Последните две недели животот ни се промени. Дневните распореди веќе ги нема, а го изгубивме и целиот ритам и рутина што ги имавме. Канцеларии, училишта, спортски сали, клубови, ресторани… беа нашиот социјален столб кој веќе го нема. За луѓето кои мора да учат и работат од дома оваа промена го наруши „балансот” кој го имавме порано. Дополнително на нарушената рамнотежа и социјалниот живот, вестите кои секојдневно ги слушаме во последно време само не вознемируваат, не држат во неизвесност и влеваат страв.
Фокусирањето во ваква ситуација е невозможно. Поради тоа е потребно да се релаксираме, бидејќи тоа доведува до поголема концентрација. Прво треба да сфатиме дека промената е неизбежна и дека ова ќе помине. За луѓето кои работат од дома битно е да не се опуштаат премногу, туку да се придржуваат до распоредот.
Почнете го денот со прошетка на отворено, трчање, возење велосипед, за да го вратите чувството на слобода, можност и перспектива. Ако не сте во можност тоа да го направите тогаш дозволете свеж воздух да циркулира во вашиот дом и почнете да вежбате.
Работењето во пижами не е опција, тоа е знак дека ви недостасува самодисциплина. Обележете си го просторот за работење и секако одржувајте го уреден и чист. Поврзете се со колегите и одржете состанок, денес светот на технологијата го дозволува тоа каде и да сте.
Направете планови, дури можете да размислите што можете да направите „после работа“. Поставете си цели, надоградете се со некоја онлајн обука или научете јазик. Работењето од дома има и позитивна страна, го пиете вашето омилено кафе. Сега е добро време да се откажете од некои лоши навики и да почнете да внимавате што јадете и колку спиете.
Намалениот стрес, менталното внимание доведува до поголема одлучност и зголемена продуктивност па можете да се изненадите колку сте креативни. По некое време повторно ќе се вратиме на нашиот стар живот, но засега треба да ја прифатиме ситуацијата и да се опуштиме и уживаме во опкружувањето, семејството и времето кое си го посветуваме.