Магнетната привлечност на почетокот на секоја врска е период за паметење. Постојано сте заедно и не можете да ги тргнете рацете еден од друг. Но, во вистинска заблуда сте ако верувате дека тој период ќе трае вечно. „Бледеењето на привлечноста меѓу партнерите е честа појава во долгите врски. Тој период го земаме здраво за готово, мислејќи дека ќе трае засекогаш, кога во суштина бара многу работа и одржување на таа привлечност“, вели Nazanin Moali, сексолог и водител на поткастот Sexology.
Зошто ја снемува привлечноста?
Стабилноста и сигурноста е одлична подлога за квалитетна врска, но и преголемата удобност во истата може да ја направи многу предвидлива. „Во нашата природа како човечки суштества е да бидеме љубопитни и да осознаваме, а преголемото познавање на секоја постапка на партнерката може негативно да влијае врз привлечноста“, објаснува Moali.
Конфликтите се уште една причина за исчезнувањето на привлечноста, но тие не делуваат директно. Конфликтите се здрави и корисни за врската, ако се разрешуваат јасно и гласно. Секој потиснат гнев, критика, нервоза раѓа негативни чувства кон партнерката.
Секојдневието го зема и својот данок – обврски, деца, работа, домашни задачи, навики. Престанувате да размислувате на вашата партнерка како на романтична личност. Или престанувате да размислувате на неа општо. И повеќе не се грижите за себе – како изгледате, дали сте доволно среден, не водите толку грижа за личната хигиена, ниту пак за тоа како ве доживува вашата партнерка.
Како да ја смените моменталната состојба?
Убаво е во врската да летаат искри. Можеби е невозможно тоа да го направите како на почетокот, но квалитетот на привлечноста се менува со текот на време, а почнува од моментот кога ќе сфатите дека има промена во тоа како ја доживувате својата партнерка. Пред да почнете со обвинувања и покажување со прст на партнерката, размислете каква е вашата улога во ситуацијата. Можеби и вашето однесување, кое претходно било попријатно и кокетно, во последно време е променето. Можеби не се трудите доволно околу партнерката, па тоа несвесно влијае врз неа.
Ставете акцент на времето кое го минувате заедно, дури и кога немате време. Ако не можете да се сетите кога последен пат сте излегле на вечера, концерт или во кино, не е ни чудно што искрата повеќе ја нема. Направете време за вас двајцата, дури и да ви изгледа невозможно. Дотерувањето и излегувањето е супер терапија, но и да останете дома е сосема во ред.
Како ќе знаете дали врската е вредна за спасување?
Генерално, враќање на привлечноста во врската е многу возможна работа, но потребна е посветеност од двете страни. Важно е да се запрашате дали и на почетокот на врската постоела онаква привлечност каква што барате. Бидејќи има многу врски кои започнуваат како резултат на потрага по сигурност, безбедност или осаменост. Во тој случај, не можете да вратите нешто што никогаш не било таму, зар не?