Тексасот e еден од најкрутите природни материјали кои постојат, а фармерките се најомилениот и најпопуларниот елемент од секојдневната облека. Во случај да потрошите голема сума на пари на квалитетен џинс, покрај тоа што треба време да ги „разносите“ доволно за да ви прилегаат совршено, сигурно сакате истите да траат со години. Во прилог ви носиме неколку предлози како да направите вашиот тексас да трае речиси вечно.
Перете ги фармерките што е можно поретко
Извршниот директор на Levi’s Чип Берг предизвика големо внимание пред неколку години кога во интервју откри дека никогаш нема испрано еден пар фармерки кои ги носи десет години. И додека тоа е екстремно, експертите се сложни дека колку повеќе го перете џинсот, толку побрзо материјалот попушта. Вебсајтот на Levi’s препорачува да ги перете фармерките само по секое 10-то носење, други препорачуваат дека интервалот од пет-шест носења е сосема разумно.
Неколку валканици или дамки не го оправдуваат перењето на тексас материјалот. Наместо тоа, исчистете го самото место со влажна крпа или влажно марамче. Доколку дамката е потврдокорна, обидетете се да ја исчеткате со стара четка за заби и малку сода бикарбона. Дозволете фармерките да се исушат на воздух.
Доколку мирисот на фармерките е малку понагласен меѓу двете перења и сакате да ги освежите, закачете ги во бањата додека се туширате со цел пареата да ги освежи. Други пак советуваат да ги ставите во ќеса и потоа да ги оставите во фрижидер на 24-48 часа, а идејата е дека студот ги убива бактериите кои предизвикуваат миризба.
Кога ги перете, правете го тоа нежно
Кога имате нов пар фармерки, проверете ги етикетите за инструкции околу перењето. Со оглед на тоа дека со текот на времето ќе избледат, можеби е паметно да ги исечете етикетите и да ги зачувате некаде за да ја зачувате информацијата околу перењето.
Имајте навика да ги проверувате сите џебови, не сакате да потрошите време и труд за да ги зачувате вашите фармерки, а на крајот да бидат уништени од пенкало или гума за џвакање која сте ја заборавиле. По ова, превртете ги одвнатре кон надвор и исперете ги во ладна вода со цел да спречите намалување и избледување.
Внимавајте со што ги перете вашите фармерки. Ставете ги во машина само со темни бои и ставајте едно до две тексас парчиња во една тура. Тексасот станува многу тежок кога е влажен и преголемиот товар во машината ќе направи потешко за водата и детергентот да циркулираат да перат соодветно.
Кога станува збор за детергентите, прочитајте ja и етикетата на истиот кој ќе го користите за вашите фармерки или било кои потемни облеки. Детергентите кои ги осветлуваат боите или кои произведуваат „побела бела“ боја содржат оптички избелувачки, кои ќе ги избледат фармерките и потемните бои.
Најдобро е да го сведете на минимум сушењето на фармерките во сушара. Како што посочува сајтот на Levi’s, наместо да ги сушите во електронска машина за сушење, закачете ги да се сушат природно на воздух. Ако се брзате со сушењето оставете ги превртени и поставете ги на сончева светлина.
Доколку имате декорирани фармерки со еден куп детали, најдобро е да ги исперете на рака со детергент кој е наменет за рачно перење. Истото важи и за искинатите фармерки, бидејќи при перење во машина искинатите делови можат да се закачат за машината или за другите облеки и да предизвикаат непосакувана штета на облеката.
Грижа за тексасот меѓу носење
Закачете ги тексас фармерките наместо да ги фрлите некаде кога ќе ги соблечете. Експертите предлагаат користење на закачалки. На тексасот му е потребно да дише, па затоа не ги трупајте вашите фармерки во плакарот и не ги диплете во фиока.
Кога ќе забележите знаци на износеност, како што е создавање на пукнатина или олабавување на џебовите, имате неколку опции. Ако сте вешти со игла и конец, можете да се обидете самите да ги средите. Ако не сакате да се нафаќате на ваква работа, слободно можете да си ги однесете на кројач кој може да ги направи фармерките по ваш вкус, со додавање на некоја апликација или некој вез.
Не постои ништо поудобно и посамоуверено отколку да носите фармерки кои се одлично износени и ви одговараат како кроени на вашето тело. Кога ќе ги доведете вашите тексас фармерки во таква состојба, ќе сакате да ги одржите што е можно подолго во истата, а со вистинска количина на нега и грижа, бидете сигурни дека ќе можете да го постигнете тоа.