Секс. Сите мислат дека знаат како, но дали тоа е доволно добро за партнерот? И ако е, по кој принцип се оценува?

Колку и да верувате дека сте бог на „гужвањето чаршави,“ вистината е дека не секогаш и не сите можат да бидат Зевс меѓу земските божици. Прашањето е како да знаете дали сте добри во кревет, кога идејата за истото е апсолутно субјективна работа. Имајќи го предвид фактот дека секоја жена има дијаметрално различни сексуални преференци, она што некоја би ја однело до ѕвездите, за друга би било обично превртување со очите.

Бидејќи нема апликација на која ќе собирате ѕвездички и рецензии за вашите вештини во моментот кога ќе посегнете по цигара после секс, а на прашањата „Добро ли беше?“ или „Дали доживеа оргазам?“ не секогаш ќе добиете искрен одговор, можеби е добро да се разгледа женската перспектива.

Да бидам искрена, овие муабети најчесто се прават после неколку чаши вино или утрото после навистина жешка вечер. Сјајот во очите, широката насмевка и апсолутно зен расположение надополнета со „Знаеш ли што ми направи вчера?“ се нештата за кои се дебатира исклучиво во женско друштво. Токму затоа, за да не останете со прашалници во главите или повредено его, а воедно и да не играте детективи, ќе ви оставам неколку траги кои лесно ќе ги препознаете, а кои ќе ви помогнат да дознаете дали сте дел од „боговите меѓу чаршави. “

Воздишки

Ако не сте сигурни, а немате при рака прашалник за пополнување после секс, не грижете сè. Една од главните траги по која уште во текот на самиот чин ќе може да следите дали сте на добар пат е евалуација на звуците и воздишките – ги има или не? Луѓето се едни од најгласните живи суштества за време на секс. Но, не секогаш гласниот секс, значи добар секс. И обратно.

Истражувањата покажуваат дека луѓето кои имаат пониска самодоверба во поглед на секусалните вештини се потивки за време на чинот, додека истото покажува и дека две третини од жените глумат воздишки за да му помогнат на партнерот побрзо да доживее оргазам.

Плус, тука се и извештачените примери од порнографијата кои не ставаат под притисок како сексот треба да звучи. Прашањето е како да ги препознаете вистинските воздишки? Најчесто истите се дополнети со припивање на нејзиното тело до вашето и не звучат извештачено како да сте дел од порно сцена.

Допир

Бидејќи не може да се потпрете на воздишките како релевантен фактор, потребно е да го следите говорот на нејзиното тело. Траги дека сте на добар пат се дефинитивно контракции на мускулите, заруменување на образите или пределот на градите и погоре споменатото припивање на телото, како и благо несвесно подгризување на усните. Гребење на грбот и повлекување на косата, можеби се клише порно моменти, но истите реално може да се случат во моментот кога партнерката ја доведувате до врвот.

Предигра

Никогаш не ја потценувајте моќта на предиграта која несомнено може да ви помогне да се качите на врвот на нејзината листа. Предиграта е одличен момент да видите што вашата партнерка ја возбудува, а што не. Така ќе имате претстава дали сте на добар пат. Но внимавајте на нејзините реакции, некогаш треба да процените кога вашата партнерка ве посакува сега и веднаш и кога предиграта не е воопшто потребна.

Бидете отворени за нови нешта

Исполнување на вашите и на фантазиите на партнерот се едно од главните нешта кои ќе ви донесат 5 ѕвездички. Разговарајте отворено за нештата кои вашата партнерка сака да ги прави за време на сексот, а секоја фантазија, колку и на момент да изгледа чудна или необична секогаш може да се прилагоди на заедничко задоволство.

Експериментирајте, бидете отворени за нови нешта и бидете љубопитни. Мажите кои имаат самодоверба не се плашат да откриваат нови нешта кога е сексот во прашање, а доколку и дозволите на партнерката да ве научи нешто ново верувајте само ќе заработите плус оцена. Мажите кои се убедени дека знаат сè, дека се најдобри и дека никогаш не отстапуваат од нивната идеја за добар секс, се досадни и тотално непривлечни.

Плус, еден од главните знаци дека сте добри во кревет е ако партнерката сака уште. Ако после сексот остане залепена за вас и е жедна за уште значи дека сте на добар пат, но ако веднаш избега од вас и се затвори во тоалет наредините 15 минути значи дека сексот не бил тоа што очекувала.

Несебичност

Една од најважните работи преку која ќе добиете одлична оцена, е доколку се погрижите да и посветите доволно внимание, да ја опсипете со комплименти и да направите да се чувствува како во моментот да е најпосакуваната жена на светот. Нејзиното задоволството доколку ви биде приоритет, несомнено ќе ве направи одличен љубовник.

Водењето љубов и сексот се две различни нешта за жените, а она по кое се разликуваат е токму несебичноста на пружање задоволство. И не заборавајте колку повеќе дадете, толку повеќе ќе добиете. Трагата по која ќе препознаете дека е задоволна? Сјајот во очите, широката насмевка и блескавата кожа, утрото потоа.

оценете го ова искуство*****

Пишува – Лилит

 

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.