Emmy наградите во неделата практично станаа најгламурозниот Zoom повик на светот, со холивудски ѕвезди од А-листата вклучувајќи се во Staples Center во Лос Анџелес преку своите домови во 10 различни земји.

Еве ги најзначајните појави на најголемите ѕвезди и нивниот изглед за првите големи награди во ерата на коронавирусот:

Политиката често има свое место на Emmy, па дури и без традиционалниот црвен тепих, оваа година не беше ништо поразлично.

Добитничката Реџина Кинг (Watchmen) облече розев костум со маичка на која беше ликот на Бреона Тејлор, афроамериканка која беше убиена во полициска престрелка во нејзиниот дом, а сликата на маичката беше проследена со зборовите Say Her Name.

Узо Адуба, која освои Emmy за најдобра актерка во споредна улога во лимитирана серија или телевизиски филм за Mrs America носеше едноставна црна маичка со името на Тејлор.

Креаторот на Watchmen Дејмон Линделоф облече маичка под неговото сако на кое пишуваше Remember Tulsa ’21 – референца на расистичкиот масакр во градот Тулса во Оклахома во кој загинаа околу 300 црнци во 1921 година.

Последниот презентер за вечерта, ѕвездата на This Is Us Стерлинг Браун носеше Black Lives Matter маичка со стисната тупаница.

Гламур

Секако, некои од ѕвездите кои се најдоа на сцената заедно со домаќинот Џими Кимел мораа да се облечат за да ги импресионираат сите и притоа воопшто не раочараа.

Изненадувачкиот победник Зендаја (Euphoria) воодушеви во скулптурна црно-пурпурна наметка од афроамериканскиот дизајнер Кристофер Џон Роџерс. Џенифер Анистон се појави со црн Dior фустан.

Номинираната Трејси Елис Рос (black-ish) се појави во секси златен фустан на Alexandre Vauthier со голем шлиц кој ги откриваше нејзините нозе.

Рис Витерспун и Кери Вашингтон имаа лажна новогодишна забава во чест на нивната серија Little Fires Everywhere и посакаа брз крај на тешката 2020 година. Носеа наметки, но еден гостин носеше и ретро Nirvana маичка.

Даниел Леви, креаторот и ѕвездата на Schitt’s Creek се одлучи за сив Thom Browne костум и килт. Неговиот аутфит беше потсетник на финалето на серијата во која неговиот карактер носеше слична облека за неговиот истополов брак.

Пижами и миленици

Секако, организаторите на учесниците им рекоа дека неформалниот шик изглед е посакуван, а голем дел од ѕвездите го прифатија тоа, па некои носеа гламурозни пижани, додека некои од нив „ги донесоа“ и своите кучиња на забавата.

Номинираната Октавиа Спенсер (Self Made) се појави со цветна наметка и пиеше вино, додека поранешната добитничка Алекс Борстајн се одмараше на џиновски кревет во свилена црно-розева комбинација на наметка и ноќница.

Претходната добитничка Рејчел Броснахан ги прифати сите трендови, носејќи шик пижама топ и се појави со своето куче. Џејн Линч, која е член од Maisel, се појави со својот миленик Руми, додека актерот Рендал Парк (Fresh Off The Boat) се појави зад сцената во Staples Center со алпака во лептир машна.

„Кога набрзина го читате мејлот ‘ќе презентирате заедно со алпака“, многу лесно може да ви се прочита ‘ќе презентирате заедно со Ал Пачино’“, изјави Парк.

Веројатно најпогодениот аутфит на вечерта беше хазмат смокингот, кој го носеа луѓето кои беа задолжени да ги посетат некои од Emmy добитниците во нивните домови за да им ги доделат златните статуетки.

Организаторите открија дека костумот бил дизајниран во соработка со производител на хазмат одела, со цел да се обезбеди врвна безбедност за куририте на наградите.