Фармерките се можеби најважниот дел од машката гардероба. Речиси нема нешто со кое не можат да се комбинираат и затоа тие се најчестиот избор на облека. Ги има секакви: темни, светли, класични, избледени…
Можете да одберете какви сакате за да го негувате вашиот стил. Но, има една работа на која мора да се внимава – нивниот крој. Колку и да се убави фармерките, нивниот крој мора да одговара на формата на вашето тело за да ви стојат убаво.
Ако не знаете какви да одберете, послужете се со овој краток водич за фармерки според градбата на вашето тело составен според советите на неколку стилисти.
Ако сте слаби и високи, одберете крој кој ја следи линијата на ногата и се стеснува надолу или тесни фармерки. Одбегнувајте ги широките, затоа што ќе изгледате смешно во нив.
Настојувајте да ви бидат точни кај задникот, затоа што на тој начин создавате слика дека сте пошироки. Истиот ефект го имаат и џебовите со капачиња. Избегнувајте штепови на џебовите и не додавајте метални додатоци за да не изгледате послабо, а од истата причина избегнувајте ги премногу избледените фармерки. Оние во потемни тонови подобро ви одговараат.
Крој на фармерки кој ја следи линијата на ногата одговара многу добро на атлетски градените типови. Овој крој би требало да ви одговара во половината, кај задникот и во бутовите и ќе ја истакнува вашата атлетска фигура.
Побарајте модел кој содржи 2-3% ликра за да можат фармерките малку да се шират доколку имате потреба од тоа, но не повеќе. За постојано да изгледате добро држете се до овој модел и избегнувајте ги тесните кои се лепат целосно за нозете.
Доколку имате широка градба на телото, треба да гледате да постигнете баланс, па најдобар избор за вас се фармерките со опуштен, прав крој, кои ја следат линијата на ногата, но се малку пошироки. Гледајте да се со повисок струк, значи да ви стојат над, а не под половината.
Тоа ќе ви даде некој сантиметар плус во бутовите и кај задникот, што ќе направи да изгледаат како да ви се комотни, а бидејќи надолу се со прав крој, вашите глуждови нема да изгледаат како да пливате во нив. Нема потреба да се криете зад широките фармерки затоа што тие ќе ве направат уште покрупни.
Како треба да стојат фармерките?
Фармерките треба да бидат тесни кај колковите и бутовите, а не претесни од колената надолу. Настојувајте да ви бидат точни на половината, а кај нозете може да ви бидат и еден број помали кога ги купувате.
Потоа ќе попуштат и ќе ви стојат многу подобро. Одберете подолги фармерки доколку сакате да ги подвиткувате.
Кои се актуелни трендови кај фармерките?
Без сомнеж, ова е година на светлиот џинс. Овој тренд ги освои повеќето мажи, а скоро сите брендови извадија одлични колекции на класични модели токму во оваа нијанса. Светлиот џинс прилега на секој лежерен стил.
Тесните фармерки заминуваат во историјата – тие се заменети со пошироки модели, кои се подвиткани на дното. Ваквиот модел коj ги открива патиките, чевлите па и самите чорапи е одличен детал за подигнување на стилот на едно повисоко ниво, кога се во прашање секојдневните комбинации.
Сè уште сме во доменот на искинатите фармерки и фармерките со рамен крој. Ова се покажа како тренд кој прилега на секого без разлика на стилот и вкусот за комбинирање, а поради тоа останува како еден од примарните трендови за наредните месеци.
Трендот на фармерките со детали дефинитивно се префли и во машката мода. По бројните тексас јакни, на ред се фармерките со интересни везови или “налепници” кои делуваат атрактивно и доста лежерно.