Во текот на изминатите неколку векови, кашмирот заработил репутација како еден од врвните луксузни влакна во трикотажата. Сосема оправдано, кашмирот кој се изработува од финото влакно на подкрзното на кашмирската коза е мека, многу топла ткаенина. Додека голем број кашмирски џемпери чинат многу, во последниве години, на пазарот се појавија и џемпери кои се со поприфатлива цена.
Зошто кашмирот е синоним за ексклузивност и луксуз?
Зошто чини толку многу?
Многу фактори влијаат на квалитетот а со тоа и на цената на ткаенината. Основен фактор кој ја одредува цената на кашмирот е дебелината на влакната добиени од козите, која може да се движи помеѓу 14 и 30 микрони. Оваа разлика во дебелина обично се определува од потеклото на козите и колку е потенко влакното толку е поголема мекоста и квалитетот.
Следен фактор е должината на овие влакна. Облеката направена од долги и тенки влакна вообичаено се сметаат за квалитетна, бидејќи имаат тенденција да ја задржат формата подолго и исто така е потрајна од онаа направена од кашмирска ткаенина со кратки и густи влакна.
Фактор кој влијае на квалитетот и цената на кашмирот е и бојата на ткаенината. Ако кашмирските влакна се третираат несоодветно, односно ако во процесот на производство, производителот користел недоволно квалитетна боја или несоодветен метод на обработка, ткаенината ќе стане груба. Ова е многу честа појава со црните и темно обоени парчиња облека.
Земјата на потекло е трет фактор кој ја одредува цената на кашмирот. Монголија и Кина произведуваат одличен кашмир,но многу компании за своите производи користат подостапен кашмир произведен во Турција, Иран или Индија. Кашмирот во Кина се нарекува дијамантско влакно и од тука се добива 70% од светското производство, 20% од Монголија и 10% од останати земји.
Луѓето во Уланбатар немаат многу пари, а сепак секој еден од нив носи кашмир.
Во просек една коза годишно произведува 150 грама кашмирски влакна. За да се произведе еден џемпер потребни се влакна од 2-3 кози. Годишното светско производство на необработени кашмирски влакна е проценето на 15.000 до 20.000 тони, а по обработката конечниот принос се проценува на само 6.500 тони.
Кашмирот се собира на два начини:
Со чешлање, кое се изведува рачно и каде се собираат само влакната кои се потребни за правење на кашмир (подкрзното на козата), карактеристично за Кина и Монголија и со стрижење каде се отстрануваат двата слоја на крзно и резултира со помал принос на чисто кашмирско влакно.