Часовниците се предмети со кои остварувате доживотна врска. Како безвременски, се надеваме дека идните генерации ќе уживаат во нив. Но за да бидат во вистинска смисла безвременски, како и сите останати предмети, така и часовниците треба да добијат соодветна грижа и внимание. Основните работи кои треба да ги правите кога станува збор за грижа на часовниците е дека тие треба правилно да се чистат, соодветно да се складираат и да се носат кај часовничар на проверка.

Правилно чистење

Без разлика дали станува збор за часовник со метален или кожен ремен, секако тој со текот на времето акумулира нечистотија. Особено кај моделите со метални нараквици, секаква нечистотија се акумулира побрзо околу местото на затворање и помеѓу сврзните компоненти. Затоа водоотпорните модели пожелно е да се потопат во млака вода со нежен раствор на сапуница и да се чистат потоа со мека четка за заби.Доколку сакате овој процес на чистење да биде темелен тогаш треба да пристапите кон ултразвучно чистење. За кожните часовници потребно е да користите одредени средства за елиминирање на мирисот од пот на ременот. Тука на пример би помогнал тенок слој на сода бикарбона, или раствор на оцет. Но може да користите дури и средство за чевли.

Правилно складирање

Најбезбеден начин за чување на часовниците е во сеф. Причина за ова е бидејќи сефот нуди заштита од надворешни влијанија (прашина, влага, разлика во температура…). Исто така користењето на перници и специјални кутии или намотка за часовници би биле од голема корист. Ако имате постари часовници потребно е механизмот да не мирува премногу бидејќи маслата во механизмот ќе ја променат својата агрегатна состојба. Моделите изработени од релативно чувствителни на гребење метали, како што е златото, не треба да се поставуваат на премногу тврди површини. Некои колекционерски парчиња, поточно часовниците на Patek Philippe, се советува да се положат на круната бидејќи тој дел е лесно заменлив доколку дојде до таложење на прашина, промена на бојата поради некаква реакција или проблем, отколку да се поправа или полира целиот часовник.

Проверка

Ако се прашувате на колку години треба да го носите вашиот часовник на часовничар за редовна проверка, тогаш одговорот е на секои пет години. Ова треба да се практикува со цел да се избегнат поголеми компликации кои би чинеле многу пари. На некои часовници покрај промената на батеријата, добро би му дошла и проверка на внатрешноста за да се види да не има акумулирано вода или некој проблем. Покрај тоа што го покажува времето, тој е и израз за стилот и начинот на животот на човекот. Па така секој часовник заслужува минимум грижа и внимание. Генерално треба да се пази на притисок, отпорност на вода, солена вода, креми за сончање и други фактори кои можат да го оштетат.