Спојувањето на часовникот со вашата облека може да биде едноставна, но сепак изнијансирана работа. Честопати кога станува збор за додатоци, часовникот е последен на листата, а тенденцијата за избор најчесто го правиме повеќе врз основа на практичност отколку на стил. Но, постои начин да се балансираат и двете потреби. Ние составивме листа на основните правила кои ќе ви помогнат да го изберете вистинскиот часовник за вистинската пригода.

Формално и неформално

Кодексот на облекување за кој се подготвувате треба да биде одлучувачки фактор за тоа кој часовник одговара на вашата облека. Ако носите јакна, тогаш има смисла да го споите со елегантен, тенок часовник. Но, спектарот на креативност е ограничен во формалната, бинис облека. Тука можете да играте со ремените, па наместо класичен црн ремен, можете да ставите темно син. За овие пригоди најдобро е да се препуштите на минимализмот.

Спортски и секојдневен

Да почнеме со „смарт кежуал“ и секојдневието. Имајќи во предвид дека носиме лесна облека, треба да имаме часовник без многу детали, со суптилна формална силуета. Не премногу големи и дебели, со графики.

Кожен или метален ремен

Правило број еден од прирачниците за мажи со стил. Ако носите кожни чевли, секогаш се препорачува ременот и ременот на часовникот да се совпаѓаат со нив, во боја, тон и текстура и финиш. Ако куќиштето на вашиот часовник е направено од жолто или розово злато, ременот треба да биде комплементарен со бојата. Исто така треба да се обрне внимание и на вратоврската, бидејќи таа треба да е комплементарна со целиот аутфит. Металните ремени добро се совпаѓаат со посветли кошули и блејзери, додека кожните со потемна комбинација.

Балансирање на деталите

Можеби најважната лекција на оваа листа. Кога се препуштате на блејзери, кошули или маици со графики и принтови, обрнете внимание на деталите. Сложената текстура на облеката треба едноставно да ја дозирате со додатоци, односно да ја смирите. Жолто злато, розово злато, па дури и нерѓосувачки челик може да се спари со манжетни, нитни, копчиња, со што би се оттргнало вниманието од сложената текстура на облеката и би се насочило кон часовникот. Но и тоа треба да биде компатибилно и со стил, умерено.