мир и да бидам во баланс со себе си.

Затоа не јадам повеќе отколку што му е потребно на моето тело, не собирам пари повеќе отколку што ми се потребни за едноставен живот и не вложувам премногу труд во стекнување на некои материјални нешта до кои е тешко да се дојде. Откако го сфатив ова во животот, почнав да ги анализирам спротивните на мене. И сфатив колку е сè просто и едноставно.

Од една страна се духовните луѓе (не мислам религиозни), од друга страна луѓето кои трчаат цело време по стекнување материјални добра. Од тука и мојот најголем интерес после модата е уметноста, духовноста…

М Магазин: Како го разбирате поимот џентлмен и може ли да се најде таков примерок денес кај нас? Што мислите за метросексуалците и генералната слика за мажот денес?

Претпоставувам дека тоа е лик кој претставува многу повеќе од оскудна учтивост, кој не се срами од традиционалниот чин на витештво, што во современиот свет за жал се толкува како понизност. Ако треба пак, да го отсликам модерниот џентлеман ќе кажам дека пред сè тој не е совршен и не верува дека е совршен, туку презема одговорност за нештата кои може да ги контролира.

Има високи стандрарди, од другите очекува толку колку што очекува од себе си. Секогаш е добро облечен. Неговата облека покажува дека тој ја препознава моќта што ја има облеката за себеизразувањето и оставање впечаток. Има добри манири, знае да се извини, заблагодари, го чека својот ред и ги третира другите како што од него и се очекува.

Нема предрасуди. Неговите дела се еднакви со неговите зборови и најважно знае да направи разлика помегу ароганција и самодоверба која доаѓа од внатре. И да, секако има џентлмени. Во принцип не сакам да генерализирам и осудувам, но верувам дека има толку џентлмени колку што има и жени кои посакуваат џентлмени.

Имено, не знае и секој да препознае добри манири и на крајот сè се сведува дека сè си е таман, балансот е повеќе од потребен. Во контекст на ова, би одговорила што им недостасува на македонските мажи. Прво се оградувам повторно од генерализација и дека на крајот на денот секој добива онолку колку што ќе понуди.

Уживам во секој момент, си ја одржувам формата и психички и физички. Се гледам во огледало и се сакам себе си, дури и благите линии, за кои ако станат подлабоки не се заморувам ама и не велам и дека нема да ги испеглам.

М Магазин: Колку е нужна „машка рака“ за да се успее во скоро невозможната мисија да се биде една од ретките успешни жени, која мора своите битки да ги бие сама во овој машки свет, надвор од класичната приказна на бекап од успешен маж?

Вистинските жени се самоуверени, јаки, величествени и не се плашат да го побараат тоа што го сакаат. Секако дека ова не е случајно, потребна е интелегенција, образование, амбиција, смисла за хумор итн. Вистинската жена никогаш не бара просечен маж заради сигурност.

Таа го сака мажот од трет вид, најретките на планетава, идеални за неа. Сакам да кажам дека вистинската жена ќе побара маж до себе од овој трет вид кој пред сè е симпатично саркастичен, знае како да ја боцне и насмее и истото да го направи на своја сметка. Знае да ја подигне, но и да ја спушти кога ќе заслужи за нејзино добро.

Маж кој има свои планови и не зависи од неа, знае како да излезе на крај со неа, знае да се извини, знае да ја учи без да се прави умен и води љубов со неа како да нема утре. Машка рака, може не и потребна, но машка енергија од овој трет вид е повеке од добредојдена.

М Магазин: Изгледате подобро од било кога. Зрачите со животна енергија, женственост и сензуалност. Тоа се должи на… На што се должи?

Уживам во секој момент, си ја одржувам формата и психички и физички. Се гледам во огледало и се сакам себе си, дури и благите линии, за кои ако станат подлабоки не се заморувам ама и не велам и дека нема да ги испеглам. Навистина живеам преубав период од мојот живот, не знам зошто, а можеби и знам 🙂 читајте го Карл Јунг, навистина го прави животот побогат.

Ја имам Клара, секој ден му викам Благодарам на Господ за таа среќа. Вљубена сум во мојата работа, која веќе и не ми е работа туку чисто задоволство.

Ако се суди според изодената патека и приватно и професионално, се чини дека мошне умешно ја практикувате најголемата животна мудрост- да знаеш кога треба да се бориш да задржиш, а кога треба да пуштиш, зарем не?

Имам 44 години, доба на слатка мудрост и многу искуство благодарение на сопствените грешки. Но, тоа е животот. За жал видов многу примери кои се изгубија поради немање баланс, форсирање на нештата во лош момент. Во тој момент, сфатив дека е подобро да не учам само од моите грешки, туку и од туѓите. Очигледно најдов клик за добра проценка на тајминг.

М Магазин: Религија или наука ?

Духовност и наука.

М Магазин: Дали ви е грижа што луѓето мислат за Вас?

Секако дека ми е грижа, работам на себе многу и сакам луѓето тоа да го забележат. Сакам да ме препознаат како добра личност. Не сакам лоши луѓе и затоа тоа ми значи многу.

М Магазин: Кој ве познава најдобро?

Клара, мајка ми и другарките.

М Магазин: Која е најголемата/најважната лекција која сте ја научиле во животот?

Да се сакаш себе си.

М Магазин: Колку за сериозно зафатена жена, активност од типот на готвење е луксуз и задоволство?

Баш така, ми е луксуз затоа и готвам само за викенд, а поголемо задоволство после секс од храна нема. А, задоволствата сакаме да си ги негуваме, нели?

М Магазин: Што се фалинките во живеењето во Македонија?

Премногу политика, а не сакам да коментирам бидејќи не гледам наивно на политиката.

 

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.