Големата награда на Монако длабоко е вкоренета во историјата на Formula 1, а најмалата нација на светот прерасна во синоним за најбрзиот циркус на планетата. Монте Карло е едно од најскапите, најбогатите и најексклузивните места на светот со најголемата бројка на суперавтомобили по глава на жител. Сепак, ова мало кнежевство има специјална улога во светот на мотоспортот благодарение на тоа што една од најпрестижните и најважните трки во светот се одржува токму тука.

Монако Formula 1

Првата F1 трка во Монако се одржала во далечната 1950 година, а од 1955 е дел од секој календар во Formula 1. Изгледот на патеката се менувал многу пати низ историјата, но најголемиот дел е иста шест децении. Но, со оглед на тоа дека е една од најмалите држави во светот и притоа е домаќин на гран при трка, веројатно се прашувате како Монако успева да ги претвори своите улици во легендарната тркачка патека која е позната и како „дијамант“ во Formula 1 календарот.

Трката се одржува во улични услови така што претворањето на обичните улици и патишта на ова кнежевство во тркачка патека која ги исполнува сите регулаторни норми на FIA не е нималку лесна задача. Во текот на три недели пред викенд настанот во Монако, околу третина од вкупните 3,3 километри патека добива нов слој со цел да се отстранат сите можни нерамнини кои можат да влијаат на возачите и нивните машини. Работите во главно се изведуваат навечер и по секции со цел да не се прекинува нормалниот проток на сообраќајот.

Процес кој трае со недели

Дури шест недели пред трката, организаторите стартуваат со поставување на привремени структури во што учествува и посебен тим на инженери, околу 600 шлепери и камиони кои се префабрикувани специјално за оваа намена со цел да се заштеди на време.

Монако Formula 1

Питовите доаѓаат во 120 различни секции кои потоа се склопуваат со помош на кранови во текот на две недели како голем комплет на Lego коцки. Трибините примарно се поставуваат крај водата, иако постојат и други места во казино секциите и пред тунелските влезови. Кога станува збор за оградите и бариерите, организаторите поставуваат преку 21 километар заштитни огради и 20.000 квадратни метри ублажувачи на удари крај патеките со цел да ги одржат возачите и публиката безбедни. Дополнително, тука се бројните пасарели и ходници за помош при навигација на пешаците во рамките на тркачката зона во текот на викендот.

И покрај сето ова, дури и за време на тркачките денови, патиштата и улиците во Монако се комплетно затворени само два часа, помеѓу 05:30 и 07:30 претпладне, што потполно ја истакнува комплексноста на целиот процес, кој од поставувањето до чистењето претставува една неверојатна комбинација на совршена логистика, координација и инженеринг.