Повремено да се извадите од кожа е нормално. Да се налутите, да се изнервирате, да почувствувате дека ви врие крвта и дека ќе експлодирате. Но, постојано да се чувствувате како да сте Хулк, не е здраво ниту за вас ниту за околината.
Лутината се јавува од неколку причини. „Генерално станува збор за здрава емоција. Замислете како би изгледал човекот кој никогаш ништо не може да го налути?! Станува збор за емоција на која и’ се припишуваат претежно негативни конотации, кога всушност е емоција неопходна за човекот да преживее. Лутината сигнализира дека нешто не е соодветно, пријатно или прифатливо за вас“, објаснува психотерапевтот Џоти Рамеш.
Но, дури и да е нормална и здрава емоција, како и секоја останата, кога ќе излезе од контрола, тоа нее добро ниту за вас, ниту за околината. А единствениот начин да се справите со неа е да ја пронајдете искрата која ја поттикнува.
Џули Фридман, психотерапевт, советува: „Знаењето е моќ! Ако знаеме од каде потекнува и кој е изворот на лутината, лесно можеме да го прекинеме магичниот агресивен круг. Познавајќи го изворот, имаме две опции – или да го одбегнуваме или да развиеме стратегија за справување со него ако е неизбежен.“
Според Националното здравство на Велика Британија, најчестите извори на лутина се чувството на беспомошност, закана или непочитување. Но, експертите посочуваат дека причините се често индивидуални и многу нејасни за дефинирање, па така некој може да се изнервира поради метеж во сообраќајот, друг за пропаднати планови или неправда на работното место.
Тогаш, како да откриете што ви предизвикува лутина и нервоза?
- Првите фактори се оние кои предизвикуваат да се чувствувате нетрпеливо – Ако сте гладни, под стрес, околината не го слуша вашето мислење или сте уморни, ризикот за бес е уште поголем.
- Ако не станува збор за ниедна од овие 4 причини, тогаш барајте го изворот во луѓето (шефот на работа, член од семејството) места (редици, сообраќај) или нешта (социјална неправда, избегнување правила)
Неопходно е човекот да биде искрен со себе, бидејќи во најголемиот број случаи, секој човек знае што е она што му го крева крвниот притисок, што го нервира и што му предизвикува немир и лутина.
Научете да го препознате својот извор на лутина, да дишете длабоко во случаи кога не можете да го избегнете, да научите да се смирите себеси со внатрешен говор советувајќи се да не ги земате нештата толку при срце и да не ги оставате нештата неразрешени. Во спротивно, фрустрациите и бесот се акумулираат, па ескалираат така што се манифестираат во непожелно однесување.
А како ќе знаете дека сте претерале? Не грижете се, луѓето околу вас ќе ви кажат!